Од печат излезе книгата „Дријади“ на Игор Анѓелков наменета за деца и млади

22.04.2026 00:30
Од печат излезе книгата „Дријади“ на Игор Анѓелков наменета за деца и млади

Во издание на Или-Или излезе од печат книгата „Дријади“ на авторот Игор Анѓелков, како деветто дело во едицијата „И ете приказна“.

Станува збор за тринаесетта книга на Анѓелков, но прва наменета за деца и млади читатели. Романот ја следи приказната на три средношколки, другарки кои по прослава на роденден заминуваат на својот прв заеднички летен одмор на море. Иако очекуваат мирен одмор, нивното патување добива неочекуван тек, кога почнуваат да се соочуваат со мистериозни настани кои постепено се разоткриваат.

Според Анѓелков, ваквите книги имаат важна улога во привлекување на младите кон читањето и развивање критичко размислување.

„Ако во оваа возраст не се создаде навика за читање, постои ризик младите трајно да се оддалечат од вредностите што ги нуди литературата“, посочува авторот. Тој додава дека и покрај суеверието поврзано со бројот 13, новото дело за него претставува отворање на нов креативен простор.

Книгата, иако првенствено е наменета за млади, може да ја читаат и возрасни кои сакаат да го задржат духот на младоста и љубопитноста кон нови приказни, потенцираат од издавачката куќа Или-Или.