1003 hPa
51 %
14 °C
Скопје - Саб, 16.05.2026 21:59

Понекогаш се чувствувам како лик што некој заборавил да го напише до крај. Постојам како експеримент без контрола. Никој не е целосно свој. Јас сум збир од сите што сум ги сретнал.
Театар ПИ на почетокот на април во Центарот за култура во Ѓорче Петров oдржа спектакуларен мултимедијален настан „Физика на радоста“. Учесници беа луѓе со типичен и атипичен развој кои заедно учеа едни од други во целиот процес на обликување на делото. Потоа и публиката учеше од нив - за себе.
„Годинава креиравме долго, тивко, искрено... Низ театар, музика, фотографија, разговори... Низ личните лавиринти што секој ги носи во себе“, вели Златко Митрески, во име на Театарот ПИ.
Ако пред некоја година идејата им беше преку кампањата „Ние, луѓето“ да стават акцент на поголемо вклучување на луѓето со интелектуална попреченост во културата и социјалниот живот, сега таа приказна Театар ПИ ја продолжува со „Физика на радоста“.
Според името на мултимедијалната собиранка во Ѓорче се вика и тековната двегодишна кампања во која се предвидени низа настани кои во својата срж го имаат театарот, како алатка што дозволува да се изразат (а)типичните.
.jpg)
Минотаурот на Господинов како основа
„Театар ПИ постои петнаесетина години, а речиси десет активно се занимаваме со вакви инклузивни дела. Инспирацијата за најновиот проект дојде од романот ‘Физика на тагата’ на Георги Господинов“, вели Златко Митрески, еден од основачите на Театар ПИ.
За Митрески романот „Физика на тагата“ е „чуден, интересен, жанровски нечист, апстрактен, флуиден...“ Главна улога има минотаурот, односно основата е земена од митот за минотаурот од грчката митологија. Тој мит, според Митрески, се прелева низ епохите, од минатото, денешнината, во иднината... Се прелева од човек во човек, од детето во авторот, од дедо му...
„Од една страна насловот е сентиментален и тажен. На некаков начин игра со прашањата каков свет може да направи човек во литературата или во уметноста. Ние тоа го префрламе на сцена, во други облици, за да се премери сето тоа, на некаков начин. Оттаму е насловот ‘Физика на тагата’, за да се измери тагата општо, на целото човештво“, вели Златко.
.jpg)
Од работилници до заедничка сцена
Театар ПИ работи заедно со Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“. Не им е прв пат. Луѓе од овој центар учествуваат во работилници, главно театарски, но и во фотографски, сценографски и музички работилници кои ги водат едукатори-професионалци во својата област, за потоа тие работилници да прераснат во она што го посведочи публиката во Ѓорче Петров.
За фотографските работилници долги години соработуваат со Ладислав Кинг, а паралелно си течат театарските и музички работилници. Едукаторите потоа учествуваат и во перформансот и се интегрален дел од сложувалката на делото.
„Меѓу музичките едукатори ќе ги спомнам Виктор Танасковски, кој имаше работилница со гитара и со разни егзотични инструменти, Иван Трајковски на пијано, Драгана Марковиќ и Дијана Марковска на виолина, Верица Ајтоска на виола, Ива Дамјановски на теремин и вокал, а тука е и нашата долгогодишна соработничка Ема Ананиевска на пијано. Јас бев на бас гитара. Имаше и други луѓе кои доаѓаа на музичките работилници, но спомнативе се главно луѓето со кои го организиравме концертот во Ѓорче“, објаснува претседателот на Театар ПИ, кој воедно е и актер, а се и појавува и како режисер.
.jpg)
За минливоста
Сега се на половина пат од целиот проект. Следниот чекор е драматизација на делото.
„Нашиот проект се вика ‘Физика на радоста’ зашто, мерејќи ја тагата, тоа што преостанува на вагата на некаков начин е радоста. Следи театарската претстава која делумно ќе се занимава со лични приказни на луѓе, то ест на минотаури заглавени во лавиринт. Не се тоа приказни од точка А до точка Б, туку ги градиме послободно преку асоцијации и сеќавања, преку таги, радости и преку раскажување обични, минливи работи“, вели Митрески.
Претставата зборува дека уметноста е всушност таа што остава трага, како што и Господинов зборува за микроисториите. Авторот нагласува дека „големата историја“, пирамидите, фараоните, спомениците - веќе е запишана; но, „малите истории“, на обичните луѓе, се минливи и исчезнуваат. Затоа е потребно собирање на малите човечки траги, „архиви на тагата“.
„На ова може да се гледа и како на постапокалиптична тема. Дека уметноста ни треба за да се реконструира еден нов свет врз основа на нашите приказни. Всушност, уметноста не некој начин и го прави тоа, го бележи минливото. И човекот, пред сѐ. Зашто е најминлив“, нагласува Митрески.
.jpg)
Емпатија кон друг, а потоа и во себе
Она што Театар ПИ, но и Колективот ветерница, на пример, го имаат во својата работа, е идејата дека сите учесници, баш сите на сцената стануваат важни и активни чинители и на сцената и надвор од неа.
Тие не се само „типични или атипични луѓе кои добиваат шанса“, играат претстава и си одат дома. Не. Целта е нивната актерска игра и музиката да станат дел од културна пракса, сврзана со делото, за да може потоа и публиката со нив да гради критички однос и себеосознавање.
„Кога луѓето ќе допрат до некој ‘различен’, еве во случајов луѓе со интектуална попреченост, како да им се развива емпатија, која им дозволува или ги провоцира и себеси да се погледнат со емпатија. Кога некој ќе ти разбуди емпатија, ти го развиваш тоа чувство во себе. И погледнувајќи се себеси со емпатија, некако добиваш идеја за сопственото тело, сопствената тага, сопствената радост, која те боли од некоја болка од друго тело. Тоа е всушност основа на емпатијата, или минимум момент, или состојба за да се постои, да се живее, да се комуницира“, вели Митрески.
.jpg)
Театарот како алатка
Златко повторно го споменува романот на Господинов.
„Во контакт, во комуникација со лицата со попреченост, дефинитивно на површина излегува емпатијата и е многу убава база. Од друга страна, театарот е алатката што актерите ја добиваат за да се прикажат пред другите луѓе, со сите распони и особености“, вели Митрески.
Според него, Театар ПИ може да се впушти и во „Црвенкапа“ или во „Снежана и седумте џуџиња“, ако тоа го осетат спонтано. Тоа се теми што низ метафори или апстрактно покажуваат подлабоки суштини, физики на човековото постоење преку други и различни.
„Минотаурот во митологијата е претставен како затворено чудовиште кое има само агресија, дури и некој вид канибализам. Но нашата интерпретација е дека чудовиштето што талка низ некој лавиринт низ животот, низ светот и чека жртви, всушност е напуштено дете, изолирано од сѐ. Тука е како метафора на луѓето со попреченост, па и не само на нив, туку на секој човек што постои на Земјата, што има некако изолиран, дали од општеството, дали од себеси. Toa го има во целата литература или поезијата, лавиринтите и борбата на напуштениот“, вели Златко.
.jpg)
Живот наместо инклузија
Миодраг Миша Близанац, кој го води инклузивниот хор ИСОН во Нови Сад и има слична мисија како Театарот ПИ, во една прилика рече дека поминале долг пат од желбата и љубовта на поединци. Од „напуштеници“ и „отпадници“ станале Национален хор во Србија. Од стереотипи и затворени уши до признаена заедница. Притоа, борбата е тоа да стане живот, наместо да биде нарекувано инклузија.
„Тоа е тоа“, се согласува Митрески. „Секогаш кога треба да го кажам зборот инклузија нешто да ме стега во грлото.“
Според Митрески, различниот насекаде низ светот останува различен, без оглед со какви очи го претставуваме пред општеството. Тој не го сака таквиот поредок и тоа е еден од мотивите за постоењето на Театар ПИ.
„Секогаш има чудни реакции на публиката, кога доаѓаат на нашите настани. Постојат луѓе што имаат отпор. Во смисла ’не можам да гледам, многу ми е тажно’. Тој човек го има емпатичниот дел во себе, ама пак се оградува од можноста да види нешто друго, да добие нешто различно од личната претстава. И да види дека можеби тие ’различни луѓе’ во случајов се посреќни и пореализирани од него. И за себеси го зборувам ова. Зашто ’различните’ имаат многу таленти, а најчесто немаат суета и его“, вели Митрески.
.jpg)
Грешките се важен дел од процесот
Златко се присетува на случка. Една од едукаторките, Ива, кога го завршиле концертот забележала: „Еј, ние треба да учиме толку многу од луѓево! Свират инструменти, прават грешки, нормално, но гледам дека воопшто не се суетат или фрустрираат после тоа. Продолжуваат да функционираат“.
„Сосема човечки е да згрешиш, но ние тоа често непотребно го драматизираме. Јас на пример како актер на сцена кога ќе направам некоја грешка, ми доаѓа да се фрлам од мост“, низ смеа раскажува Златко.
На оваа тема често зборувала и Билјана Димитрова од „Партизанска штампа“ (уметничка работилница со сито печат и самоорганизиран колектив). „Животот, а со тоа и уметноста, создаваат лузни и несовршености, траги дека навистина имало живот. Во Партизанска штампа при печатењето правиме и грешки, што значи, ниедна испечатена маица или парче ткаенина не се исти.“ Затоа Билјана вели: „Баш таа графика затоа ќе биде поскапа бидејќи некогаш од грешките се стигнува до идеја која значи промена“.
„Да не заборавиме, многу од работите во светот произлегле од човечки грешки. Нив ги паметиме и чуваме“, вели Златко Митрески.
.jpg)
***
Со клопчиња расплетени низ рацете, како деца минотаури низ лавиринти во утроби, полека, внимателно, си се баравме едни со други. Помеѓу звукот и врамените фотографии на чекор да излезат од рамот, во тихото помеѓу.
И некаде таму, во средината, го сретнавме Минотаурот.
Не како чудовиште туку како исплашено дете што само сака да биде видено. И можеби, за момент, го пронајдовме.
.jpg)
Фотографии: Театар ПИ
.jpg)
Проектот „Дисензус“ е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.
Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд.