Лудилото во цивилизацијата (5)

30.04.2026 02:08
Лудилото во цивилизацијата (5)

 

Корените на лудилото

Само во Германија имало посериозни обиди да се спроведе одлучно и истрајно истражување на етиологијата на менталните болести. Германската психијатрија во втората половина на деветнаесеттиот век настојувала да се води според пристапот кој германската општа медицина ја довел до светскиот врв. Германското обединување останало нецелосно до 1870 година, а во средината на деветнаесеттиот век многу кнежевства одлучиле да се натпреваруваат за видливост и престиж преку финансирање на универзитетите, бидејќи напредокот на науката им давал сјај на нејзините покровители. Користејќи ја таа дарежливост, нивните академски институти станале фабрики за знаење и ја лансирале германската наука и медицина до највисоко ниво во меѓународни рамки. Клиниките и институтите произлезени од универзитетите на нови начини ги обединувале поучувањето и истражувањето и создале култура која во голема мера придонела од корен да се измени разбирањето на болестите и лабораторијата и микроскопот да добијат централно место во генерирањето нови спознанија.

Тoј модел го усвоила и германската психијатрија. Германците ги имале истите бараки-лудници како и сите други, но почнувајќи од именувањето на Вилхелм Гризингер (1817–1868) за професор по психијатрија во Берлин во 1865 година, имале и помали клиники припоени кон универзитетите, каде што можеле да се одвиваат интензивни истражувања. Најголемиот дел од кариерата на Гризингер бил посветен на интерната медицина, иако уште во 1845 година напишал влијателен учебник по психијатрија. Ревидираното издание објавено во 1861 година доживеало голем успех, а инсистирањето на Гризингер дека „пациентите со таканаречени 'ментални болести' се всушност поединци со болести на нервите и мозокот“1  станало водечко начело за следната генерација. Смртта на Гризингер од пукање на слепо црево, на возраст од педесет и една година, воопшто не му наштетила на ширењето на пристапот чиј ран застапник бил тој.

Се чини дека во децениите што следеле германските психијатри биле преокупирани со истите истражувања како нивните колеги во општата медицина; во одредени погледи нивните резултати биле импресивни, што можеби придонело за тоа психијатрите на други места да го усвојат германскиот назив за својата специјалност. Детално се проучувала анатомијата на мозокот и ’рбетниот мозок. Биле пронајдени нови техники за фиксирање и боење на клетките заради микроскопско испитување. Тоа повремено доведувало до откритија кои докажувале дека некои пациенти во големите лудници навистина страдаат од болести чиј причинител е во мозокот. Во 1906 година во Германија Алоис Алцхајмер (1864–1915) забележал наслаги и јазли на нервните влакна поврзани со обликот на деменција кој денес го носи неговото име; во 1913 година во САД Хидејо Ногучи (1876–1928) и Џ. В. Мур го докажале она што се насетувало повеќе од две децении — дека прогресивната парализа (ГПИ) всушност е терцијарен стадиум на сифилис. Идентификацијата на сифилистичните спирохети во мозокот на паретичарите, како што често ги нарекувале оние кои страдале од ГПИ, го докажала тоа2.

Поврзаноста меѓу менталните симптоми и клеточната патологија го зацврстиле ставот дека биолошките истражувања би можеле да помогнат во разоткривањето на етиологијата на лудилото, но за големиот број ментални болести претпоставените мозочни лезии останале еднакво недофатливи како што биле секогаш. За работите да бидат полоши, откритието на Алцхајмеровата болест и сифилистичкото потекло на ГПИ повеќе го зацврстувало отколку што ги ублажувало песимизмот и малодушноста кои ја опкружувале психијатриската професија. Како и патолозите кои на почетокот на деветнаесеттиот век во Париз ги трасирале патиштата на болничката медицина и придонеле да заврши долготрајната фасцинација на Западот со хуморалната медицина, германските клиничари малку ги интересирала хаотичната работа околу негата и лекувањето на пациентите. За нив лудниците едноставно биле извор на патолошки примероци за сецирање во операционата сала и за микроскопот. Живите болни не им биле интересни, па тие во суштина биле препуштени на својата судбина.

Постоел важен исклучок од тоа општо правило. Во таа генерација германски психијатри живеел Емил Крепелин (1856–1926), кого слабиот вид го спречил да изгради кариера во лабораторија. Наместо тоа славата му ја донело истражувањето на судбината на илјадници пациенти кои ги преплавувале лудниците во Германија. Душевната болест тој ја гледал како и секој природонаучник, трагајќи по обрасци во патологијата на пациентот и настојувајќи индуктивно да состави дескриптивен попис или класификација — нозологија — на различните типови лудило. Содржани во низа изданија на неговиот сè повлијателен учебник, заклучоците кои ги извел од многубројните картички со белешки биле дека лудилото може да се подели на два основни типа: штетна, веројатно трајна состојба која има дегенеративен тек и малку шанси за подобрување, dementia praecox, и на малку пооптимистичната втора опција — бидејќи се работело за облик на душевна болест кој понекогаш стивнувал — манично-депресивна психоза.

Сложените нозологии насекаде биле карактеристика на голем дел од психијатријата во деветнаесеттиот век. Настојувајќи да го разликуваат своето езотерично знаење од општите претпоставки на кои обичните членови на општеството долго време премолчено се потпирале за да ги разграничат лудите од здравите, психијатрите измислиле мономании и поими како што е моралната умoболност. Последново било состојба во која лицето ја задржувало способноста за расудување, но изразувало „морбидно изобличување на природните чувства, склоностите, темпераментот, навиките, моралните диспозиции и природните пориви“3. Често пречекувани со сомнеж во јавноста или на суд, таквите доктрини го потхранувале трајниот немир кој се согледувал во периодичните налети на загриженост дека аморфната граница меѓу лудилото и здравјето ќе се искористи така што секое отстапување од конвенционалниот морал и општествените стандарди би се изедначило со умоболностa. За клиничарите таа вербална гимнастика со себе повлекувала поинаква низа проблеми: било речиси невозможно да се примени практично. Англискиот психијатар Хенри Модсли, во негов стил, презриво зборувал за „бројните и разработени класификации кои во збунувачки редослед формално се предлагаат како обемни, а премолчено се осудуваат како бескорисни (...) многу учени називи (...) кои се измислуваат во запрепастувачки број за да означат едноставни работи“4.

Верзијата на Крепелин била поинаква (или барем самиот ја прогласувал за поинаква), бидејќи тврдела дека е индуктивно изведена од клиничкото искуство: dementia praecox била поделена на хебефрен, кататон и параноиден облик, и била нестабилна во праксата. На пациентот кој ќе се излекувал, дијагнозата можела да му се прилагоди во манично-депресивна психоза, додека оној што упорно не оздравувал лесно можел да се преименува во случај на dementia praecox, што е дијагностичка ознака која набрзо ја модифицирал швајцарскиот психијатар Еуген Блојлер (1857–1939), кој во 1910 година го вовел поимот „шизофренија“ — буквално расцепеност на умот. Тоа било пореметување чии карактеристични симптоми создавале парада од катастрофи: конфузност, вознемиреност, неможност за воспоставување односи со другите, тешко пореметување на мисловните процеси кое се протега до безумност и халуцинации, пред конечното паѓање во драстично соголен ментален универзум, во деменција на која Крепелин алудирал во својот првобитен назив за ова пореметување. Не постоело ништо што би го осветлило мракот во кој била обвиткана психијатријата и нејзините пациенти.

Самиот јазик кој се користел кога се зборувало за оние кои страдаат од лудило укажувал на грубоста со која тие биле перципирани. Еден британски психијатар се жалел дека дегенерици се раѓаат секоја година „со педигре кое би осудило кутриња на [давење во] коњско поило“5. За луѓето во душевните болници се зборувало како за „расипани лица“, „лепрозни“, „морален отпад“, „десетпати поопасни и попогубни“ и бесконечно помалку способни за напредок од примитивните варварски дивјаци“, и како за луѓе обдарени со „посебно одвратно карактеристики“6 — и тоа токму од страна на оние кои тврделе дека се занимаваат со нивно лекување. Имало и не толку пригушени коментари во кои се жалело дека сочувството кое доаѓа со порастот на цивилизираноста го спречило „делувањето на оние закони кои го отстрануваат она што е непожелно и ги истребуваат болните и на други начини неспособните на сите степени на природниот живот“7. Други злокобно зборувале за „чистење на крвта на човечкиот род од живи отрови“8.

Една од последиците на популарноста на таквото размислување бил подемот на еугениката, настојувањето да се заузда склоноста на сиромашните и хендикепираните кон размножување и да се поттикне репродукцијата на „подобрите соеви“. Тоа била идеја која ги привлекувала водечките интелектуалци, вклучувајќи ги Френсис Галтон (роднина на Дарвин), Џорџ Бернард Шо, Х. Г. Велс и Џон Мејнард Кејнс, како и истакнатиот американски економист Ирвинг Фишер; да не ги спомнуваме Винстон Черчил и Вудро Вилсон. Многу американски сојузни држави усвоиле закони со кои се обидувале да го забранат венчавањето на душевно неспособните, а во некои случаи обезбедувале стерилизација против волјата на засегнатите, со цел да се спречи раѓање на понатамошни „дефектни“ лица. Најпосле, во 1927 година, критиката на сметка на стерилизациите, во случајот „Бак против Бел“, стигнала до Врховниот суд на Соединетите Држави. Мнозинството гласно пресудило со 8–1 дека нема уставна пречка за непринудна стерилизација на американски граѓанин. На Оливер Вендел Холмс Помладиот, кој често се смета за еден од најистакнатите правници во историјата на нацијата, му била доделена задачата да го напише мислењето, и тој звучно го усвоил стојалиштето на државата. „Подобро е за целиот свет“, напишал тој, „наместо да се чека потомството на изродите да биде погубено поради своите злосторства, или да се остави поради имбецилност да скапува од глад, општеството да може да ги спречи оние кои се очигледно неподобни за продолжување на својот вид. Начелото кое го поддржува задолжителното вакцинирање е доволно широко за да го покрие пресекувањето на Фалопиевите туби (...). Три генерации имбецили се доволни“9. Четириесет од тогашните четириесет и осум американски сојузни држави до 1940 година имале закони за задолжителна стерилизација, иако само неколку од нив ги спроведувале на посериозно ниво, а меѓу нив се истакнувала напредната Калифорнија.

На други места противењето на верските групи и уставната регулатива на демократските политики го спречувале усвојувањето и спроведувањето слични закони. Но, тоа не било случај во нацистичка Германија. Угледните германски психијатри во 1920-тите биле воодушевени поборници на еугениката и не се воздржувале да извлечат логични последици од своето уверување дека душевните болници се „легла со инфериорни биолошки примероци“. Уште во 1920 година, германскиот психијатар Алфред Хохе (1863–1943) и неговиот колега правник Карл Биндинг (1841–1920) повикале на отстранување на „живите невредни за живот“. Речиси веднаш по доаѓањето на власт, во јули 1933 година, Хитлер издејствувал усвојување на „Законот за спречување наследно болно потомство“, изрично составен според моделот на преседаните во Калифорнија и Вирџинија10. Со активно и воодушевено учество на многу водечки германски психијатри, меѓу 1934 и 1939 година биле стерилизирани од 300 до 400 илјади луѓе11. Потоа, во октомври 1939 година, Хитлер издал декрет за започнување на таканаречената програма Т-4. И повторно, психијатрите воодушевено се приклучиле кон спроведувањето на новите прописи: душевните болни — „бескорисни јадачи“ во нацистичката терминологија — биле собрани и испратени во низа душевни болници. Таму биле „дезинфицирани“, односно истребувани, најпрво со смртоносна инјекција или стрелање, а кога тоа се покажало како премногу бавно и несмасно, нацистите конструирале гасни комори каде што пациентите ги собирале под „тушеви“ и ги убивале со јаглерод моноксид. Повеќе од 70 илјади биле погубени за година и пол, а до крајот на војната дури четвртина милион; на ваков начин биле убивани луѓе дури и по крајот на војната, бидејќи и по падот на нацистичкиот режим, а без знаење на окупациските сили, некои психијатри продолжиле да ги убиваат оние кои ги сметале за „расипани личности“12. Лудило во цивилизацијата, нема што!

Кон четвртиот дел.

Избор и превод: Тим Дисензус

Слики: Théodore Géricault – Портрети на луди луѓе (околу 1822-23)

Извор за текстот: Andrew Scull - Madness in civilization: a cultural history of insanity, from the Bible to Freud, from the madhouse to modern medicine (2015)

Фусноти

1. Цитирано во Edward Shorter, 1997, p. 76
2. Hideyo Noguchi и W. Moore, 1913.
3. James Cowles Prichard, 1835, p. 6
4. Henry Maudsley, 1895, p. vi
5. S. A. K. Strahan, 1890, p. 334
6. Henry Maudsley, 1883, p. 241, 321
7. S. A. K. Strahan, 1890, p. 331
8. Објавено во Annales médico-psychologiques 12, 1868, p. 288, цит. во Ian Dowbiggin, 1985, p. 193
9. Buck vs. Bell, 247 US 200, 1927.
10. За дискусијата за врските poмеѓу нацистичките застапници на „расната хигиена“ и американските еугеничари, види Stefan Kühl, 1994. Според зборовите на Маргарет Смит, дипломка на Стенфордскиот медицински факултет и директорка на Калифорниската државна болница во Стоктон: „Водачите на германското движење за стерилизација постојано тврдат дека нивните законски одредби се формулирани по внимателно проучување на калифорнискиот експеримент“. Margaret Smyth, 1938, p. 1234.
11. Види Robert Proctor, 1988; Aly Götz, Peter Chroust и Christian Pross, 1994.
12. Види M. von Cranach, 2003; Michael Burleigh, 1994.

Слични содржини

Општество / Психологија / Живот / Теорија / Историја
Општество / Психологија / Живот / Теорија / Историја
Општество / Психологија / Живот / Теорија / Историја
Општество / Психологија / Живот / Теорија / Историја
Психологија / Живот / Теорија
Активизам / Психологија / Живот / Теорија
Општество / Живот / Теорија

ОкоБоли главаВицФото