1003 hPa
51 %
14 °C
Скопје - Саб, 16.05.2026 21:59

Сиромаштијата и средната класа плаќаат даноци, богатите плаќаат сметководители, многу богатите адвокати – а ултра богатите политичари. Ова е добар виц заснован на вистина и затоа вреди да се повторува. Колку повеќе пари акумулираат, милијардерите стекнуваат поголема контрола врз политичкиот систем, кој потоа им овозможува уште помали даноци и уште повеќе пари и контрола. Тие го обликуваат нашиот свет во согласност со своите потреби. Еден од симптомите на патолошката појава наречена милијардерски мозок е неспособноста да се види подалеку од сопствената краткорочна добивка. Тие мирно би ја опустошиле нашата планета за да го зголемат своето веќе бесмислено големо богатство.
Минатата недела стигна најважната вест на годината, а можеби и на векот. На повеќето од нас ни пролета под радарот, меѓу другото и затоа што милијардерите поседуваат поголем дел од медиумите. Така може да се случи да го пропуштиме настанот со кој започнува крајот на светот. Таа исклучително важна вест што ја споменав е дека научниците повторно ја проценија состојбата на клучниот систем на океански струи и дека тој систем се променил. Некои сметаат дека е зголемена веројатноста овој систем да се распадне поради климатскиот колапс кој ги менува температурата и салинитетот на морската вода. Овој систем, познат како Атлантска меридијанска повратна струја (Amoc), му испорачува на Северниот Атлантик топлина од тропските предели. Како што сугерираат поновите истражувања, ако тој запре, тоа би можело да предизвика огромен пад на просечните зимски температури во северна Европа и драстични промени во водните циклуси на Амазонија. Тоа би можело да придонесе за каскадно пропаѓање на амазонската прашума, што би предизвикало понатамошни катастрофи.
Прекинот на Amoc исто така би го забрзал растот на нивото на морето на источниот брег на Соединетите Држави и би ги загрозил градовите на тој брег. Тој настан би можел да ги зголеми антарктичките температури за приближно шест степени Целзиусови, каде што би се ослободило огромно количество јаглерод од Антарктичкиот Океан, што дополнително би ја забрзало климатската катастрофа.
.jpg)
Дури и кога ќе се земат предвид сите олеснувачки околности на општото глобално затоплување, се вели во еден труд, во северна Европа би настапиле периоди на екстремен студ – температурата во Лондон би паднала на минус 19 степени Целзиусови, во Единбург на минус 30, а во Осло на минус 48. Морето во февруари би било замрзнато дури до Линколншир. Нашата клима драстично би се променила и екстремите како големите зимски бури би биле далеку почести и поинтензивни. Земјоделското производство кое зависи од дождот би станало невозможно во речиси сите делови на Велика Британија.
На која било човечки релевантна скала таа промена би била трајна. Нејзината брзина би ја надминувала нашата способност за прилагодување. Прекини на Amoc, предизвикани од природната променливост на климата, се случувале и порано. Но не во ерата на големата човечка цивилизација.
Првиот труд во кој се вели дека Amoc можеби има две состојби, дека може да биде вклучен и исклучен, објавен е уште во 1961 година. Оттогаш многу студии го потврдија тоа и ги истражуваа потенцијалните тригери и можните последици. До неодамна колапсот на Amoc предизвикан од човечка активност беше вбројуван во категоријата настани наречена „големо влијание, мала веројатност“ – кои се разорни ако се случат, но нема да се случат. Истражувањата во текот на неколку години поттикнаа нова проценка: тој настан попрво припаѓа на категоријата „големо влијание, голема веројатност“. Сега професорот Стефан Рамсторф – водечки светски авторитет за таа тема – во својата реакција на неодамна објавениот труд вели дека веројатноста за прекин надминува 50 проценти. Точката без враќање според него може да биде помината кон средината на овој век.
Зошто тоа не е ударна вест на денот? Зошто тоа не е приоритет на владите кои тврдат дека нè штитат од пропаст? Зашто олигарсите се залагаат за модел на климатско влијание без многу врска со реалноста. Тој е заснован на претпоставки кои се во спротивност со научните наоди, а токму на него почиваат официјалните реакции на климатската криза. Овој модел го промовираше економистот Вилијам Нордхаус, кој се занимаваше со проценка на економските ефекти од глобалното затоплување. Неговиот модел сугерира дека општествено оптималното ниво на затоплување е помеѓу 3,5 и 4 степени Целзиусови. Повеќето климатолози сметаат дека таквиот пораст на температурата би бил катастрофален. Дури ни шест степени Целзиусови, вели Нордхаус, не би предизвикале загуба поголема од 8,5 отсто од БДП. Науката за климата, пак, сугерира дека тоа би бил крај на цивилизацијата.
.jpg)
Како што тврдат угледните економисти Николас Стерн, Џозеф Стиглиц и Шарлот Тејлор, благите ефекти што Нордхаус ги предвидува всушност се последица на недостатоците на неговиот модел. На пример, се претпоставува дека катастрофални ризици не постојат и дека влијанието на климата линеарно расте со температурата. Ниту еден модел на климата не сугерира таков развој на настаните. Напротив, климатологијата предвидува нелинеарни влијанија и значаен пораст на ризикот. Можните влијанија од високите нивоа на затоплување опфаќаат потопување големи градови, исчезнување на климатската ниша на услови погодни за човечки живот во огромни делови на планетата, крах на глобалниот систем на храна и каскадни промени на режимите во екосистемите со што би се ослободиле природните складишта на јаглерод, што би довело до ефект на стаклена градина на целата Земја, на која би преживеале многу малку луѓе. Бодовите на БДП повеќе не би биле важни, бидејќи повеќе не би имало ни БДП ни економија во која би се мереле.
Посебно е бизарно тоа што моделот на Нордхаус применува дисконтни стапки на идните луѓе, односно претпоставува дека нивните животи ќе вредат помалку од нашите. Со други зборови, методот што се користи за пресметување на приносот од капиталот е применет на човечки суштества. Како што истакнуваат тројцата споменати економисти, „за такво нешто тешко е да се најде оправдување во филозофијата на моралот“. Климатските промени несразмерно ги погодуваат сиромашните – но во тој модел нивните животи се сè поевтини.
Стерн, Стиглиц и Тејлор напоменуваат дека е логично таквите модели да ги користат застапниците на „посебни интереси“, како што се интересите на индустријата за фосилни горива, за да се залагаат за најмала можна реакција на климатската криза. Но, не станува збор само за нафтените компании. Бил Гејтс, кој декларативно сака да ја заштити нашата планета, дал 3,5 милиони долари на компанија која произведува идеолошки отпад. На нејзино чело е Бјорн Ломборг, човек кој изгради кариера промовирајќи го моделот на Нордхаус и на тој начин даде свој придонес во омаловажувањето на потребата од мерки против менувањето на климата. За своите погубни бесмислици Нордхаус доби Нобелова награда за економија и тие се прифатени ширум светот во процесот на одлучување на највисоко политичко ниво.
Милијардерскиот култ на смртта го дави човештвото со исмевање на егзистенцијалната криза на нашиот биолошки вид. Олигарсите не се само класен, туку и општествен непријател (како што секогаш и биле). Неколку илјади такви моќници можат да ја уништат цивилизацијата. Во оваа игра на милијарди луѓе против милијардери, влогот не може да биде поголем.
.jpg)
Карикатури: Oguz Gurel
Извор: https://www.theguardian.com/