1004 hPa
47 %
14 °C
Скопје - Саб, 16.05.2026 23:00

Пренесуваме десет песни од дебитантската збирка на Стефанија Граовац.
НЕРВОЗНА СУМ!
Мажи со мажи, жени со жени,
скара се врти, сите кретени!
Тоа се малограѓаните наши
различното што ги плаши.
Однадвор мазни, однатре празни:
озборуваат, хушкаат, етикетираат,
осудуваат, вредности деформираат,
најчесто неспособни и злобни
јаки се во времињата кобни!
Налицкани, дотерани, чисти,
со мозоци не претерано бистри,
на моќта ѝ аплаудираат,
по сиромавиот удираат.
Просто: ме нервираат!
МАКЕДОНСКИ СПЛИН
Грозничаво во потрага по врски,
распоредени се ко змии во трски,
сегде се бутаат, ко гуски плутаат,
од тие ликови добивам тикови.
Мочуриштево е застоено,
гнило црно-зелено обоено,
во носот, од тој отровен плин,
ми продира задушувачки сплин.
.jpg)
ГОРИ МОЈОТ ГРАД
Гори мојот град,
горат ѓубрето, отровите,
се гушат соновите,
излишни се зборовите.
Гори мојот град,
да се доуништиме
и донапатиме
сме се нафатиле.
Гори мојот град,
одамна веќе гори
од целиот криминал
што низ него поминал.
ИДНИНА
Од негде смрди на јаболка трули,
а ветрот не престанува да струи.
Реа во нос ми иде:
„Со светот што ќе биде?!“
Жолт питон ме стега, обвиткува,
утробата ми ја превиткува.
Сè немилосрдно ротира,
секој чекор ми се блокира.
Ушите ми чкрипат, ѕвонат,
мислите во лавиринти ме гонат.
Конфузија светот ми прати
низ толку многу врати!
Една врата води кон друга,
на неизвесната иднина сум слуга!
.jpg)
ЧУМУ ТУКА?
Пријатели, каде сте?
Вие патници приватници,
никогаш повратници!
Ме оставивте во пресушенава мочвара,
на ѓубриштево од татковина, почвава
што голта живот.
Вечерва го чувствувам вашето отсуство,
вечерва самотијата се шири погусто!
Да појдам по вас, и јас,
сред туѓинци да барам спас?
Нови згради ми ги покриваат спомените,
полека ми се одронуваат корените.
Лебдам, пердув открилен,
на овој ветар засилен.
Чуму седам тука?
Ветрот во провалија ме бутка!
ВРЕСОК (РЕЗОЛУЦИЈА ЗА РЕВОЛУЦИЈА)
Врескај силно, дери се, ти советувам,
стратегија за спас расплетувам.
На дрво качи се и исплачи се!
Ако може секој глупости да треска,
некој треба да може ‒ да вреска!
Вресни и исцртај црвена линија!
Постојната шема искини ја!
Да донесеме резолуција: време е за револуција!
Наша солуција: на постојново дисолуција!
Сами очите си ги покривме,
од сопствениот врисок се сокривме.
Е па дојде време да се викне,
глупавоста и злото да се надвикне!
.jpg)
ЛУДАЦИ МОИ!
И лаги и измислици кога кажувате
и иднината кога ја предвидувате
како огледала вистината ја одразувате,
од машинеријата што нè дроби
сместени во лавиринтите на болничките соби.
Да се сопрат водопадите!
Да се сопрат живописните бои!
Медикаментозно и стручно
да се свитка душата што стои!
Ох, мои лудаци, пријатели мои,
реалноста денешна вас ве крои,
многу сте и ве сакам како деца свои.
СИТЕ МОИ ПСИХИЈАТРИ
Имав психијатри многу,
ги менував, фала Богу!
Ме анализираа, бележеа,
некои заспиваа;
да можеа ‒ ќе лежеа.
Други играа игрици на компјутер,
ми викаа: ама ти си супер!
Имаше и Исусови поданици,
ме учеа на дисциплина,
да бидам добра, да бидам фина.
Други ме учеа да бидам рачунџија,
да не му се замарам,
смислата во парите да ја барам.
Ги имаше од сите сорти,
често се наоѓав пред нивните порти.
И на приватно и на државно кога ги барав
убедена сум дека ги замарав.
Само трач кога ќе споделев
вниманието ќе им го соберев.
Да не грешам душа сред суша,
имаше и понекој што знае да слуша,
ама залудно беше фин
кога немаше слободен термин.
Така решив да ја завршам маратонската трка,
животот и не е некоја фрка,
кога ќе ги поминеш сите станици
сфаќаш: за лудоста нема граници!
.jpg)
КОН МАРГИНИТЕ
На високите зборови не сум им роб,
нејќу да бидам интелектуален сноб,
претпочитам да си ја гледам градината,
со зборови јасни да ја допирам суштината.
Во интелектуалните кругови слабо котирам,
не се ни обидувам да ги третирам,
од нив не се инспирирам,
зошто тогаш да ги цитирам?
Ги фрлам куферите, нека ми се смеат учените
додека кон човекот загубен стрелам
кој на маргините создава дела,
со грижи натоварен, од другите заборавен.
И глупа да излезам душава кога ќе ја изнесам,
ако успеам во прост стих само за миг
да пренесам крик ‒ ќе биде доволно
да се почувствувам задоволно.
БЕГСТВО ОД ЗАБАВА
Денес имаме на дофат сè:
филмови, музика, игри, што сè не.
Само клик, многу е лесно,
имаш забава на секое место.
Немам каде да побегнам: кај и да идам
забавувана ќе бидам.
Ми треба место далеку од изумот на Тесла,
на раат таму да можам да напишам песна:
неофанзивна, неинтензивна, неексплозивна,
осамена, мирна, проста, чиста, кратка, зрела,
испишана на хартија бела.
.jpg)
Дебитантската стихозбирка на Стефанија Граовац се состои од 77 песни, поделени во пет циклуси кои создаваат своевиден поетски дневник: „Нервозна сум!“, „Резолуција за револуција“, „Осаменост“, „Лудаци“ и „Листот нема да ти спушти“.
„Нервозна сум“ е збирка што не бара милост; нуди искреност, највисоката форма на храброст. Со оваа книга авторката ја претвора својата „попреченост“ во поетска моќ, покажувајќи дека токму различниот поглед може појасно да го согледа светот. Авторката не се плаши од несовршеноста, туку ја слави како доказ за живот. Збиркава не е само поезија; повик е за разбирање, сочувство и љубов кон животот во сите негови облици.
Книгата на Стефанија е важен придонес кон македонската книжевност оти е веродостоен, вознемирувачки, духовит и силен крик на жена која зборува од маргините. Збирката тропа на вратите на нашите табуа оти авторката храбро се „разголува“ – не од егзибиционизам или од потребата некого да скандализира, туку поради потребата низ сопствените чувства да се допрат мислите и чувствата на луѓето околу нас, на целата заедница. Тоа „разголување“ е поетско, снажно, ангажирано и потребно.
Фрагмент од текстот на Никола Гелевски, „За дебитантската стихозбирка на Стефанија Граовац“
.jpg)
Слики: Будимка Поповска