1018 hPa
63 %
14 °C
Скопје - Нед, 16.08.2026 05:00

Јапонската метеоролошка агенција соопшти ново официјално име за деновите со температура од 40 и повеќе степени Целзиусови. Овие денови на брутални горештини отсега се нарекуваат „кокушоби“, а Јапонците летоска во официјалните прогнози ќе се среќаваат со овој збор.
Во медиумите може да се сретнат неколку различни преводи – сурово, жестоко или екстремно топло. Сепак, исто како и оригиналот, сите тие упатуваат на немилосрдноста на кокушоби, денови потопли од 40 степени.
Со користењето на оваа ознака, метеоролозите сметаат дека ќе можат „поефикасно да повикуваат на претпазливост поради екстремно високите температури“.
Иако новата категорија е официјална, во нејзиниот избор учествувала и јавноста во Јапонија: во текот на февруари и март, националната метеоролошка агенција спровела онлајн анкета во која учествувале 478.000 луѓе.
Терминот „сурово жежок ден“ бил убедливо најпопуларен, со околу 203.000 гласови, додека на второто место се нашла кованицата „супер-екстремно топол ден“, односно „чо-мошоби“.
Покрај резултатите од анкетата, одлуката се темели и на мислењето на експертите кои потврдиле дека новото име е општествено препознатливо и соодветно за јапонскиот јазик.
Останатите предлози вклучувале „гекиацуби“, што сугерира брутално силна, речиси експлозивна жештина, „шакунетсуби“, што ја доловува жештината која пече и ја гори кожата, и „футоби“, ден толку жежок што создава впечаток дека целиот свет врие.
Секој од овие називи создава слика на вжареност и неподнослива жега.
Зошто суровите горештини во Јапонија дури сега добија свое име?
Минатата година, „земјата на изгрејсонцето“ доживеа најтопло лето од далечната 1898 година, со што ја презеде неславната титула од летото 2024.
Меѓу јуни и август 2025 година, температурите ја надминале границата од 40 степени дури девет дена. Освен тоа, бил забележан и апсолутен историски рекорд: во градот Исесаки, на 5 август, биле измерени неверојатни 41,8 степени.
Можеби тогаш овие екстреми немале свое име, но без сомнение биле „сурово жешки денови“.
Причината зошто порано не биле официјално „крстени“ е едноставна: во минатото температурите над 40 степени во Јапонија се јавувале толку ретко што немало потреба од посебно именување на таквите денови.
Меѓутоа, поради климатските промени, овие топлотни бранови станаа нова реалност која постојната терминологија веќе не можеше да ја опфати.
Со воведувањето на категоријата „кокушоби“, Јапонската метеоролошка агенција ја прошири својата скала на предупредувања. Новата хиерархија сега јасно ги нијансира различните интензитети на температури:
• деновите со температура од 25 степени и повеќе остануваат „летни“,
• оние над 30 степени се нарекуваат „тропски“,
• деновите со 35 степени и повеќе се дефинираат како „екстремно топли“,
• а кога температурата ќе надмине 40 степени, тоа е „кокушоби“, односно сурово жежок ден.
Додавањето на четврто ниво за температури над 40 степени не служи само за попрецизно известување, туку претставува и јасен аларм. Построгата категоризација фрла ново светло врз забрзувањето на климатските промени и ја нагласува итната потреба од подигнување на свеста за заштита на здравјето во свет што станува сѐ потопол.
Овој претпазлив пристап е повеќе од оправдан: Јапонската метеоролошка агенција уште во февруари издаде прогноза за тековната година, најавувајќи уште едно натпросечно топло лето. Со оглед на тоа што високи температури се очекуваат низ целата земја, јапонските граѓани, најверојатно, многу брзо ќе имаат можност да почувствуваат што значи зборот „кокушоби“ во временската прогноза.
Извор: https://klima101.rs/