Месечината како приватна недвижност

21.04.2026 00:46
Месечината како приватна недвижност

Кога на 11 април вселенското летало Орион се врати на Земјата по десетдневна експедиција околу Месечината, членовите на неговата посада беа нарекувани „поети“ и „амбасадори на човештвото“, сè со цел да се разбуди истиот оној занес каков што во 1968 година ја следеше мисијата Аполо 8, првата во историјата во која летало со екипаж се приближи до Земјиниот сателит.

Овојпат, во рамки на вселенската програма Артемис 2, четиричлената посада составена од тројца американски и еден канадски астронаут го оствари најголемото вселенско достигнување по Аполо и рекордно се оддалечи од Земјата, со цел тестирање на опремата и операциите на екипажот како подготовка за трајно истражување на Месечината.

Во тоа време вселенската трка ја придвижуваше натпреварувањеto на двете велесили од периодот на Студената војна, САД и Советскиот Сојуз, а со вселенските програми се демонстрираше воената моќ на блоковите. Слична е состојбата и денес, бидејќи освен САД вакви програми имаат и Кина и Русија.

Но со клучна разлика што човештвото тогаш не замислуваше дека Месечината еден ден нема да биде само небесно тело што не е ничија сопственост, туку недвижност што ќе ја поседуваат и чии природни ресурси ќе ги експлоатираат приватни корпорации.

Додека Орион сè уште беше надвор од Земјината орбита, американскиот претседател Доналд Трамп најави дека буџетот на НАСА за следната година ќе го намали за една четвртина, што вселенските ентузијасти го доживеаја како дрска шлаканица за храбрите астронаути и нивната величествена мисија.

НАСА во моментов има најмал буџет од раните 1960-ти години, но тоа не значи дека врховниот могул за недвижности нема план; ќе ги аутсорсира вселенските истражувања и експлоатации на приватни компании во сопственост на технолошките олигарси Илон Маск и Џеф Безос, чии компании СпејсИкс и Блу Ориџин веќе развиваат проекти за конструирање платформи за трајна база на Месечината.

Имено, се претпоставува дека на половите на Месечината има мраз, односно вода, што е прв предуслов за трајно населување. Исто така, се размислува за можноста на локации кои се осветлени од сончевата светлина поголемиот дел од времето да се поставуваат соларни панели, со што би се добил практично постојан извор на енергија.

Покрај тоа, НАСА до 2030 година на Месечината планира да постави реактор со кој, со помош на нуклеарна фисија, исто така би се произведувала енергија потребна за одржување човечка колонија, а таква намера изразија и Кина и Русија.

Инаку, буџетот на НАСА за оваа година изнесува 24,4 милијарди долари, а вкупно од нејзиното основање во 1959 година на оваа агенција се потрошени 1,9 билиони долари, додека пазарната капитализација на Масковиот СпејсИкс се проценува на 1,5 билиони долари, а овогодишниот приход би требало да биде во висина на буџетот на НАСА. Следната година НАСА во рамки на програмата Артемис 3 ќе го тестира системот за слетување на Месечината, а во 2028 година би требало да започне изградба на трајна база.

Американската влада во 2020 година ги иницираше таканаречените Спогодби за Артемис, доброволен аранжман со кој САД и уште околу 40 држави си дадоа право комерцијално да ги експлоатираат природните ресурси на Месечината.

Спогодбата номинално се темели на Меѓународниот договор за вселената на ОН од 1967 година, со кој се забранува експлоатација на вселенските ресурси, но тоа се однесува само на државите. Сега низ таа правна празнина поминуваат приватните корпорации, а американските можат да бараат и право на сопственост.

Тоа им го овозможува законот што американскиот Конгрес го донесе во 2015 година и кој на државјаните на САД им дава право да поседуваат, транспортираат и продаваат „кој било астероиден или вселенски ресурс“. Мисијата Артемис чини 90 милијарди долари, пари со кои три години по ред би можело да се искорени гладот на глобално ниво, забележаа некои критичари, додека други напоменуваат дека луѓето природните ресурси на Земјата ги експлоатираат 1,7 пати побрзо отколку што тие можат да се обноват.

Затоа, велат, наместо во вселенски експедиции треба да се инвестира во решавање на климатската криза на Земјата, што звучи прилично апсурдно кога се знае дека ја предизвикаа истите оние, и ним слични, кои сега се насочија кон Месечината.

Слики: Paco Pomet

Извор: https://www.portalnovosti.com/