1003 hPa
51 %
14 °C
Скопје - Саб, 16.05.2026 21:59

Израелците не се свесни за вистинските размери на глобалната кампања за бојкот на Израел. Ако некаде се појават Иранец и Израелец, вториов ќе помине полошо. Многу луѓе сметаат дека Израел е поголема закана за светскиот мир од Иран. И тоа не е (само) антисемитизам, глупчо! Израел и самиот придонесува за тоа.
Поради нас милиони раселени луѓе талкаат низ Блискиот Исток. Иранците никој не ги осудува за злосторствата на иранскиот режим, зашто му се спротивставуваат. Од друга страна, секој еврејски Израелец оправдано се доживува како соучесник на режимот, зашто мнозинството Израелци го поддржува секој варварски напад на својата земја врз кого било. И тоа предизвикува омраза кон нас.
Еден ден, кога одговорните за пропаста на Израел ќе одговараат, ќе ни биде потребна опозиција. Но нашиот опозиционер Јаир Лапид порачува дека војната се води во име на сите нас. Според него, сите ние ја поддржуваме војната против Иран, бомбардирањето на Либан и уништувањето на Газа. Небаре вистинска опозиција да постои само во Иран. Лапид и сличните го разгоруваат гневот на светот против нас. Да имавме силно мировно движење кое се залага за почитување на човековите права, меѓународната јавност немаше толку да нè обвинува.
Во актуелната антиизраелска кампања учествуваат и многу Евреи, главно млади. Одбранбениот механизам што секоја критика на Израел ја прогласува за антисемитизам тука останува без одговор, зашто Евреите по дефиниција не можат да бидат антисемити. Во најлош случај се автошовинисти. Еврејските студенти на Харвард знаат што се геноцид и поттикнување војна и со свои очи виделе како Израел ги спроведува. Тие се откажуваат од земјата со која другите ги поистоветуваат. Што да се прави со совесните Евреи на кои им се згадила родната земја?
Мојот пријател и колега Моран Шарир има одговор: тие Евреи го мразат Израел за да бидат прифатени од неевреите, гоимите. Во текст во Харец каков одамна немавме, тој го дефинира таканаречениот менталитет на дијаспората, инспириран од интервјуто со Ариел Ејнџел, уредничка на „Jewish Currents“, која отворено се изјаснува како антиционистка.
Шарир во својата анализа признава дека се согласува со мнозинството аргументи на Ариел Ејнџел против Израел, кој според него е „болно место“, но ги доведува во прашање нејзините мотиви. Таа сака да ја спаси само својата кожа, тврди тој во најдобрата традиција на израелските пропагандисти кои секој критичар на Израел го обвинуваат за антисемитизам.
Виновни се критичарите, а не предметот на нивната критика. Ариел Ејнџел и оние како неа им се додворуваат на антисемитите. Но нема да успеат, вели Шарир. Тоа го пробал и првиот и последниот еврејски министер за надворешни работи на Германија, Валтер Ратенау, па бил убиен. Шарир зборува за настан од 1922 година, кога нацистите се подготвувале да ја преземат власта. Многу нешта се промениле оттогаш. На пример, основана е државата Израел.
Шарир со право констатира претерана омраза кон Израел и недозволиво игнорирање на израелските жртви во нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година. Но тој останува во рамки на генерациската навика, пред сè на американските Евреи, да даваат безусловна поддршка на секој луд потег на Израел. Тој се приклучува на забраните за критика на Израел за да не биде отпишан како автошовинист.
Всушност е логично да се спротивставиш на ционистите кога ќе се види до каде го довеле Израел, Блискиот Исток и Евреите. Обвинувањата за антисемитизам тука ја губат смислата. Менталитетот на новата дијаспора се темели на тие сознанија. Повеќе не важи старата приказна за Евреите од дијаспората кои не смееле да поседуваат земја и кои со векови биле понижувани од властелините земјопоседници. Сега Израел е суров властелин, регионална суперсила и насилничка држава што секој нормален човек го доведува до лудило.
Затоа е дозволено да се срамиш од постапките на Израел. Израелските џез-музичари во Њујорк го покажаа тој срам и беа казнети со откажување на настапите. Дозволено е да се мисли дека ционистичкиот проект пропаднал. Понекогаш едноставно нема друг избор.
.jpg)
Карикатури: Thiago Lucas
Извор: https://www.haaretz.com/