Тактички импресивен политички пораз

17.04.2026 00:52
Тактички импресивен политички пораз

Првата рунда американско-ирански преговори заврши со неуспех. И Вашингтон и Техеран на разговорите за завршување на шестнеделната војна им пристапија сериозно. За тоа сведочат бројноста и составот на делегациите: во Исламабад дојдоа стотици дипломати, на чело на американскиот тим беше потпретседателот Џеј Ди Венс, додека Иранците ги предводеа можеби највлијателниот преживеан водач, поранешниот висок командант на Револуционерната гарда и актуелен претседател на парламентот Мухамед Багер Галибаф и министерот за надворешни работи Абас Арагчи.

Тоа е средба на највисоко ниво од 1979 и исламската револуција, па медиумите со извесна причина ја оценија како историска. Беше наивно да се очекува дека полувековното непријателство и дваесетгодишниот конфликт околу иранската нуклеарна програма ќе се решат за дваесетина часа разговори.

На администрацијата на Обама ѝ беа потребни две години за договорот од 2015. Сегашната ситуација е неспоредливо потешка: општата американско-израелска агресија резултираше со илјадници мртви, проширување на војната на десетина држави и воспоставување иранска контрола над Ормускиот теснец, клучен за светската економија.

За санкциите наметнати врз Иран и имотот замрзнат во странство договор веројатно може да се постигне. Но, покрај прашањето за проиранските регионални паравоени формации – пред сè Хезболах, за кој се водат и израелско-либански преговори – токму нуклеарната програма и Ормускиот теснец се главните точки на спор.

Двата проблеми во голема мера или исклучиво се последица на ароганцијата и стратешката глупост на Доналд Трамп и неоконзервативната фракција на американскиот естаблишмент, нетрпелива кон Техеран и насочена кон воспоставување целосна доминација на Блискиот Исток. На овие фактори треба да се придодаде и Бенјамин Нетанјаху, за чија улога во одлуката на Трамп за војна опширно пишуваше New York Times.

За израелскиот премиер рушењето на иранскиот режим претставува исполнување на животна опсесија, воедно и триумфална карта за есенските парламентарни избори и начин да се спаси од судење за корупција. Вашингтон и Тел Авив ниту со убивање стотици ирански функционери ниту со бомбардирање околу петнаесет илјади цели не ја постигнаа целта: според зборовите на аналитичарот Али Ваез, „во оваа војна главното прашање никогаш не било дали може да му се нанесе штета на Иран, туку дали таа штета ќе го натера на покорност. А, засега, не го натера.“

И покрај тактички импресивните постигнувања, САД и Израел се најдоа пред политички пораз, па Вашингтон сега преку дипломатија настојува да постигне договор за ограничување на иранската нуклеарна програма, сличен на оној од кој Трамп се повлече, како и договор за воспоставување слободна пловидба низ Ормускиот теснец, кој пред нападот врз Иран беше отворен. Накусо, САД се обидуваат да ги решат проблемите што самите ги создадоа.

Според извештаите, во Исламабад Американците барале дваесетгодишна целосна суспензија на нуклеарните активности, додека Техеран понудил петгодишна пауза и разредување на резервите на високо збогатен ураниум. Иранската понуда претставува повеќе од она што САД некогаш претходно го постигнале, истакнува Роберт Мали. Освен што тоа било остварливо без конфликт, нагласува поранешниот главен американски преговарач со Иран кој учествувал во постигнувањето на договорот од 2015 година, таа маргинална добивка не ги оправдува нелегалната војна, убивањата и предизвиканата глобална економска траума.

Техеран правото на збогатување ураниум го доживува како прашање на национален суверенитет, додека контролата над Ормускиот теснец ја гледа како средство за одвраќање и како полуга посилна од нуклеарната програма. Наплатата за користење на пловниот пат, се проценува, на Иран би му носела 7,75 милијарди долари годишно, наплатени наместо воена отштета.

Значи, не би плаќале агресорите, туку компаниите и државите од целиот свет. Иранските лидери веројатно преку ценкање со нуклеарната програма и контролата на теснецот ќе настојуваат да добијат и некакви безбедносни гаранции; секако, не е извесно дека ќе дојде до враќање на status quo ante bellum.

И покрај разбирливата недоверба и разликите во ставовите, најавите дека преговорите ќе продолжат не изненадуваат. Двете страни имаат изразен интерес по 22 април и истекот на примирјето повторно да не избувне конфликтот. Трамп се доведе во тесно и итно му е потребен некаков исход што, колку и да е неосновано, може да се прогласи за победа.

Во исто време, растот на цените на бензинот и инфлацијата, од 3,3 проценти на највисоко ниво од 2023 година, се заканува и онака лошите шанси на Републиканската партија на есенските избори за Конгресот да ги претвори во потоп. Идејата дека на иранската селективна блокада ќе ѝ се доскокне така што САД ќе го блокираат Ормускиот теснец претставува опасна коцка, која би можела да ја влоши ситуацијата. Освен што и самиот тој, донекаде апсурден, потег дополнително би ја задушил светската економија, Техеран за возврат преку хутите би можел да го блокира и Баб ел-Мандеб, уште една артерија на глобалната трговија.

Личен интерес за успехот на преговорите има и Венс, кој не го криеше противењето на војната, па Трамп веќе сигнализира дека како свој наследник го преферира државниот секретар Марко Рубио. Неуспехот во приведувањето на војната кон крај, што веројатно не би било негова вина, дополнително би ја урнал политичката иднина на Венс.

И покрај реториката, и Техеран е заинтересиран за договор. Во класична воена смисла целосно подреден, Иран со асиметрично војување успеа да остане во рингот и да ја разниша сликата за американската семоќ. Но режимот се соочува со економски, а среднорочно можеби и политички распад. Иранската економија и претходно беше во тешка криза, со годишна инфлација од околу 50 проценти.

Поради војната цените експлодираа, без работа останаа повеќе од еден милион Иранци, додека воената штета се проценува на 270 милијарди долари. Американската блокада на поморскиот извоз на нафта би ја турнала земјата уште поблиску до бездната. Порано или подоцна би избувнале нови масовни протести, при што неодамнешните беа задушени во крв со илјадници убиени.

А иранските лидери ги ризикуваат и сопствените животи. Во својот пркос кон Вашингтон, тие се обложуваат дека Иран може да издржи повеќе од САД. За нив конфликтот е егзистенцијален, а за Трамп периферен, па можеби и се во право. Но компромисот е единствениот разумен излез: исходот на оваа војна тешко може да се оцени како победа за кого било. А последиците никако не се ограничени само на Блискиот Исток.

Шефот на Меѓународната агенција за енергија, Фатих Бирол, изјави дека светот се наоѓа во енергетска криза поголема од нафтените шокови од 1970-тите и руската агресија врз Украина заедно. Меѓународниот монетарен фонд, во случај на понатамошна ескалација, предвидува глобална рецесија, додека Европската централна банка ја намали проценката за растот на БДП на еврозоната од 1,2 на 0,9 проценти.

Очекуваниот раст на германската економија е преполовен. Драстично се погодени монархиите од Персискиот Залив, кои со години градат економија заснована на висока технологија, финансиска индустрија и туризам. За тоа, меѓутоа, предуслови се безбедноста и стабилноста. БДП на Катар ќе падне за 13, на Емиратите за осум, а на Саудиска Арабија за 6,6 проценти.

ОН предупредуваат дека војната би можела да турне во сиромаштија 32 милиони луѓе ширум светот. Освен енергенсите, значително растат цените на храната, алуминиумот и уште многу други нешта; протестите веќе ги тресат земјите од Ирска до Филипините. А вистинските размери на кризата, дури и без продолжување на војната, допрва ќе се почувствуваат.

Во геополитичка смисла, државите од Заливот ќе мора да се справат со иранскиот режим, кој ги нападна безобѕирно за да создаде дополнително средство за притисок врз САД. Поради низа настани, Иран во последниве години изгуби голем дел од својата регионална моќ. Истражувањата спроведени по разурнувањето на Газа веќе регистрираа огромен пад на довербата во регионалниот поредок предводен од САД во арапските земји.

Арапските лидери сега дополнително ќе размислат колку е паметно сопствената безбедност да му ја доверат на Вашингтон, од каде Трамп понижувачки порача дека саудискиот престолонаследник Мухамед бин Салман „не мислел дека ќе го бакнува мојот задник“, а поради неговото противење на војната се нафрли и врз папата Лав XIV.

Анкетата на Европулс покажува дека во шест важни земји од Европската унија само 12 проценти од граѓаните САД ги сметаат за близок сојузник, додека 36 проценти веруваат дека таа земја претставува закана, повеќе отколку што истото го мислат за Кина. Сојузниците од НАТО одбија да учествуваат во војната, а отворена иритација од деструктивниот и суетен „газда“ на САД сè повеќе покажуваат до неодамна сервилно настроените лидери на Велика Британија и Италија, односно Кир Стармер и Џорџа Мелони.

Против САД се свртуваат дури и жестоките поддржувачи на Трамп од европската радикална десница: Тино Хрупала од Алтернатива за Германија побара Берлин да ѝ го ускрати користењето на тамошните бази на американската војска. Не е незамислив распад на американските регионални сојузи, вклучително и НАТО, иако тоа веројатно нема да се случи преку ноќ.

Аналитичарите повлекуваат паралели со Суецката криза од 1956, која го означи крајот на Велика Британија како светска велесила. Но благодарение на огромната економска и неспоредливата воена моќ, САД уште долго ќе останат клучен геополитички актер. Сепак, нападот врз Иран би можел да се покаже како пресвртна точка во светската историја, настан што го забрза слабеењето на американската моќ и симнувањето од позицијата на светски хегемон.

Карикатури: Thiago Lucas

Извор: https://www.portalnovosti.com/