1003 hPa
51 %
14 °C
Скопје - Саб, 16.05.2026 21:59

Центарот за граѓански комуникации ги објави препораките за подобрување на финансиските трансфери од Владата за инфраструктурни проекти на општините за обезбедување фер, одржливо, транспарентно и предвидливо финансирање на локалниот развој.
Како што информираат оттаму, препораките произлегуваат од неодамнешното истражување на владините трансфери за инфраструктурни проекти во општините во пресрет на последните локални избори кое покажа слабости во планирањето, распределбата и јавните набавки за овие проекти.
„Се препорачува да се ревидираат и да се засилат правилата за заштита на јавните ресурси во предизборните периоди, со воведување на поригорозни правила за трошење и за промовирање јавни проекти. Изградбата и подобрувањето на локалната инфраструктура треба да се заснова врз предвидлива политика и стратешко, повеќегодишно планирање и трошење според среднорочна буџетска рамка – независно од изборните циклуси. Повеќегодишните проекти треба да имаат обезбедено стабилно и обврзувачко финансирање, со цел намалување на ризиците за одолговлекување и незавршување на проектите и загрозување на финансискиот кредибилитет на општините. Да се гарантираат еднаков пристап и правична распределба на средствата за сите општини и жители, земајќи ги предвид и индикаторите за регионална, развојна и социјална рамнотежа“, се наведува во соопштението од Центарот за граѓански комуникации.
„Развојноста“ на проектите, според нив, треба да се вреднува според нивното реално влијание, одржливоста и социо-економските ефекти, а не само според времетраењето на финансирањето.
„Да се зголеми транспарентноста за доделувањето и за спроведување на проектите, преку јавно објавување на оценките од евалуацијата на проектите, на причините за прифаќање и за одбивање на апликациите, одобрените, договорените и исплатените износи, напредокот во реализацијата, спроведувањето на јавните набавки за проектите и ревизорските извештаи“, се додава во соопштението.
Извор: https://meta.mk/