Уметничка инсталација „Јади луто, не зборувај луто“ е поставена на „Партизанска“ во Скопје

27.04.2026 02:36
Уметничка инсталација „Јади луто, не зборувај луто“ е поставена на „Партизанска“ во Скопје

На скверот кај КИМ на булевар „Партизански одреди“ во Скопје беше поставена нова уметничка интервенција посветена на подигнување на свеста против говорот на омраза.

Станува збор за реалистична скулптура на лута пиперка со димензии 2 метри висина, 60 сантиметри ширина и 70 сантиметри должина, која преку пораката „Јади луто, не зборувај луто“ на сликовит и духовит начин ја пренесува идејата за одговорна и внимателна комуникација.

Инспирацијата за акцијата произлегува од секојдневното искуство како што луѓето внимаваат кога консумираат луто за да не се „изгорат“, така треба да внимаваат и во комуникацијата за да не повредат други со зборови што можат да „горат“. Преку оваа симболика, интервенцијата поттикнува размислување за последиците од говорот на омраза, особено во јавниот и дигиталниот простор, се вели во соопштението за медиумите.

Уметничката интервенција е реализирана од Центарот за современи уметности во Скопје, во рамките на проектот „Мрежа за разновидност 2.0 – Нова агенда“, што го спроведува Здружението за унапредување на новинарските практики „Иновативни медиуми – Скопје“.

Слични содржини

Активизам / Квир / Уметност / Настан
Општество / Активизам / Графички Дизајн / Уметност
Општество / Активизам / Култура / Уметност

ОкоБоли главаВицФото