1003 hPa
51 %
14 °C
Скопје - Саб, 16.05.2026 21:59

Мојот живот надвор од режимот на сексуалната разлика е поубав од сè што би можеле да ми ветите како награда за прифаќање на нормата. Ако го прифатив новиот јарем на машкото име среде тој тунел кон излезот, тоа беше за подобро да укажам на софизмот што ги потпира сите родови идентификации. Тој јарем исто така ми донесе и некои предности, кои повремено ги прифаќам како чаша вода во политичкава пустина. Оние кои не го знаат мојот статус на транс особа се однесуваат кон мене со истите привилегии и обзири кои ги добиваат белите мажи во патријархалното и колонијалното општество. Би можел, несомнено, да ги искористам тие глупави поволности, но за да го направам тоа ќе требаше (невозможна задача!) да го изгубам сеќавањето.
Не само што не се избришани спомените од изминатиот живот што го поминав како жена, туку тие останаа јасни во мојот ум; така што, спротивно на тоа што медицината и психијатријата веруваат и пропагираат, не престанав целосно да бидам Беатрис за да станам само Пол. Моето живо тело, не би рекол моето несвесно или мојата свест, туку моето живо тело кое сè опфаќа во целата своја непрекината преобразба и во своите бројни промени, потсетува на грчки град во кој, на различни енергетски нивоа, коегзистираат транссовремени зданија, постмодерна лезбејска архитектура и убави куќи во арт деко стил со стари селски градби под чии темели лежат стари животински и растителни остатоци, минерални и хемиски материи од подземни лежишта. Трагите кои изминатиот живот ги втиснал во моето сеќавање станале посложени и поповрзани, градејќи куп од живи сили, така што е невозможно да се каже дека пред само шест години бев просто жена, а денес сум просто маж. Повеќе ја сакам својата ново состојба на чудовиште отколку претходната, на маж или жена, оти таа наликува на нога која зачекорила напред во празнина, покажувајќи го патот кон некој друг свет. Тука не зборувам за живото тело како за анатомски објект, туку за нешто што го нарекувам „соматека“, жива политички архива. На истиот начин како што Фројд го евоцираше психичкиот апарат поширок од свеста, така денес е потребно да се артикулира новиот поим, соматскиот апарат, за да можат предвид да се земат историските и екстернализираните модалитети на телото, оние кои се медиализирани со дигитални, фармаколошки, биохемиски и протетички технологии. Соматеката е во фаза на преобразба.
Чудовиште е оној кој живее во транзиција. Оној чие лице, тело и однесување уште не можеме да ги сметаме за стварни во поредокот на детерминираните знаење и моќ.
.jpg)
Да се спроведе транзиција на родот значи да се изуми машински склоп со хормон или со некој друг жив код кој може да биде јазик, музика, облик, билка, животно или некое друго живо битие. Да се спроведе транзиција на родот значи да се воспостави трансверзална комуникација со хормонот која го брише или, поточно, го избегнува она што вие го нарекувате женски фенотип и овозможува будење на некоја друга генеалогија. Тоа будење е револуција. Станува збор за молекуларно востание, за напад врз моќта на хетеропатријархалното его, идентитетот и името. Тоа е процес на деколонизација на телото.
Токму таа можна револуција, инхерентна за секој процес на транзиција, ги ужасува нормативната психологија и психоанализа, кои се натпреваруваат во неутрализирањето на нејзината моќ. Во доминантниот медицински и психолошки дискурс, транс телото е колонија.
Транс телото за нормативната хетеросексуалност е она што е Лезбос за Европа: граница чија ширина и облик се одржуваат единствено преку насилство. Исечи овде, залепи онде, отстрани одредени органи за да ги замениме со други.
Транс телото е колонија. Секој ден, на која било улица во Тихуана или Лос Анџелес, Санкт Петербург или Гоа, во Атина или Севиља, телото на транс личноста се убива подеднакво неказнето како што се крева нова окупација од едната или другата страна на реката Јордан. Клиничката психологија и медицината учествуваат во војната за наметнување и нормализација на органите на транс телото.
Мигрантот ја изгубил државата-нација. Бегалецот го изгубил својот дом. Транс личноста го губи своето тело. Сите тие ја преминуваат границата. Границата ги конституира и ги пресекува. Ги отповикува и ги извртува.
.jpg)
Телото на транс личноста е за епистемологијата на половата разлика она што американскиот континент беше за шпанската империја: место на неизмерно богатство и култура, кое го надминувало имагинарното на Царството. Место на екстракција и уништување на животот. Нашите транс органи за хетеропатријархалниот систем се рудниците Потоси со кои се храни патријархално-колонијалното несвесно. Среброто е одвоено од земјата и рударот е погребан во окното. Нашите органи се каучукот од Амазонија и златото од планина. Нашите органи се маслото потребно за нормативната сексуална машина да работи. Насекаде транс телото е омразено, а во исто време за него се фантазира, се посакува и се троши.
Транс телото е животна сила, тоа е неисцрпната река Амазон која се протега низ џунглите, одолевајќи им на браните и на чистините.
Транс телото е за нормативната анатомија она што Африка беше за Европа: територија која се прекројувала и разделувала меѓу онои што најмногу нуделе. Гради и кожа за естетска хирургија, вагина за хирургија на Државата, пенис за психијатријата или за Лакановите анаморфози. Она што западниот научен и технички дискурс го смета за амблематични полни органи на машкоста и женскоста – пенисот и вагината – не е пореално од Руанда или Нигерија, Шпанија или Италија. Постои разлика меѓу зеленото бреже кое израснува на другата страна на реката и пустината која се протега на падината шибана од ветар. Постои еротски пејзаж на некое тело. Не постојат полни органи, туку колонијални енклави на моќта.
Транс телото е колонија на дисциплинарните институции, психоанализата, медиумите, фармацевтската индустрија, пазарот.
Транс телото е Африка и неговите органи, за да останат живи, се изразуваат на јазици кои му се непознати на колонизаторот, тие ткаат сништа кои вие психоаналитичарите не ги познавате.
И кога ќе ги исечете сите стебла и ќе ги пробиете сите планини, кога ќе ги изанализирате сите наши сништа, веќе нема да можете да уништите ништо друго. Земјата тогаш ќе биде ѓубриште, едно огромно, распарчено и проголтано транс тело. Телата на колонизаторите и вашите сопствени тела, драги психоаналитичари, ќе бидат погребани со транс органите што ќе ни ги одземете. Но, органите кои никогаш не сме ги имале нема да можат да бидат погребани. Нашите утописки органи ќе живеат вечно. Ќе бидат воини на границите.
.jpg)
Среде таа патријархално-колонијална војна, транзицијата на родот е антигенеалогија. Станува збор за тоа да се активираат гените чија експресија била анулирана од присуството на естрогенот, така што тие сега се поврзуваат со тестостеронот, поттикнувајќи развој напореден со мојот сопствен живот, ослободувајќи ја експресијата на фенотипот кој во спротивно би останал неостварен. За некој да биде транс, треба да ја прифати триумфалната ерупција на некоја друга иднина во себе, во сите пори на своето тело. Спроведувањето транзиција се сведува на тоа да сфатиме дека културните кодови на машкоста и женскоста се само анегдоти во споредба со бескрајната варијација на начини на постоење.
Миметизмот е лош концепт за промислување на родовата транзиција бидејќи уште зависи од бинарната логика. Да се биде ова или она, да се биде одредена работа или да се имитира некоја друга. Или сте маж или жена. Транс личноста не имитира ништо, како што крокодилот не имитира стебло или камелеонот различни бои во светот. Да се биде транс значи престанување да се биде крокодил и поврзување со својата вегетална иднина, осознавање дека виножитото може да стане кожа.
Кога ќе се прифати како процес на техношаманизам активиран од присуството на јазикот и хормоните, транс искуството е вртлог од трансформативна енергија кој ги рекодификува сите политички и културни означители, при што е невозможно да се направи јасна цезура (кардинална, според медицинската дефиниција), помеѓу вчера и денес, помеѓу женскоста и машкоста. Јас сум девојче кое оди низ кантабриско село и се качува по црешови стебла, со изгребани нозе. Јас сум момче кое спие со кравите во шталата. Јас сум крава која се качува по планината и се крие од човечките погледи. Јас сум Франкенштајн кој се обидува да пронајде некој кој го сака, додека шета со цвет во раката, а сите минувачи бегаат од него. Јас сум читател чие тело се претвора во книга. Јас сум адолесцент кој ја љуби девојката зад црковната капија. Јас сум девојка која се преоблекува во језуит и напамет учи параграфи од Спинозината Етика. Јас сум лезбејка со избричена глава која присуствува на БДСМ семинари во Центарот за лезбејска, геј, бисексуална и трансродна заедница во 13-та улица на Менхетн. Јас сум личност која одбива да се идентификува како жена и самата на себе секојдневно си инјектира мали дози тестостерон. Јас сум Орландо чие пишување стана хемија. Сепак, би сакал да избегнам за својата транзиција да раскажувам како за некакво херојство. Немаше ништо херојско во тоа. Јас не сум врколак и не сум бесмртен како вампир. Единственото јунаштво беше желбата за живот, силата во која се манифестираше желбата за промена која и ден-денес е во мене. Далеку од тоа да се индивидуални, забелешките за моето тело и личните неволји ги опишуваат политичките начини на нормализирање или деконструирање на родот, полот и сексуалноста, па така можат да бидат интересни за конституирање на дисидентско знаење во однос на хегемонистичките јазици на психологијата, психоанализата и невронауката.
.jpg)
За сето тоа ви зборувам јавно бидејќи е од суштинска важност дискурсот на половата разлика да не го конфискува јазикот на сексуално и родово потчинетите. Свесен сум дека од своето тело направив showroom: но подраго ми е својот живот да го претворам во книжевна легенда, во биополитичко шоу, отколку на психијатријата, фармакологијата, медицината или медиумите да им го препуштам градењето на претставата за мене како хомосексуалец или интеграционистички, бинарен и инструиран транссексуалец, како култивирано чудовиште способно да се изразува на јазикот на нормите, дами и господа, универзитетски професори и психоаналитичари.
Медицината и законот на родниот бинаризам го претставуваат процесот на транссексуалноста како тесен и опасен пат, како дефинитивна и иреверзибилна (неповратна) промена која е можно да се оствари единствено во екстремни услови, така што само малкумина, во најмал можен број, би биле кадарни да тргнат по него. Меѓутоа, би рекол дека тој пат е полесен и попријатен од повеќето задолжителни и посакувани искуства кои ги предлага доминантниот дискурс и ги озаконуваат медицинските и правни институции. Транзицијата на родот е, сама по себе, процес кој е полесно да се спроведе отколку да се оди во училиште во текот на детството и младоста, секој ден во исто време, долга низа години; таа е полесна од моногамниот и стабилен брак, полесна од бременоста и породувањето, полесна од основањето семејство и пронаоѓањето соодветно постојано вработување, полесна од постигнувањето среќа во потрошувачкото општество, полесна од стареењето и старечкиот дом. Би одел дури дотаму да кажам дека е, наспроти она што често се тврди, процесот низ кој поминав една од најубавите и најрадосни работи кои некогаш сум ги презел во животот. Сè што е страшно и ужасувачко во транссексуалноста не се наоѓа во самиот процес на транзиција, туку во начинот на кој границите меѓу половите казнуваат и се закануваат дека ќе го усмртат секој што ќе се обиде да ги премине. Не е транссексуалноста застрашувачка и опасна, туку режимот на половата разлика.
.jpg)
Најпосле, процесот на транзиција за кој овде зборувам во ниту еден случај не е иреверзибилен (неповратен). Напротив, доволно е само неколку месеци неземање тестостерон и свесна одлука да се „ре-идентификувам“ како жена, за повторно да го добијам женското тело кое го населува општествениот простор. Наводното патување исклучиво во еден правец е една од нормативните лаги на психијатриската и психоаналитичката историја, една од погрешните последици на бинарното мислење. Не само што не е нужно да се стане машко во „транс“ процесот, туку е сосем можно повторно да „бидеме“ жена, или нешто сосем друго, ако е тоа нужно или ако тоа го сакаме.
Да го кажеме тоа на наједноставниот можен начин: сите вие собрани на ова место, еминентни мудреци од Школата со фројдовска насока, би можеле да бидете хомосексуалци или да станете „транс“ личности. Секој од вас, кој би се осмелил да нурне во калеидоскопот на сопствената желба и сопственото тело, во својот резервоар на нервна напетост, во сопственото сеќавање, би можел во себе да најде окрепувачка возбуда, слободна енергија која нè нагонува да живееме поинаку, да се менуваме, да бидеме поинакви, да бидеме, така да се каже, радикално живи. Вашата женскост или вашата машкост која ја преземате и браните не е ништо помалку фабрикувана од мојата. Еден површен поглед на вашата историја на нормализација и потчинување на општествените и политичките кодови на доминантниот род и сексуалност ќе биде доволен за да почувствувате како тркалото на фабричката машинерија уште се врти во вас, како и желбата да излезете од рутината, да се дезидентификувате. Да се живее надвор од патријархалниот и колонијалниот закон, да се живее надвор од полното и родовото насилство, е право кое би требало да го има секое живо тело, дури и психоаналитичарот.
Но, да се сместиш и да живееш надвор од епистемичкиот и политичкиот режим додека новата когнитивна рамка, новата мапа на живи битија сè уште не е колективно призната, денес е стравотно тешко; во тој процес на транзиција јас уште не сум стигнал таму каде што сум се упатил. Не е лесно да се изуми нов јазик, да се изумат сите тие термини на новата граматика. Станува збор за огромен и колективен потфат. Но, колку и да изгледа дека еден живот е безначаен, никој не би се осмелил да каже дека вложениот труд е неисплатлив.
.jpg)
Меѓутоа, причината поради која јас, чудовиштето, денес ви се обраќам вам, дами и господа практичари и универзитетски професори на Француската психоаналитичка школа, не е зашто ме интересира вашето мислење за мојата наводна „транссексуалност“. Ќе ви кажам, од сопствено искуство, дека животот е подеднакво убав, можеби дури и поубав, а љубовта подеднакво интензивна, можеби дури и поинтензивна, кога половата разлика и облиците на хетеросексуалната и хомосексуалната љубов кои вие ги сметате за повеќе или помалку нормални или патолошки, се прифатат како она што се: големи артефакти на фикцијата кои заеднички сме ги изградиле и кои, ако некогаш можеби и биле неопходни за опстанок на одредена група човечки животни, денес претставуваат само гломазен оклоп кој не произведува ништо друго освен смрт и угнетување. Политички измислени и озаконети артефакти, историски конвенции, културни институции кои го попримиле обликот на нашите сопствени тела во толкава мера што се идентификуваме со нив. Нормативната машкост и женскост, хетеросексуалноста и хомосексуалноста, такви какви што биле замислени во 19 век, стапуваат во процес кој би можеле да го наречеме, ако не процес на пропаѓање, тогаш барем процес на деконструкција, поради еуфемизмот или од филозофско убедување.
Би ве замолил би да појдете со мене зад скелињата на оваа голема политичка архитектура која ја нарекуваме полова разлика, сочинета од збир норми и односи на моќ кои вие можеби ги сметате за неопходни услови за живот во општеството, но чие општествено одржување стана неподносливо.
Едноставно би сакал да знаете, сите да знаат, преку моето искуство, преку знаењето кое полово и родово потчинетите лица го произведуваат, но и преку расправите кои ги потресуваат современите медицински и научни практики, што стои зад името полова разлика. Така просветлени, ќе одлучите сами.
.jpg)
За да можете да дознаете и одлучите, ако ми дозволите – со необичната слобода која ми ја влева фактот дека ви се обраќам од подеднакво неочекувана и невозможна дискурзивна позиција, позиција на дисфорично родово чудовиште кое се обраќа на Академијата на психоаналитичари – би сакал денес да ви пренесам барем три идеи, бидејќи целиот свој живот го посветив на проучување на различни типови полни и родови сојузи во кои се затвораат човечките битија.
Прво, би сакал да почнам со тврдењето дека режимот на полни разлики со кој психоанализата оперира не е ниту природа ниту симболички поредок, туку политичка епистемологија на телото, и дека тој е, како таков, историски и подложен на промени.
Второ, би сакал да ве известам, во случај да не сте разбрале, дека таа бинарна и хиерархиска епистемологија од четириесеттите години на 20-иот век падна во криза, не само поради оспорувањето од страна на малцинските и дисидентските политички движења, туку и поради појавата на нови морфолошки, хромозомски и биохемиски податоци кои бинарното доделување на полот го прават во најмала рака спорно, ако не и невозможно.
Трето, би додал дека епистемологијата на половата разлика, разнишана од длабоките промени, влегува во процес на мутација и ќе го отстапи местото на новата епистемологија, веројатно во следните десет или дваесет години. Трансфеминистичките, квир и антирасистичките движења, како и новите практики на поврзување, на љубовни односи, родна идентификација, желба, сексуалност и именување, се знаци за тие промени и за тоа експериментирање во колективната изградба на поинаква епистемологија на живото човечко тело.
.jpg)
Извор за текстот: Paul B. Preciado - Can the Monster Speak?
Избор и превод: Тим Дисензус
Слики: Bertrand Sallé
.jpg)
Проектот „Дисензус“ е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.
Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд.