Голготата на жените (дванаесет песни)

16.04.2026 15:32
Голготата на жените  (дванаесет песни)

На 18.06.26. во Битола разговор за творештвото на Славица Гаџова Свидерска (1984-2025).


 

УЛИЦАТА НА ПРОКСА

Во улицата на која израснав
живееше една Прокса
што ја знаеше Библијата наизуст
и постојано зборуваше
за последните времиња
За сè што ќе се случеше велеа
ете, за ова зборуваше Прокса
Кај неа одеа
да ги растајнат соништата и кошмарите
само оние најхрабрите
Улицата на која израснав
беше како излезена од некој роман
Прокса пророкуваше
Вера секој ден одеше в црква
свиткана во грбот под деведесет степени
веќе втор век го носеше истото тегетно здолниште
и истата квадратна чанта
Нада фрлаше враџбини
Цара стоеше на клупа од утро до вечер
зборувајќи со мачките и со птиците
Лила трчаше низ улицата по гаќи
и ја пцуеше државата
дури не ја собереше
комбито од душевната болница
Но само најхрабрите
влегуваа кај Прокса
да си го дознаат
крајот

 

КОЦА

Во селото се зборуваше
дека ги знаеш вештерските работи
Велеа
кому му го пресечеш патот -
ќе умре
кого лошо ќе го погледнеш -
ќе се разболи
Велеа дека во некој голем казан
вариш срца од гулаб, глувчешки нозе
и заби од дива свиња во дождовница
дека расфрлаш заплеткани конци на праговите
и ги попрскуваш куќите со крв
за луѓето да се ненавидат
Никој не ги засведочи твоите магии
можеби луѓето беа гладни за приказни
или им беше потребен некој да се плашат од него
а така, пак, полесно се сплотуваа
и полесно минуваа низ бремето
а којзнае колку големо беше твоето бреме
во куќарката со мали прозорци
Којзнае
колку големо беше
твоето
искушение

 

 

ЦВЕТА

Во старечкиот дом
се пресели како осумдесетгодишна
заедно со својот шеесетгодишен син
со Даунов синдром
и таму го хранеше
го преоблекуваше
и го заспиваше
го прегрнуваше
кога сонуваше дека доаѓаат по него
да го разделат од тебе
Наоѓаше време и за оние
што не можеа да станат од креветите
оти правилото во домот беше такво:
оние што се на нога да варат чај и кафе,
а оние другите – да пеат
да раскажуваат и прикажуваат

 

МИТРА

Низ раце ти поминаа
толку деца и внуци
а заврши во дом за стари
со отворени рани на грбот
од лежење
во жолтеникав круг од мочка
околу кој кружеа зелени муви
Главите на сите
твои цимерки
беа истрижани до кожа
оти фатија вошки
собата ти беше ќелија
за која надвор
беше исто толку недостижно
колку што е месечината
една мала гасеница
на одамна несобуениот чорап
чекаше да се претвори во летмара

 

 

АНЕТКА

Ми раскажа
како ти загина помалиот син
паѓајќи со главата
врз ќошот од училишната клупа
Како го изгуби
речиси сето месо од едната нога
додека брзаше да му ја однесеш
роденденската торта на постариот
Додека раскажуваше
очите ти беа како школки
на чии рабови
кристализирала солта во бисери
оти веќе немаше вода за солзи
Додека раскажуваше
стоеше цврсто и стамено
напојувајќи се со сила од некој таинствен извор
Од тебе сè уште бликаше надеж
како вруток во кој се слеваат стопените снегови
Си бојадиса еден прамен
од русата коса во розово
си го мачкаше лицето со крем
од ружино и од арганово масло
рацете и ноктите ти беа совршени
силата на верата ти беше надземска
Стоеше толку цврсто и стамено
на двата вештачки колкови
што се засрамив
од својата
слабост

 

ЗДРАВКА

Ми раскажа
како удри во билборд
со автомобилот
како ја смачка десната рака
и како ти ја спасија со цевки и шрафови
а колку пати имаше куртулено
и од лошо и од полошо
Раката ти треба да готвиш,
да пеглаш и да пружаш алишта
раката ти треба
да го изгониш злото од домот со метла
заедно со ронките и со правта
раката ти треба да се исчешлаш
да си ставиш кармин
да им бидеш убава на домашните
Ти треба раката
да галиш и да прегрнуваш
да се бориш и демоните
да ги оттурнуваш од себеси
треба да ги избришеш прозорците
да влегува повеќе сонце
Затоа почнуваш да вежбаш
треба прво да кренеш пердув
за да можеш подоцна
и карпа
да поместиш

 

ЛЕТКА

Никој те немаше видено
без шминка
ни сопругот, ни децата
Шеташе низ градот
како порцеланска кукла
со свилени трепки
и без ниедна дамка на лицето
Никој го немаше видено
твоето вистинско лице
Којзнае колкава грижа
сокриваше со пудрите
којзнае колку бледа
беше таа празнина
постојано гладна
за силни бои
којзнае колку грда
беше таа болка
на која секојдневно
ѝ требаше
украсување

 

МИЛКА

Милка постојано
ја проветруваше постелнината
ја редеше на балконот
да се исполни со свеж воздух
и со сончеви зраци
(во душата имаше
една темна, влажна
и непроветрена соба
од која го загубила клучот)
Милка постојано
ги дезинфицираше кујната и бањата
фрлајќи тешки киселини
да ги уништат сите бацили
(на душата имаше
една болна, гнојна
и незацелена рана,
што никако не можеше
да ја исчисти)

 

ЕДНА ЖЕНА

Среде џагорот на пазарџиите
една жена
го влечкаше за рака
својот бесловесен син
Тој кажуваше што сака
од разнобојните плодови на тезгињата
со звуци и крици
Брзајќи во метежот
меѓу купувачите и продавачите
жената им се извинуваше
на сите
Таа постојано се извинуваше
а беше
без вина

 

НЕПОЗНАТА

Собираше пластични шишиња
од контејнерот
ти помагаа неколку деца
родени едноподруго
Блузата ти беше претесна
за големиот стомак
Собравте пластични шишиња
од контејнерот
најмалото од децата
писна од радост
населбата ја исполни
неговата жуборлива смеа
беше толку среќно
среде сметот пронајде
скриено богатство:
празна кутија
од играчки

 

ФАРАХ

Градот беше прав и пепел
куќите паѓаа една врз друга
како домино
но ти не се откажуваше
од својот порив
за совршенство и за симетрија
беспрекорно
диплејќи ги закрпените
детски алишта
Градот беше прав и пепел
а ти сакаше да го исчистиш
со својата мала крпа
Можеше кадата
да ја претвориш во базен
додека децата пливаа во неа
меѓу две бомбардирања
ти го пиеше попладневното кафе
зачинето со кардамон
Градот беше прав и пепел
куќите паѓаа една врз друга
како домино
но ти не се откажуваше
од својот порив
за радост

 

ШЕФКИЕ

Еден ден си рече
доста е
нема повеќе
да се будам со модрици
и да си легнувам со скршени ребра
Еден ден ja зеде
правдата во свои раце
станувајќи џелат
на џелатот му пресуди
со сурова смрт без почивалиште
расфрлајќи го неговото искасапено тело
во контејнерите за ѓубре
Го парчоса со ножот
со кој го сечевте лебот секое утро
лебот што во твојата уста
се претвораше во пелин
а во неговата во лиги од беснило
Не знам дали се покаја
ама рече
слободата ја најдов
зад решетките

 


Лидија Димковска

За Golgotha Feminarum (фрагмент)

Славица Гаџова Свидерска за наслов на збирката ja избира латинската кованица Golgotha Feminarum, а латински изрази им дава и на трите поетски циклуси во книгата именувани како Mortuae, Vivae и Via Crucis. Авторката, користејќи „мртов“ јазик, на симболичен начин ги поставува своите хероини, живи или мртви, на патеката на распетието, во средиштето на голготата на женскиот род. Применувајќи имагинарен регистерски пристап кон личноста на секоја хероина, авторката ѝ дава простор и време како во необичен именик, проширен со информации и забелешки до таа мера што формата подлегнува под содржината, а за доброто на песната. Алузијата на христијанското новозаветно страдање е очигледна, но не е наметлива и нема идеолошки примеси. Пред нас се редат судбините на триесетина жени, половина живи, половина мртви, но сите турнати од рацете на општеството, на автопатот на судбината и оттаму директно во јаремот на голготата. Всушност, голготата на жената е долготраен процес на страдање, крунисан со погубување што на ироничен начин претставува и олеснување, кратење на маките.

Читајќи ги овие наративно-поетски обраќања, констатации или дијалози со конкретни женски ликови, сопруги, мајки, вдовици, самотнички, бегалки, напуштени или заробени жени, со име, карактер, навики, ставови, со лични животни приказни, и со политички тела (и дух) кои се најчесто злоупотребени, изманипулирани, отфрлени, и крајно утилитарно искористени за задоволување на машките потреби, но и на потребите на системот кој се храни и живее на сметка на женскиот труд, стануваме свесни дека секој(а) од нас може да е или да стане Вана, Галија, Султана, Велика, Митра, Јилдиз, Шефкие, Здравка итн.

Golgotha Feminarum е поетска збирка која плени со својата едноставна, но длабока, автентична, луцидна и ангажирана поетска смисла и цел. Ова „женско“ писмо на Славица Гаџова Свидерска, која и претходно, во своите песни, есеи и студии се посветува и залага за рамноправноста на жената, е лекција на часот на човечкото достоинство што не смее да се пропушти за да не се повторува историјата што поетесата толку успешно ја отелотворува во своите стихови.



Слики: Aleksandra Waliszewska 

Извор за песните: Славица Гаџова Свидерска - Golgotha Feminarum, 2023

ОкоБоли главаВицФото