1016 hPa
34 %
32 °C
Скопје - Вто, 14.07.2026 19:59

Под мотото ,,Договорите не се поништуваат, уметниците не се понижуваат”, културните работници, во организација на Синдикатот на културата, пред Уставниот Суд во Скопје, организираа протест на кој го изразија незадоволството и загриженоста поради одлуката на Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на колективниот договор за култура, што според синдикатот ги загрозува веќе стекнатите работнички права.
Од Синдикатот наведуваат дека ова не е техничко прашање, ниту правна ситница, туку суштинско прашање за тоа дали правото важи еднакво за сите, а покрај тоа истакнаа дека незадоволството се однесува и на начинот на кој се третираат колективните договори и работничките права, оценувајќи дека постапката пред Уставниот суд може да има пошироки последици врз целиот културен систем.
На протестот беа истакнати повеќе пораки, а пред присутните се обрати и Претседателката на Синдикатот Вера Атанасовска, која во својот говор ја потенцираше важната улога на Судот, кој како што се наведува во обраќањето, треба да биде последниот штит на правдата, последната линија на одбрана на уставноста и законитоста.
,,Тоа што денес се случува со Колективниот договор, не е техничко прашање, ова е порака дека културата е најлесната мета, порака дека стекнатите права не се сигурни. Ако денес падне културата, утре паѓаат сите” наведе Атанасовска во дел од своето обраќање кон присутните.
Пред Уставниот Суд се обрати и Претседателот на Сојузот на Синдикатите Слободан Трендафилов, кој изрази поддршка до културните работници, а во својот говор упати и пораки до уставните судии, кои според него треба да бидат столбот на правото и потенцираше дека не смее да се дозволи културата да се врати на минималец.
Постапката за оценување на колективниот договор е поведена по иницијатива на адвокатот Томислав Стефков, како и по сопствена иницијатива на Судот во дел од одредбите од Законот за култура, а од Уставниот Суд нагласија дека станува збор за втора фаза во која ќе се оценува уставност и законитост, конечна одлука за оспорените акти се уште не е донесена.
„Судот постапува исклучиво во рамки на своите уставно утврдени надлежности и одлучува по уставно-правни прашања, односно ја оценува усогласеноста на прописите со Уставот. Во таа смисла, предмет на разгледување не е работата, значењето или придонесот на уметниците и културните работници, ниту пак нивниот статус или примања.“ – велат од Уставен суд.
Културните работници најавија дека ќе продолжат со протести доколку не се најде решение преку институционален дијалог.
.jpg)
Извор: https://www.radiomof.mk/