Месечен циклус на соништа

22.04.2026 13:56
Месечен циклус на соништа

 

Јануари

Безизлезност

Сред ливада сум со снег. Небото е бело. Неколку дрва се извиваат од снегот како деликатни балерини, а на нивните голи гранки чавките морбидно гракаат. Имам малку снег во дланката. Се наведнувам и земам уште малку. Правам топче. Постепено му додавам снег. Тоа се зголемува и станува топка што ја тркалам. Ми ги надминува колената. Се напрегам. Тешка е и ладно ми е. Не знам каде да појдам. Можеби Сизиф да знае каде треба да ја однесам? Рацете ми се заледени. По некое време престанувам да ги чувствувам. Туркам и едвај газам низ снегот, како да чекорам под вода. Не ги чувствувам прстите. Одеднаш топката почнува да се смалува. Топло ми е. Куглички пот ми се цедат од кожата и се впиваат во облеката. Мокра сум од стопениот снег и од потта. Застанувам и погледнувам кон сонцето. Зраците се тркалаат кон мене како огнени ѓулиња. Ги соблекувам ракавиците, капата и јакната. Одеднаш сум гола. Се вртам кон топката. Ја нема. Само вирче вода.

 

Февруари

Мисли

Лежам и не можам да се помрднам. Телото ми е приклештено за креветот и не чувствувам ништо. Само огромен вулкан во главата што клокоти пред ерупција. Кожата ми поцрвенува. Чаршафот има иста боја како мојот тен. Полека почнувам да чувствувам дразби. Ме зачешува коленото. И она мало место меѓу првите два прсти на левата нога. Како нешто да ми лази по вратот. Морам да го тргнам. Не можам. Ми се кива. Не можам да ја мрднам ни устата. Овде не се дише. Пеколно е топло. Одеднаш почнувам да се тресам. Никако да се смирам. Илјада вжарени мисли ме пецкаат долж телото. Вулканот во мене гори неподносливо. Одеднаш земам здив, еруптирам од главата и се претворам во лава што лебди над моето тело. Си гледам во очите и се смирувам. Се смалувам. Смешна сум си. Само сум црвена дамка, ништо друго. Се насмевнувам. Ми застудува. Се слевам назад во топлото тело и се покривам со ќебето.


 

Март

Недостиг

Седам на трпезата во огромната просторија со маси наредени како за на слава. Тие се истовремено полни и празни. Знам дека има храна, но не можам да ја видам. Исто и луѓе. Лицата им се матни. Сè е некако замаглено. Јас седам на крајот од просторијата, на посебна, празна маса. Во соседниот агол ги здогледувам баба ми и дедо ми. Се радувам. Ги немам видено одамна. Умрени се петнаесеттина години. Сред мртвата галама правиме нем муабет со очите. Трае цела вечност и едно трепнување. Во еден миг сите синхронизирано се насмевнуваме и ги подигнуваме рацете во кои има чашки со ракија. Живели!

Зад шанкот, Џими Хендрикс почнува да води љубов со гитарата.

 

Април

Звуци

Не е темно. Не е ни светло. Музика е. Не се сеќавам на почетокот, но ете ја, тече низ моите уши. Внимателно и прецизно, како оригиналот. Оригиналот? Кој оригинал? Како можам да знам кога не ја знам цела? Не знам ни како почна, ни како ќе заврши. Не знам ни од каде знам што точно следи од миг во миг. Од каде доаѓа? Сум ја запаметила секоја нота? Не е битно. Иста е. Потполно иста. Барем мене ми е иста. Иста со што? Изворот на звукот ли сум? Отворам очи. Затворам. Не смеам да се разбудам на делот што најдобро го знавам. Од каде го знам? А што ќе правам кога ќе заврши? Не е важно. Во текстурата на нотите се свивам и тука ќе поспијам уште малку. Во синкопата се закопувам и тука ќе останам барем до рано наутро.

 

Мај

Издигнување

Стојам на една од кулите на Скопското Кале. Гледам кон градот и чувствувам како нешто ме гуши. Го гледам дечко ми. Не личи на него, но сепак знам дека е тој. Подава рака и со погледот ми вели „Ајде!“ Се качуваме во големиот жолт балон и се креваме високо над морето од сивило. Се воодушевувам на глетката иако нема ништо посебно пред мене. Му велам, „Ова ме прави горда на себе“. Се радувам што успеавме да се издигнеме над облаците. Ми се смее и ми вели, „Не си тоа што беше“. Знам дека не е ни тој, но во ред е. Ми дава огледало; таму е личност што ја знам но не можам да ја препознам. Сиво облаче чад ми лебди пред носот, како јаболкото пред човекот од сликата на Магрит. Одеднаш ја здогледувам бледата тркалезна месечина и возбудено му велам „Кога ќе се издигнеме погоре, можеби ќе се видиме поубаво“.

 

Јуни

Плод

Сама сум и ладно ми е. До мене има само камин во кој пламенот едвај се одржува во живот. Исто и јас. Гола сум, а собата е празна и темна. Нема ништо под мене, ни над мене. Само некаква сенка од лустерот која ми се разгранува врз стомакот, па меѓу нозете и крвта. Напнувам. Суштеството во мене никако да излезе. Викам. Залудно. Нема никој. Само тоа нешто во утробата што ќе ми помогне доколку излезе од мене. Не сака. Долго време битисувало во мене. Се навикнало на молкот и удобноста. Сигурно се плаши од надворешниот свет. Се плашам и јас. Крварам. Пламен ми го пече голиот грб. Ладно ми е, а по телото ми ползи пот. Викам. Се напнувам. Излегува. Вика. На сиот глас. Како да му е првпат во животот. Се чуди. Се буни. Се напнува. Липа. Крвта станува млеко, лустерот сонце, а по темните ѕидови се распостелуваат цветни тапети. Одеднаш сè добива смисла. Растенијата ни прават покривка со мирис на нов ден. Заедно сме и топло е.

 

Јули

Познаници

Не паметам каде првпат го видов лицево. Тој поглед отсекогаш ми изгледал далечен и туѓ. Безброј пати сум го здогледувала на познати места каде што сме поминувале време со други луѓе. На некои клупи во паркот или концерти низ градот. Сме се разминувале низ чаршијата или во некој автобус без да се поздравиме. Сигурно тие очи ѕуреле во други, слични на моите, усните вкусувале туѓи сокови, а прстите правеле секакви чуда. Мислите лутале, барајќи скриени универзуми, едновремено обидувајќи се да ја разрешат мистеријата на својот. Можеби некогаш се судриле со моите додека талкале во густиот мрак на незнајното и очуденото. Можеби се дружеле во сништата и мечтите. Сега озарениот лик е потпрен врз мојата перница. Ме држи за половината додека гласно се кикотиме. Телата ни подрипнуваат од невоздржаната смеа, чиста, детска и неразумна. Собата ечи со звукот на камбаните во нашите срца. Сега сум сигурна дека ќе го запаметам ова лице.

 

Август

Детство

Седам во тревата, исушена од сонцето кое ме тера да подзамижам за да можам подобро да гледам. Околу мене кружи мала бела пеперутка. Ветрот ја расчешлува лавандата во близина чиј мирис ми го заплискува лицето. Во далечината гледам десетина крави што мирно пасат, додека ѕвончињата околу вратот им се нишаат, со сонливи ноти. Подолу, завесата од зимзелени дрвја се отвора. Како на театарска сцена. Станувам и ѝ се приближувам. Со мала доза несигурност преминувам од другата страна кадешто ме пречекува море. Хоризонтот е толку блиску како да е насликан пред мене со четка. Се вртам налево и здогледувам девојче со костенливи очи и топчести образи како ме повикува да градиме замок од песок. Без размислување седнувам и се фаќам за работа. Се чувствувам како искусна и самоуверена архитектка. Длабоко се посветувам на кулите, ѕидините, прозорците, не обрнувајќи им внимание на брановите што во секој миг можат да го збришат моето ремек-дело. Девојчето наеднаш исчезнува. Не можам да го забележам никаде на хоризонтот. Решавам да го доградам замокот, но го слушам гласот на мајка: треба да си одиме. Ми вели дека сонцето е пресилно и дека дошло време за ручек. Со рачињата ги собирам кофичките и лопатките и трчам кон неа со подзамижени очи.

 

Септември

Немир

Удобно сум се вгнездила во каучот во дневната соба кога некој нагло влегува во станот. Нервозна машка фигура се втурнува во собата и почнува да кружи наоколу, претајќи со рацете и разговарајќи сам со себе. По него влегува друг, седнува пред мене и почнува да пуши. Ме гуши, ми дува во лицето. Знае дека не го сакам тоа. Трет влегува со постар човек што вреска над него, го влече за белата искината маица и високо ја крева раката, замавнувајќи. Не забележувам кога друг човек легнал под масата и нестрпливо чека да го отвори ќесичето што го вади од џебот додека рацете му треперат. Над него, на масата, друг подига шише вино што се слева директно во неговото широко грло. Во другата рака држи шишенце ракија. Следниот што влегува поспано оди кон фрижидерот; штом ќе го отвори тој се претвора во слот-машина. Пробувам да се развикам и да ги избркам, но тие се однесуваат како да не постојам. Се слуша необично гласен звук од слот-машината. Четири цреши се редат во линија. Мажите почнуваат да викаат сè погласно, а јас го повлекувам ќебето над глава.

 

Октомври

Стравови

Во некоја непозната земја сум. Натписите на затворените локали се на јазик што не можам да го дешифрирам. Ноќ е. Одам по нерамен макадам, брзајќи да стигнам некаде. Носам тенка црна наметка и жолто фустанче чии рабови ми ги галат колената. Улиците се речиси празни. Мракот ми ги лиже голите нозе. Поминувам низ сокаче што води кон уличка кадешто ноќни градежни работници местат скелиња. Ми свиркаат. Тој звук ми пенетрира длабоко во ушите и го забрзувам одот. Ниските потпетици забрзано чукаат одржувајќи ритам со отчукувањата на моето срце. Ми се оди во тоалет. Влегувам во празен трговски центар. Се качувам во лифтот. Од црнилото што ме следи излегуваат двајца мажи со садистички насмевки и се шмугнуваат во лифтот. Разменуваат неколку зборови на некој туѓ јазик, а јас молчам. Ме соблекуваат со поглед. Одам во тоалетот, а тие по мене. Пробувам да ја затворам вратата, но тие насилно ја туркаат. Давам отпор, но веќе се внатре. Се протнувам меѓу грубите тела и мирисот на тестостерон. Се повлекувам наназад. Темница е. Се врткам наоколу, дезориентирано. Пробувам да го вклучам светлото, но прекинувачот не функционира. Стравот ми ползи по половината. Нечии раце ме грабнуваат одзади.

 

Ноември

Пријателства

Во воз сум. Го гледам својот одраз во стаклото на прозорецот зад кој сликите постојано се менуваат; но јас останувам иста. Се сеќавам на детските магични фотоапарати кадешто можеа да се гледаат различни фотографии и калеидоскопи. Сликите од другата страна се менуваат сè побрзо. Зелена полјана чкрап навалени дрвја чкрап булки чкрап крави крај патот чкрап селски куќи чкрап ридови чкрап предградието чкрап куќи чкрап куќи чкрап згради чкрап згради чкрап бездомници чкрап бегалци чкрап луѓе кои насмеано мавтаат чкрап споменици чкрап згради чкрап згради чкрап... Каде да се симнам? Каде одам? Која е мојата станица? Кога се качив? Од каде доаѓам? Возот забрзува. Ќе се судри некаде или ќе излета од шините. Која е мојата станица?! Викам гласно, но никој од патниците не ме разбира. Ја забележувам другарка ми, седи спроти мене и замислено гледа низ прозорецот спроти нас. Ѝ ги поставувам истите прашања, а таа спокојно ме погледнува и смирено ми одговара како да ме теши, на јазик што не го разбирам.

 

Декември

Кругови

Се клацкам на клацкалката во парк и гласно се смеам. Одеднаш желудникот почнува да потскокнува, преминувајќи ја границата на она што моето тело го смета за забавно. Треснувам врз камчињата. Околу мене нема никој. Кој седеше на другата страна од клацкалката? Сигурна сум дека до пред малку знаев, а сега не можам да се сетам на лицето. Сакам да си одам дома, но не знам каде сум. Каде е мојот дом? Седнувам на клупата за да се приберам, но уште ништо не можам да поврзам. Да не сонувам? Сонувам ли?! Го барам телефонот за да се јавам некому, да се уверам дека не сум сама на светов. Дека сум во реалноста. Како знам дека сум во реалноста? Која е единствената константа што нè убедува дека сите сме присутни во ова време и како знаеме дека ова е единствено и вистинско? Го барам телефонот, го нема. Се убедувам дека сигурно ми испаднал кога сум летнала од клацкалката. Со кого бев во паркчето? Што правев претходно? Кое е моето последно сеќавање? Не можам да се сетам на ништо и пробувам да најдам доказ дека сѐ е во ред. Гледам во рачниот дигитален часовник, но не можам да ги видам бројките. Нејасни се. Нецелосни. Постојано се менуваат, се изобличуваат и трепкаат. Можеби навистина само сонувам и наскоро ќе се разбудам. Но, од кога сонувам? Како заспав? Не можам да се сетам на ништо. Мора да најдам часовник. Или телефон. Се враќам назад кон игралиштето. Не можам да го најдам. Под себе гледам трева. Одеднаш се наоѓам на ливада, а лево од мене гледам плажа. Здогледувам жолт балон на топол воздух со двајца патници како полека се одлепува од влажниот песок. Им довикувам, но не ме слушаат. Речиси сум сигурна дека сонувам. Како да се разбудам? Здогледувам девојче што прави замок од песок. Одам по неа, ја фаќам цврсто за рачињата и ѝ велам РАЗБУДИ СЕ!! РАЗБУДИ СЕ! РАЗБУДИ СЕ! И таа гледа во мене и ме повторува како огледало. Можеби никогаш нема да се разбудам. За секунда телото ми го облева пот и страв. Ја кревам главата нагоре и крупни снегулки почнуваат да ми паѓаат по лицето. Како да ја слушам Purple Haze. Или ми се причинува. Погледнувам надолу и снегот веќе ми ги затрупал стапалата. Се поднаведнувам, земам една студена грутка и почнувам да правам топка.

Белешка за авторката

Марија Ангеловска е родена 1994 година во Скопје. Дипломирала на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ (настава, превод и толкување). Пишува проза и поезија. Учествувала и објавувала раскази на конкурси во државата, а нејзини дела се застапени и во регионалната збирка „Рукописи 41“. Настапувала на „Струшките вечери на поезијата“ и на настанот „100 илјади поети за промена“. „Глава што лебди“ е нејзина прва збирка раскази за која ја доби наградата „Новите!“ во 2021 година.

 

Слики: Nicoletta Ceccoli

Извор за текстот: Марија Ангеловска - Глава што лебди (Темплум, 2025)

ОкоБоли главаВицФото