1004 hPa
47 %
14 °C
Скопје - Саб, 16.05.2026 23:00

Јуанченг Рајан Лу
Нема стар лав кој не би сакал да биде младо магаре. Така некако гласи суштината на жалопојките на оние на кои младоста одамна им е зад грбот. Уште во 1896 година Х. Г. Велс ја напиша фантастичната „Приказна за покојниот господин Елвешам“ за богат старец кој со измама го заменува своето тело со телото на млад студент по медицина (кому претходно му го подарил целото свое богатство). Младиот човек се буди во телото на старец на умирање без никаква можност да докаже кој е и како бил измамен, додека поранешниот старец ужива во младоста и богатството.
Во една друга приказна, на чиј извор не можам да се сетам, млад човек љубоморен на славата на стар научник посакува да ги заменат телата и тој да ги преземе неговото знаење и мудрост, само за предоцна да сфати дека со мудроста го добил и товарот на остареното и болно тело кое исчезнува. Што се однесува до темата подмладување, овие приказни носат порака дека секој таков обид бара и свои жртви.
Човечката глад за младост е извор на огромни профити за козметичката и сродните индустрии. Ветувањата што притоа се рекламираат далеку го надминуваат она што се нуди во реалноста. Меѓутоа, работите полека се менуваат, и тоа на подобро. Молекуларната биологија и медицината заснована врз неа направија крупни чекори во разбирањето на процесите што можат да доведат до обновување на оштетените органи, па и на нервниот систем.
Во Јапонија веќе се дозволени клинички истражувања за употребата на репрограмирани сопствени матични клетки со цел регенерација во лекувањето на Паркинсоновата болест и болестите на срцевиот мускул, миокардот. Од безбедносни причини бројот на пациенти во ваквите испитувања е мал за да се избегнат можни фатални грешки кај голем број испитаници. Засега, со сета претпазливост поради малиот примерок, резултатите се ветувачки.
.jpg)
Шинја Јаманака
Вистински нов пробив направи Јуанченг Рајан Лу, соработник на Дејвид Синклер, водечки научник во областа на истражувањето на стареењето и епигенетиката, од Харвард, САД. Тој по повеќегодишни обиди со различни методи да им го подобри видот на луѓето со глауком успеал да ги регенерира клетките на оптичкиот нерв, секако кај лабораториски глувци, за што неодамна пишуваше Nature. Освен тоа, со внесување три нови гени во окото на глушец успеал да ги подмлади старите клетки. Сега тие истражувања се на чекор до клинички испитувања врз луѓе.
Возбудата поради откритието дека старите клетки можат да се подмладат, односно да се вратат во младоста, отвора возбудливи можности за подмладување и регенерација на други органи како што се црниот дроб, бубрезите па дури и мозокот.
Темел за наведените откритија е работата на Шинја Јаманака од 2006 година. Тогаш тој и неговите соработници откриле дека четири протеини, денес познати како Јаманакини фактори, можат да трансформираат возрасни клетки во специјални матични клетки наречени iPS, кои потоа можат да преземат нови функции. Токму тие клетки се темел на погоре наведените истражувања за лекување на Паркинсоновата болест и хроничната слабост на срцевиот мускул.
Ете, влегуваме во ерата на подмладување на клетките на нервниот систем и органите. Бавно, но сигурно, дел од тоа ќе се оствари и во практиката.
Останува прашањето како да се подмладат и регенерираат остарените и сè поболни општества во светот. Некои мислат дека тоа најдобро се решава со војни, масовно убивање цивили, трка во вооружување и развивање нови орудија за убивање базирани на употреба на вештачка интелигенција, дезинформации и манипулации на јавноста со лажни вести, замаглување на реалноста со монтирани фотографии и филмови и густа магла на социјалните мрежи.
Извор: https://www.portalnovosti.com/