Изложба на српскиот уметник Мирослав Живковиќ ќе биде поставена во Галерија МКЦ

20.04.2026 14:57
Изложба на српскиот уметник Мирослав Живковиќ ќе биде поставена во Галерија МКЦ

Во Галерија МКЦ ќе биде отворена изложба на српскиот уметник Мирослав Живковиќ, која како што наведуваат од МКЦ, нуди внимателно конципиран визуелен дијалог помеѓу хроматското и ахроматското сликарство. Поставката ќе биде достапна за посетителите до 30 април.

Изложбата обединува два значајни сегменти од авторскиот опус – пејзажи и портрети. Пејзажите се реализирани како хроматски студии инспирирани од пленерски искуства, со доминантен, интензивен колорит. Преку внимателно третирање на бојата, Живковиќ го истражува влијанието на сончевата светлина врз природните тонови, создавајќи динамични композиции што ја доловуваат непосредноста на природата, стои во соопштението за јавност.

Во рецензиите се додава дека портретите се изведени во ахроматски пристап и претставуваат ликови на современици и блиски личности. Во нив доминира изразена психологизација, со нагласен карактер и силни валерски контрасти. Светлината има клучна улога во обликувањето на формата, создавајќи драматични сенки и јасни визуелни акценти.

Мирослав Живковиќ е роден 1972 година во Ниш и е редовен професор на Факултетот за уметности во Ниш. Во својата кариера има реализирано 72 самостојни и учествувано на повеќе од 300 групни изложби во земјата и странство, а добитник е и на бројни награди за своето творештво.

ОкоБоли главаВицФото