1015 hPa
30 %
25 °C
Скопје - Чет, 21.05.2026 15:59

Додека ракети, бомби и дронови прелетуваат над Персискиот Залив, на Пацификот растат шансите за избувнување на уште поразорен судир. Затоа деескалацијата на новата студена војна меѓу Соединетите Држави и Кина мора да се постави како водечки планетарен приоритет. Во таа насока треба да се разбиe длабоко вкоренетиот мит кој избувнувањето на оваа војна го прави уште поверојатно: идејата дека Кина денешното ниво на просперитет го достигнала служејќи се со измами.
Точно е дека кинеската економија придонесува за сериозни глобални макроекономски нерамнотежи. Тоа е проблем што мора да се решава. Но тоа е нешто сосема различно од пригодната фикција на западните елити кои, прикривајќи ги сопствените неуспеси, тврдат дека подемот на Кина се темели на дволичност, нечесни практики и измама. Таа фикција не е само корисна завеса. Во мерата во која го подготвува западното јавно мислење за војна, таа е и опасна.
Митот за нечесната Кина се темели на пет лажни обвинувања. Првото гласи дека Кина ја „украла“ интелектуалната сопственост на западните компании. Вистината е дека западните мултинационални компании со децении се натпреваруваа да ѝ ја понудат својата интелектуална сопственост на Кина во замена за пристап до огромниот кинески пазар. Кинеските власти, кои планираат на временски хоризонт од 50 години, им возвратија со неодолива понуда: можете да влезете на нашите пазари под услов да ги научите нашите луѓе како се произведува вашата стока. Западните деловни лидери, кои размислуваат во квартали и евентуално на среден рок, прифатија без двоумење.
Второто обвинување гласи дека Кина вештачки ја одржува потценетоста на својата валута. Тоа подразбира дека постои некаков „правилен“ курс и дека кинеските власти пресметано го држат јуанот под тоа ниво. Во теорија, правилен курс е оној со кој билансот на некоја земја се одржува во рамнотежа. Во пракса, тоа значи дека доларот е силно преценет, за што сведочи огромниот дефицит на Соединетите Држави.
.jpg)
Накратко, обвинувањето дека Кина вештачки го одржува низок курсот на својата валута е само другата страна на обвинувањето дека Соединетите Држави ги финансираат своите дефицити привлекувајќи туѓ капитал. Во таа смисла, западот кој се потпира на преценетиот долар живее во куќа од стакло. Затоа фрлањето камења не е мудра политика.
Третото обвинување се однесува на кинеската контрола на движењето на капиталот, што се прикажува како уште еден облик на подметнување. Дали заборавивме дека златната доба на капитализмот, епохата на Бретон Вудс од педесеттите и шеесеттите години на минатиот век, подразбираше контрола на капиталот во Соединетите Држави, Европа и Јапонија? Образложението беше едноставно: ниту една држава не е ниту законски должна ниту морално обврзана да им дозволува на финансиерите да ја преплавуваат со нетрпелив „жежок“ капитал или тој капитал преку ноќ да го повлекуваат од некоја земја.
Четвртиот столб на митот – наводно огромниот вишок капацитети на кинеската индустрија – го побиваат расположливите податоци: искористеноста на капацитетите во Кина е нешто под 75 проценти, што е под нејзиното ниво во Соединетите Држави. Залихите се стабилни. Профитот на кинеските извозници порасна за повеќе од 10 проценти. Значи, вишоци на капацитети нема.
Тоа обвинување всушност е обид за одбрана од нешто што навистина ја боли конкуренцијата на западот: тоа е хиперконкурентноста што Кина ја достигна со одлично планирање и вложување во врвно евтино образование и обука. Кога ќе видиме како компаниите во Шенжен развиваат четири различни прототипови за дел од трошоците и времето што би ѝ биле потребни на компанија во Штутгарт или Илинои да развие само еден прототип, не можеме сериозно да тврдиме дека конкурентноста на кинеските компании е резултат на дампинг. Но за западните лидери таквото толкување е политички поприфатливо отколку да им објаснат на гласачите дека Кина успешно разви единствена дистрибуирана невронска мрежа на производствена интелигенција.
Петтото обвинување, можеби и најчесто, гласи дека кинеските работници недоволно трошат и дека не се доволно платени. Можеби е така. Но во однос на кого? Потрошувачката во Кина растеше многу побрзо отколку во азиските производствени сили поврзани со западот, од Јапонија и Јужна Кореја до Индонезија и Малезија. Кога нивните економски чуда достигнаа споредливи нивоа на развој, овие земји доживеаја нагло забавување на растот на масовната потрошувачка, што во Кина не се случи.
.jpg)
Исто така, кинеските плати драматично пораснаа. Пред само две децении, кинеските производствени трошоци по час работа беа пониски од оние во Индија. Оттогаш тој трошок во Кина се зголеми осум пати, додека во Индија само се удвои. Значи, платите во Кина денес се повисоки отколку во која било од азиските земји во развој.
Овие заблуди предизвикуваат нелагодност во западните центри на моќ. Некогаш непобедливите западни корпорации ја доживуваат кинеската технолошка предност како закана. Кога им е потребна посигурна, поквалитетна и поевтина стока, земјите во развој се свртуваат кон Кина. Затоа прибегнувањето кон обвинувања донекаде е разбирливо. Но сега сите на западот треба да застанат и да размислат, зашто соочувањето со вистината за кинескиот развој служи за зачувување на глобалниот мир.
Факт е дека западните корпорации не се поразени од Кина; самите ѝ се продадоа. Префрлија производствени работни места во Кина, ги уништија синдикатите и се откажаа од интелектуалната сопственост заради брза заработка. Додека Соединетите Држави, Велика Британија и Европската унија спасуваа криминалци од банкарскиот сектор и започнуваа нелегитимни војни, Кина вложуваше во образование, железничка мрежа, функционален здравствен систем, зелена енергија, паметни дистрибутивни мрежи и производствени центри способни да организираат истражувања и развој и да воведуваат иновации на ниво за кое повеќето западни земји можат само да сонуваат.
Време е западот да се откаже од обвинувањата против Кина за одлуките што ги носеа деловните лидери на западниот свет, Волстрит и купените политичари. Санкциите против Кина не можат да ги надоместат нашите лоши индустриски политики. Уште полошо е што истите луѓе кои ја создадоа ноќната мора во Персискиот Залив сега ни сервираат евтина синофобија и подготвуваат терен за уште полуда воена конфронтација на Пацификот.
.jpg)
Карикатури: Patrick Chappatte
Извор: https://www.project-syndicate.org/