1003 hPa
51 %
14 °C
Скопје - Саб, 16.05.2026 21:59

Аданија Шибли
„Се поделија во два тима од по три члена и почнаа да ја шутираат лимената кутија напред-назад. И секогаш кога лименката ќе одлеташе предалеку, Маја, која стоеше настрана, премногу мала и премногу млада за да знае да игра фудбал, ќе потрчаше да ја донесе. Тоа навистина беше прекрасен ден што никој од нив нема лесно да го заборави, никогаш. Беа среќни“, пишува палестинската книжевничка Аданија Шибли во кратката приказна „Лимена топка“, објавена во изданието што списанието ArabLit Quarterly во 2021 година му го посвети на фудбалот.
Тоа е приказна за деца во војна, воодушевени од неочекуваните конзерви со храна на кои не сметале, како и од тоа дека тие можат да им станат реквизит за игра во која уживаат, а тоа е секогаш и секаде најмногу – фудбалот.
Освен Шибли, изданието собра различни авторки и автори од Блискиот Исток, од Мароко до Бахреин, кои во својата работа ги испреплетуваат фудбалот и книжевноста, преку есеи, поезија, кратки приказни и интервјуа. Во есејот во кој објаснува зошто за неа фудбалот е како пишувањето (и зошто пишувањето е како фудбалот), либанската авторка и преведувачка Маја Ал Хаџ пишува дека фудбалот „ги враќа гласовите на земјите што ги замолкнале големите империи. Фудбалот ги меша картите што на маса ги фрлиле големите сили, овозможувајќи им на оние на маргините да ја искусат среќата што инаку би била изгубена во овој суров, забрзан свет“.
Ирачката книжевничка Јасмин Хануш во кратката приказна „Распарена топка“ ги става читателите во една чудно апсурдна ситуација во која фудбалска топка паѓа од небото во посед на дете. Буквално, дар од небото. Иако на почетокот тој дар изгледа како остварување на детски сон, подоцна работите се комплицираат. Момчето станува сè посвесно за комплексноста на светот што се тркала, а мислите сè поинтензивно му се испреплетуваат со конфузните и контрадикторни животи на малите луѓе за кои ќе се покаже дека живеат во топката.
Истражувачката и авторка Леони Рао за ова издание на ArabLit Quarterly приреди избор на навивачки скандирања од пет арапски земји, кои ја артикулираат општествената неправда и содржат критика на локалните и националните власти. Меѓу другото, вклучени се скандирања на алжирските навивачи и навивачки од 2019 година, кои станаа химна на протестите што го окончаа претседателскиот мандат на Абделазиз Бутефлика – стихови за емиграцијата, авторитарната држава, невработеноста, седирањето и пасивизацијата на младите преку дроги и други зависности. Рамо до рамо со нив се најдоа скандирањата на навивачите и навивачките на клубот Хилал Ал Кудс од источен Ерусалим, кои со години на трибините пеат: „Оле, оле, оле, оле / Слобода, а Ерусалим ќе остане арапски.“
Поинаква фудбалска критика носи песната „Форт-Да“ на саудискиот книжевник Хатем Алзахрани, која на англиски јазик за списанието ја преведе Монира Ал Гадер. Алзахрани им се обраќа на литератите кои до бескрај ја интелектуализираат играта, на оние што „ги местат очилата, гаргараат со елегантни зборови, / а потоа им се обраќаат на масите“.
Во изданието посветено на фудбалот се наоѓа и кратката приказна „Покрив“ на либиската авторка Наџва Бин Шатван, првата меѓу либиските книжевнички која во 2017 година успеа да влезе во потесниот избор за Меѓународната награда за арапска фикција. Нејзината приказна од арапски на англиски ја преведе Нариман Јусеф, а преку неа го запознаваме ликот Андреа Џордани, кој ноќе работи како чувар во градското собрание на својот роден град, а дење е голман на локалниот фудбалски клуб. Писателки и фудбал, нема крај!
Извор: https://sdf.hr/