Јазикот на Македонецот не е чудна ами незаситна, алава ѕверка

24.04.2026 12:14

На 8 септември 2026 самостојна Македонија ќе наполни 35 години, и кога помислувам на тоа ме отепува чувството дека 35 години сме ко у филмот Groundhog Day, секој ден е одново истиот, името, името, знамето, знамето, јазикот, јазикот, идентитетот, идентитетот. Никаков помак во колективната саморефлексија и себеперцепција, длабоко вкопани во талогот на делузијата од комплекс на грандиозност и страв од ништожност.

Чуден е тој дух на Македонецот, што не знае да се израдува на себеси и на другиот, што мана наоѓа секому, а себеси никако, што суди, пизми и исмева, што се плаши од неуспех, а од успех уште повеќе. Така било и пред 35 години, така е и сега, исто е, само повеќе го гледаме оти социјалните мрежи овозможуваат да се отфрли секаква инхибиција што можеби ја имало во непосредниот контакт лице в лице, ја легитимираат и нормализираат корупцијата на духот, злобата и лошотијата.

Ме отепува сознанието дека во Македонија може да си колос ко Блаже Конески, да си го кодифицирал современиот македонски јазик, а да си создал оружје - на истиот тој јазик да не биде срамно минлив министер/пратеник да те нарече „џуџето од Небрегово“ и на истиот тој јазик за тоа да му викаат браво.

Јазикот на Македонецот не е чудна ами незаситна, алава ѕверка.

Марина Костова, 23.04.26.