1016 hPa
30 %
26 °C
Скопје - Чет, 21.05.2026 15:06

Ана Марија Моикс
Големата шпанска поетеса и преведувачка Ана Марија Моикс почнала да пишува за фудбалот во седумдесеттите, најмногу за клубот Барселона, кој редовно го следела. На стадионот Камп Ноу со семејството одела уште како тинејџерка во шеесетите. Нејзината мајка била голема обожавателка на унгарскиот фудбалер Ладислав Кубала и жестоко ги навредувала играчите што влегувале во дуели со него. Во редот пред семејството Моикс секогаш седела истата жена, вдовица која со својот тинејџерски син на натпреварите патувала од Сабадел, индустриски град во околината на Барселона.
Моикс е една од трите жени чии приказни се вклучени во фудбалската антологија на Хорхе Валдано „Cuentos de Fútbol 2“ (Фудбалски приказни 2), објавена во 1998 година. Меѓу 22-те приказни се најдоа и расказите на шпанските писателки Хосефина Алдекоа и Соледад Пуертолас. Пуертолас за Светското фудбалско првенство пишувала и во 1982 година за мадридскиот дневен весник Diario 16. Во првите „Фудбалски приказни“, објавени во деведесеттите, антологија што исто така ја уредил Валдано, меѓу 24 фудбалски раскази на познати писатели била вклучена една што ја напишала жена, ценетата шпанска авторка Роса Регас. Моикс во 2012 година ја објавила сопствената збирка раскази „Un poco de pasión y otros cuentos de fútbol“ (Малку страст и други фудбалски приказни), во која, меѓу другото, се прашува дали е можно да се задржи контрола врз емоциите додека се следи дербито на клубот за кој се навива, дали постои посоодветна активност од фудбалот за социјализација на дете и во што се слични ирационалноста на фудбалските и книжевните стремежи.
Француско-сенегалската писателка Фату Диом со суровата реалност на фудбалскиот бизнис се занимавала во романот „Le Ventre de l’Atlantique“ (Стомакот на Атлантикот), објавен во 2003 година. Во романот нараторката од Стразбур телефонски го известува својот полубрат за текот на натпреварите на италијанската репрезентација, кои тој не може да ги следи на телевизија на островот Ниодјор, крај брегот на Сенегал. Потоа ги следиме неговите соништа и соништата на мигрантите слични нему кои планираат да дојдат во Франција, да добијат професионални договори и да станат богати и славни фудбалери.
Шкотската поетеса Керол Ен Дафи лани го напиша сонетот „We see you“ (Ве гледаме) во чест на фудбалерките од англиската репрезентација, поранешни, сегашни и идни, од Мери Филип, првата црна фудбалерка што била капитенка на англиската женска репрезентација, до Пат Дан, која во шеесеттите била една од првите фудбалски судијки. Новиот сонет бил повод Дафи во медиумите да се присети на својата љубов кон фудбалот што трае од детството. Нејзините браќа тренирале фудбал, татко ѝ извесно време го водел локалниот клуб Стафорд Таун, а мајка ѝ ги перела дресовите на целата екипа. Затоа Дафи во стиховите ги споменува и жените што го создавале фудбалот со позадинска работа, од секретарки до готвачки. Меѓу многуте фудбалски песни што ги напишала од деведесеттите наваму е и „Ехото на Ливерпул“, во која ја тематизира катастрофата на Хилсборо во 1989 година и долгата борба за правда на семејствата и пријателите на загинатите навивачи. Во 2010 година ја напиша поемата „Ахилеј“, откако Дејвид Бекам се повреди и не можеше да настапи на Светското фудбалско првенство.
Ве гледаме, книжевнички фудбалски, поранешни, сегашни и идни.
Извор: https://sdf.hr/