Критички книжевен кружок: Грижа за овој живот

30.04.2026 15:57
Критички книжевен кружок: Грижа за овој живот

Додека КРИК – фестивал за критичка култура се подготвува за летната серија на возбудливи јавни настани, сакаме уште отсега да отвориме простор за заедничко читање, размислување и размена, со што ќе се обидеме да поттикнеме поангажирана заедничка вклученост во фокус темите. Во пресрет на разговорите и презентациите со авторите што ќе се одржат во Скопје кон крајот на јуни, ве покануваме да се приклучите на „Критички книжевен кружок: грижа за овој живот“ - серија средби за читање замислена како начин да се активира, поттикне и зајакне локалната сцена преку заедничко критичко читање и дискусија/разговор.

Во рамки на поширокиот тематски фокус на овогодинешниот КРИК кој е посветен на лабораториско промислување и активно истражување на моделите на грижата, заедништвото, и условите заедничкиот живот, книжевниот кружок ќе се посвети на две значајни и провокативни книги: „Пиратска грижа“ од Томислав Медак, Валерија Грациано и Марсел Марс, и „Овој живот: секуларна вера и духовна слобода“ од Мартин Хеглунд, кои Контрапункт ги издаде во рамки на својата едиција за современа критичка теорија, Пунктум. Книгите се во превод на Жарко Трајаноски.

Од почетокот на мај до крајот на јуни, учесниците ќе читаат избрани текстови обезбедени на македонски и англиски јазик, создавајќи простор за критичко читање, разговор и заедничко толкување. Кружокот е замислен како можност не само за читање, туку и за заедничко промислување на грижата како општествена практика, на одговорноста и солидарноста, како и на облиците на живот што ги создаваме и браниме заедно.

Учесниците можат да изберат да се приклучат на читањето на едната книга или на двете книги. Средбите на читачкиот кружок ќе се случуваат еднаш неделно.

За книгите

„Пиратска Грижа“ ги истражува облиците на колективна грижа што се појавуваат таму каде што институциите потфрлаат - од заемна помош и неформални инфраструктури, до солидарност, непослушност и заедничко преживување. Ова е моќна и исклучително актуелна книга за тоа како луѓето организираат грижа надвор од пазарот, државата и исклучувачките системи.

„Овој живот: секуларна вера и духовна слобода“ е смело промислување на конечноста, слободата, посветеноста и на она што му дава значење на животот токму затоа што е кревок и конечен. Мартин Хеглунд нуди длабоко ангажирачки аргумент за тоа зошто нашето време, нашите односи и нашиот заеднички свет се важни.

Кон крајот на јуни, авторите на двете книги ќе бидат во Скопје како дел од КРИК – фестивал за критичка култура. Учесниците во книжевниот кружок ќе имаат посебна можност, покрај присуството на јавните настани, да учествуваат и на одделна средба и директна размена на мислења и концепти со авторите.

Кружокот е отворен за сите што се заинтересирани за критичка мисла, книжевност, политика, филозофија и колективна дискусија.

Кужокот е дел од активностите предвидени во Школата за критичко мислење на Контрапункт 2026.

Линк за пријавување.

---
KРИК - фестивал за критичка култура е поддржан во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд. Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд.
КРИК - KРИК - фестивал за критичка култура е поддржан од Гете Институт Скопје, Министерство за култура и туризам на Република Северна Македонија, ПроПис Севена Македонија, Фридрих Еберт Штифтунг Скопје.

ОкоБоли главаВицФото