1003 hPa
51 %
14 °C
Скопје - Саб, 16.05.2026 21:59

Гизелда Зани е уругвајска поетеса, авторка на раскази и филмска критичарка. Родена е 1909 година во Џенова. Од Италија избегала, а починала 1975 година во Аргентина која ѝ станала трета татковина по Италија и Уругвај. Бројни нејзини интервјуа во заборавеното уругвајско спортско списание Rush од 1930-тите ја претставуваат и како една од првите хроничарки на уругвајскиот фудбал.
Во 1934 година Rush ја вклучил во своите редакциски редови, како прва жена фудбалска репортерка, тогаш 25-годишна, која се потпишувала со презимето на сопругот Велкер. Вака ја најавило уредништвото во 33-тиот број на списанието, во кој е објавен нејзиниот прв текст: „Со интересна репортажа писателката Гизелда Велкер започнува соработка во Rush. Жените сѐ повеќе ги пробиваат бариерите во овој вознемирувачки и тегобен модерен живот, па не е чудно што влегуваат и во полето на спортската критика, досега во нашата средина и без причина резервирана за машка активност. Гизелда Велкер, енергична и динамична писателка.“
Во текот на 1930-тите Зани направила 23 „ударни“ интервјуа со прволигашки фудбалери за Rush, сите за насловната страница на списанието. Меѓу најголемите ѕвезди што ги интервјуирала бил Хозе Насаси, капитен на уругвајската репрезентација која во 1930 година победи на првото Светско фудбалско првенство. Интересни се и нејзините други интервјуа, дел од нив се дигитализирани и достапни во онлајн архивата на уругвајски автори и авторки. Кога во 1934 година го интервјуирала Марио Стипанчиќ, во разговорот го вклучила и неговиот брат, па зборувале за изработка на чамци, за родителите Југословени. Во интервјуто со Марселино Перез ги запознаваме и неговите миленици, куче и мачка, а Зани за него констатира дека би било посоодветно да се вика Модестино, бидејќи е исклучително скромен.
Освен дигиталните архиви на националните библиотеки, за запознавање со фудбалската дејност на книжевничките, ја препорачуваме и книгата Football and Literature in South America на Дејвид Вуд, објавена во 2017 година. Тоа е првата книга која се занимава со систематско проучување на односот помеѓу фудбалот и книжевноста низ Јужна Америка. Вуд едно исцрпно поглавје во книгата им посветил на книжевничките, а во него ги споменува авторките кои на почетокот на 20-тиот век биле пионерки во тематизирањето на фудбалот во книжевноста, како бразилските поетеси Ана Амелија де Квеироз Карнеиро де Мендонка и Гилка Мачадо. Вуд бележи и пораст на книжевнички што пишуваат за фудбал од 1980-тите наваму, како и сѐ поголема истражувачка посветеност на пионерките на пишувањето за фудбал. Како значаен понов извор на фудбалски текстови од аргентински книжевнички, Вуд ја наведува интернет-страницата Gambeteando palabras (Дриблање со зборови), покрената во 2008 година како портал за пишување и анализирање на фудбалската книжевност.
Од поновите книжевни дела посветени на фудбалот, да го споменеме и романот Poule D на Јамина Бенахмед Дахо, објавен во 2014 година. Станува збор за еден од ретките романи во француската книжевност што се занимава со женскиот фудбал. Сведоштвото на аматерска фудбалерка, видено од перспектива на писателка, добро ги отсликува сите индивидуални и колективни предизвици во женскиот спорт. Тоа е приказна за Мина, наставничка во триесеттите која решава да го исполни својот детски сон со влегување во аматерски фудбалски клуб. Мина сака технички да напредува, но и да се дружи, па малиот тим од предградието на Париз ѝ станува нов дом, а фудбалот игра што треба повторно да се осмисли, да се направи своја. Не оди лесно, но Мина патем сфаќа дека не е сама и дека кругот на другарки се протега многу подалеку од нејзиното предградие.
Извор: https://sdf.hr/