1003 hPa
51 %
14 °C
Скопје - Саб, 16.05.2026 21:59

Културата не е зграда
Културата не е партиска работа. Уметноста не е државна служба. Уметноста што не предизвикува е само декорација, кич, забава за богатите и измамените. Уметноста која не гризе не е уметност туку мебел. Ние избираме да бидеме огледало што ги покажува пукнатините на општеството. Нашата креативност е оружје против апатијата.
Институциите ја балсамираат културата. Таа во моментов преживува на улица. Институциите градат ѕидови за да ја „зачуваат“ уметноста, но уметноста дише на слобода. Ние веруваме дека културата не се „случува“ со декрет, печат или министерско одобрение. Таа се раѓа случајно, инстинктивно, по потреба, во бунт и отпор, како крик, на дистанца...
Ги славиме маргиналците ‒ оние што не се вклопуваат во калапот, чиј израз е предив и пресуров за „институција“, а преискрен за пазарот (кој ионака е строго диктиран и под контрола). Рефлекторите се резервирани за послушните. Се бориме за оние кои создаваат сами во мрак. Да се игнорира таа уметност значи да се избрише душата на заедницата.
Не се грешки „чудноста“, невкалапеноста, неприпаѓањето... Тоа е нашата снага! Не бараме дозвола за да постоиме. Не чекаме пари. Не чекаме публика. Не чекаме подобри времиња. Создаваме со тоа што го имаме во рацете. Нашата независност доаѓа од нашата способност да изградиме сопствени светови во урнатините на сегашниов гнил поредок.
.jpg)
Културата е труд, а не хоби
Нашите ателјеа се шупи и подруми, а вашите сефови се полни.
Но, го одбиваме романтизирањето на „гладниот уметник“! Сиромашниот уметник не е романтичен идеал за манипулирање, туку државна системска грешка, која мора да се поправи!
Некои актери на независната културна сцена на полето на уметноста работат повеќе и вредат повеќе од цели институти и катедри!
Затоа бараме основен приход за независните културни работници. Бараме фондови за „осамените“ ‒ за оние кои немаат логистика, PR тимови и правни сектори. Бараме признавање на трудот што се вложува во алтернативните простори како јавно добро.
Бараме директна поддршка за индивидуални уметници и неформални колективи.
Бараме поширока мрежа за социјална сигурност на слободните уметници и културни работници.
Сиромаштијата не е избор, таа е системско насилство.
.jpg)
Немате монопол врз јавните пари
Институциите не се сопственици на парите на граѓаните. Тие се нивни чувари и распределувачи. Бараме и нудиме поинакви концепти за финансирање на независната (неинституционализирана) културна сцена. Неприфатливо е 90% од даночните пари за култура да завршуваат во мртви партизирани институции, во администрација, наместени конкурси, лудачки споменици... додека живата, независна сцена преживува на трошки, се гаси или заминува од темниов вилает.
Не ни требаат нови директори, ни треба нов културен и граѓански систем. Во секторот на културата и граѓанското општество бараме независни институции или независни (автономни и компетентни) тела во рамките на постојните институции, кои на транспарентни конкурси ќе одлучуваат непристрасно, праведно, со знаење, врз основа на јасни и принципиелни мерила и стратегии.
Дијагноза: Хроничен недостиг на кислород во институционалните ходници.
Рецепт: Радикална инфузија на буџети во вените на независната сцена.
.jpg)
Независната култура е суштинска за граѓанското организирање
Независната култура е поврзана со екологијата, со грижата за јавните простори, со алтернативното образование, со малите фирми и организации кои имаат еманципаторски потенцијал...
Таа е „органски“ поврзана со целокупниот граѓански сектор зашто нејзиното настанување, развој, прикажување, главно се одвиваат надвор од институционалната култура. Стиловите, методите, начините на работа исто така се разликуваат од тие во институционалната култура. Со самото тоа независната култура е похетерогена, пошарена, пожива,поблиска до граѓаните, и подемократска.
Задачата пред нас, и како граѓани на нашата држава и како граѓани на светот, значи, е поширока: преовладувачката култура на себичност и затвореност ќе треба да ја замениме со култура на вредности и принципи. Здружувајќи се, промислувајќи ги работите поодговорно и малце подалеку од сопствениот нос, ќе треба одново да се воспоставиме себеси; преобликувајќи го „табиетот“ ќе треба да трасираме подобра и поодржлива иднина за целата заедница. Тоа не е лесно, се разбира, но никогаш не треба да стане невозможно.
.jpg)
Слики: Добри Трендафиловски - Добрин (1918-1995)