Дали Иранската војна е Суец или Галиполи за Америка?

23.04.2026 00:55
Дали Иранската војна е Суец или Галиполи за Америка?

Кога Египет го затвори Суецкиот канал на пет месеци во 1956 година, тоа предизвика настани што ја намалија глобалната надмоќ на британската фунта, ја најавија добата на петродоларот и покажаа како една мала земја може да ѝ нанесе сериозна штета на економска сила која со децении ја држела во колонијална положба.

Некои тврдат дека Соединетите Држави сега се соочуваат со својот суецки момент. Таквото толкување на финансиското влијание од затворањето на Ормускиот теснец е површно, но подеднакво површна е и претпоставката дека иранскиот воен дебакл на претседателот Трамп не може да ја загрози хегемонијата на доларот.

Сличностите помеѓу иранското однесување и Суецката криза се лажливи. Точно е дека и Египет и Иран го прекинаа снабдувањето со нафта затворајќи го водениот пат под своја контрола. Цената на енергијата нагло порасна. Финансиските пазари беа погодени, како и најсиромашните, кои секогаш носат несразмерен товар од високите цени на ѓубривата и транспортот. Но неколку суштински разлики укажуваат дека Ормускиот теснец за Соединетите Држави нема да биде она што Суец беше за Британија. Суец само го потврди банкротството на Британија, како резултат на прецизни, промислени потези што единаесет години претходно ги повлече новата светска сила. Во декември 1945, Соединетите Држави ја убедија Британија да прифати финансиска помош, всушност заем со кој ќе ги покрие своите воени долгови. На тој начин беше запечатена несолвентноста на Британија. Значи, Суецката криза само потврди дека поранешната империја банкротирала и дека повеќе нема империјална моќ. Соединетите Држави денес не се ни блиску до таква очајна состојба и покрај неспособноста и лошото управување на Трамп.

Иако постои загриженост во врска со приносите на американските обврзници во контекст на растечкиот федерален дефицит и долговите, несоодветно е какво било споредување со британскиот фискален стрес од 1956 година. Британската империја никогаш не успеа да воспостави огромна превласт на фунтата, односно немаше извонредна моќ каква што имаат Соединетите Држави, кои своите дефицити ги плаќаат со огромни приливи на капитал, кои наликуваат на огромната трговска нерамнотежа помеѓу Америка и остатокот од светот.

Денес на неамериканците им се потребни околу еден билион долари годишно за купување нафта од неамериканци – што е приближно на износот на американскиот буџет за одбрана во 2026 година. Тие мораат да продаваат стоки и услуги на остатокот од светот за да заработат долари за купување енергија, суровини и американско оружје. За разлика од сите други, Соединетите Држави печатат долари што им се неопходни на другите за да купат сè што им е потребно и сè што посакуваат – а потоа врз нив ги префрлаат трошоците од своето задолжување. Кога на тоа ќе додадеме 100 билиони долари неподмирен глобален доларски долг, добиваме појасна слика за трајните и прекумерни американски привилегии. Британија никогаш немала нешто такво.

Во тој контекст, водечките аналитичари испитуваат како неодамнешните настани – од револуцијата на вештачката интелигенција до интензивирањето на геополитичката нестабилност – го менуваат економскиот и финансискиот пејзаж и создаваат нови победници и губитници во глобалната економија. Треба да се има предвид и ова: иако растот на цените на бензинот ги погодува повеќето Американци, на Соединетите Држави не им е потребна нафта од Заливот за нивните бензински пумпи за да функционираат нормално. На Британија во 1956 година и тоа како ѝ беше потребна нафтата што доаѓаше преку Суецкиот канал, за нејзината сопствена енергетска потрошувачка и за одржување пристоен удел на странските трансакции во фунти.

Слична е и приказната за банкарските системи на двете земји. Суецката криза сериозно ја нагриза заработката на лондонскиот Сити. Седумдесет години подоцна, банките на Волстрит само во првиот квартал пријавуваат приходи од тргување од над 40 милијарди долари; со други зборови, тие остваруваат, како и остатокот од корпоративна Америка, огромен профит благодарение на нестабилноста на финансиските пазари која во голема мера е последица на авантуризмот на Трамп.

Фактот дека мнозинството Американци се мачат не е важен во свет во кој американската хегемонија и богатството на американската владејачка класа се обратно пропорционални на благосостојбата на американските граѓани. Токму таа противречност – каква иронија – го овозможи доаѓањето на Трамп во Белата куќа.

Затворањето на Ормускиот теснец не го сигнализира крајот на петродоларскиот систем на доминација, но секако укажува на структурни промени кои се неопходни за оддалечување од американската хегемонија.

Да го погледнеме Пакистан, чија воена власт се перчи како клучен посредник меѓу Трамп и иранскиот режим. Индустриската база на Пакистан веќе извесно време преминува од нафтена кон електро-економија, потпирајќи се на кинески соларни панели деноминирани во јуани. Тој пример го следат и други азиски и африкански земји, со што го нарушуваат монополот на доларот. За Соединетите Држави тоа е поголем проблем од малубројните нафтени трансакции во јуани, наместо во долари (на пример, продажбата на иранска или руска нафта).

Не треба да се заборават ни ефектите од војната во Украина. Со заплената на рускиот имот вреден близу 300 милијарди долари и со отсекувањето на Русија од глобалните финансиски текови, Соединетите Држави му испратија порака на остатокот од светот: „Денес Русија, утре можеби некој од вас.“ Пораката ја примија олигарсите од земјите непријателски настроени кон Соединетите Држави, но и во Саудиска Арабија, разни емирати, Индонезија, Малезија, па и во Украина.

Сите бараат заштита од ризик и ја наоѓаат во технолошки напредната и ретко користена платна инфраструктура на Кина, која ја сочинуваат дигиталната валута на нејзината централна банка, постојано унапредуваниот систем за прекугранични банкарски плаќања и децентрализираниот BRICS систем за плаќања (алтернатива на несмасниот SWIFT), па дури и WeChat.

Ниту еден од тие настани сам по себе не значи опаѓање на моќта на доларот. Неколку BRICS+ земји всушност ги зголемија своите доларски резерви, додека истовремено се двоумеа околу недоларските плаќања и задолжувања. Но сите тие настани заедно, засилени со двојната блокада на Ормускиот теснец, најавуваат подем на алтернативна финансиска архитектура надвор од контролата на Соединетите Држави, во која Европа е спектакуларно неважна.

Значи, иако иранската војна не е американска Суецка криза, таа лесно би можела да стане американски Галиполи. На тој полуостров во Дарданелите Британската империја во 1915 година направи кобна погрешна проценка – ја потцени жилавоста на ослабениот турски режим, го прецени сопствениот воен капацитет и демонстрираше неверојатна стратешка конфузија. Звучи познато.

Карикатури: Emad Hajjaj

Извор: https://www.project-syndicate.org/

ОкоБоли главаВицФото