1003 hPa
51 %
14 °C
Скопје - Саб, 16.05.2026 21:59

Никогаш во историјата на Америка толку мал број луѓе не поседувале толку големо богатство и моќ. Еден процент на врвот денес поседува повеќе богатство од 93 проценти од Американците на долниот дел од социјалната скала. Богатството на само еден човек, Илон Маск, изнесува 805 милијарди долари, што е повеќе од вредноста на имотот со кој располагаат 53 проценти од американските домаќинства на долниот дел од скалата.
Таа голема нееднаквост се продлабочува. Само минатата година, откако од Доналд Трамп добија најголеми даночни олеснувања во историјата, 938 милијардери во Америка го зголемија своето богатство за 1,5 трилиони долари. Претседателот Трамп и неговото семејство се побогати за 4 милијарди долари.
Никогаш во историјата на Америка немало таква концентрација на сопственост врз имот. Профитите забрзано растат, а неколку џиновски корпорации доминираат во сите сектори на економијата и наплатуваат сè повеќе и повеќе за своите производи и услуги. Четири компании од Волстрит – BlackRock, Vanguard, Fidelity и State Street – заедно се сопственици на повеќе од 95 проценти од американските корпорации.
Никогаш во историјата на Америка толку мал број милијардери не контролирал толку цврсто сè што гледаме, слушаме и читаме во медиумите – и печатените и на социјалните мрежи. Никогаш во историјата немало владејачка класа толку корумпирана од системот на финансирање политички кампањи која стекнала толку голема политичка моќ. Во кампањите за изборите во 2026 година педесет милијардери веќе вложиле повеќе од 433 милиони долари со намера да влијаат врз резултатите и да купат кандидати што ќе ги застапуваат нивните интереси.
.jpg)
Да заклучиме: на најбогатите во Америка никогаш не им било волку добро.
Тоа е една реалност. Еве уште една.
Американската работничка класа со години трпи дивјачки напади. Технолошкиот бум трае со децении и продуктивноста на трудот бележи огромен раст. Но и покрај тоа, кога ќе се земе предвид инфлацијата, денешниот просечен американски работник неделно заработува речиси 20 долари помалку отколку пред 53 години.
Според податоците на корпорацијата Rand, 79 милијарди долари богатство во последните 50 години се прелеале од 90 проценти од населението на долниот дел од скалата во џебовите на 1 процент на врвот. Речиси целата добивка од растот на продуктивноста завршила во рацете на 1 процент од оние на врвот.
Во исто време, 60 проценти од Американците едвај врзуваат крај со крај и плаќаат неверојатно високи трошоци за кирија, здравствена заштита, лекови, храна, грижа за деца и основни животни потреби. Речиси половина од постарите работници немаат никакви заштеди за пензија, а повеќе од 20 проценти од старите лица се обидуваат да преживеат со помалку од 15.000 долари годишно. Трагично е што 85 милиони Американци имаат недоволно или никакво здравствено осигурување, а секоја година повеќе од половина милион од нив банкротираат поради медицински трошоци.
Зошто во земја со огромно богатство, иновативни технологии и импресивно зголемена продуктивност на трудот толку многу луѓе едвај преживуваат?
Една од главните причини е даночниот закон што го пишувале платениците на богатите за да им служи на интересите на најбогатите. Наместо да обезбедат доволен фискален прилив за да се задоволат потребите на работничките семејства, корпоративните лобисти составиле закон преполн со дупки што им дозволува на најбогатите приватни лица и корпорации во нашата земја да избегнат плаќање праведен дел од даночниот товар.
Ворен Бафет тоа убаво го опиша во 2006 година: „Во тек е класна војна, несомнено, но таа војна ја почна мојата класа, класата на богатите и тие победуваат во таа војна.“ Господинот Бафет додаде дека тој како мултимилијардер плаќа данок по пониска стапка отколку неговата секретарка. Тоа го рече пред точно 20 години. Денес сè уште е така.
.jpg)
Милијардерите во Америка плаќаат данок по пониска ефективна стапка од просечен работник. Илон Маск платил данок по стапка под 3,3 проценти, додека важечката стапка за возач на камион во просек е 8,4 проценти. Џеф Безос, чие богатство се проценува на 223 милијарди долари, платил данок по стапка под 1 процент, додека пожарникар во просек плаќа 8,7 проценти. Мајкл Блумберг, со проценето богатство од 109 милијарди долари, плаќа по стапка од само 1,3 проценти, додека просечната стапка за медицински сестри е 13,3 проценти. А Ворен Бафет? Неговата даночна стапка изнесувала само 0,1процент. Просечен наставник плаќа 9,8 проценти.
Но милијардерите не се единствените што не плаќаат колку што треба. Минатата година, кога Трамп на корпоративна Америка ѝ одобри даночни олеснувања од над 900 милијарди долари, Tesla, SpaceX, Palantir, Ticketmaster и компанијата што ги поседува Taco Bell, Pizza Hut и KFC платиле федерален данок на добивка во вкупен износ од 0 долари. Тие компании заедно вредат 3,5 трилиони долари. Богатството на нивните сопственици надминува 853 милијарди долари. Минатата година пријавиле повеќе од 17 милијарди долари профит. А федерален данок на добивка не платиле.
Американскиот народ почнува да сфаќа.
Во Калифорнија гласачите со однос 2 спрема 1 го поддржаа оданочувањето на милијардерите за да се спречи повеќе од 3 милиони луѓе да ја изгубат здравствената заштита. Во Њујорк повеќе од 62 проценти од жителите го поддржаа предлогот на градоначалникот Зохран Мамдани да се воведе дополнителен данок од 2 проценти за милионерите и милијардерите. На ниво на целата земја, шест од десет Американци веруваат дека износот на даноци што ги плаќаат богатите и големите корпорации е недоволен.
.jpg)
Затоа неодамна предложив усвојување закон за воведување данок на нето богатство по стапка од 5 проценти за 938 милијардери во Америка, кои заедно располагаат со богатство од повеќе од 8,2 трилиони долари. Тие 938 милијардери сочинуваат 0,000003 проценти од населението. Законот би обезбедил прилив од 4,4 трилиони долари во наредните 10 години.
Што би постигнале со тоа?
Во првата година на секој маж, жена и дете во домаќинствата што заработуваат под 150.000 долари би им обезбедиле директна помош од 3.000 долари. За повеќето четиричлени семејства тоа се 12.000 долари.
Би го решиле проблемот со бездомништвото и станбената криза со изградба на 7 милиони станбени единици достапни за луѓе со ниски приходи.
Би го прошириле Medicare така што ќе опфати стоматолошки услуги, како и помагала за вид и слух.
Би обезбедиле универзална грижа за деца низ цела Америка.
Би го зајакнале јавното образование така што ќе обезбедиме ниеден наставник во Америка да не заработува помалку од 60.000 долари годишно.
Во услови на голема криза во обезбедувањето домашна здравствена нега, би обезбедиле постарите лица и лицата со попреченост во рамки на Medicaid да добијат домашна здравствена заштита каква што им е потребна.
Да не заборавиме: Доналд Трамп и неговите републикански сојузници во Конгресот ја укинаа здравствената заштита за 15 милиони Американци за да покријат даночни олеснувања вредни еден трилион долари за 1 процент од оние на врвот. Со новиот закон би ги неутрализирале тие кратења во здравството и би обезбедиле никој од тие 15 милиони луѓе да не ја изгуби здравствената заштита.
.jpg)
Со други зборови, со оданочување на богатството на 938 милијардери по стапка од 5 проценти би ја обезбедиле сета потребна помош и поддршка за работничките семејства, старите, децата и болните. Оваа промена не се однесува на сите со нето богатство под една милијарда долари.
Дозволете ми повторно да укажам колку е неразумно денешното ниво на имотна нееднаквост во Америка. Да беше истиот закон усвоен минатата година, Илон Маск би платил 42 милијарди долари повеќе данок и ќе му останеа „само“ 792 милијарди за да врзува крај со крај.
Марк Цукерберг би платил 11 милијарди долари повеќе, а ќе му останеа 209 милијарди долари за да го издржува семејството. Џеф Безос би платил околу 11 милијарди долари повеќе и ќе му останеа 207 милијарди долари за да изгради покрив над главата.
Со други зборови, можевме да обезбедиме огромни средства за подобрување на животот на стотици милиони Американци, а најбогатите едвај ќе ја забележеа разликата.
Како што мудро забележал судијата Луис Брендајс уште во 1933 година: „Мора да одлучиме што сакаме. Можеме да имаме демократија или можеме да имаме богатство концентрирано во рацете на малкумина. Не можеме да го имаме и едното и другото.“
Да избереме демократија наместо олигархија.
Време е најбогатите луѓе во Америка да почнат чесно да го плаќаат својот дел од даночната обврска.
Да изградиме економија што работи во корист на сите, а не само за 1 процент од оние на врвот.
.jpg)
Карикатури: Morad Kotkot
Извор: https://www.theguardian.com/