Триаголната основа на стандардниот македонски јазик: Мисирков – Цепенков – Конески

05.05.2026 01:14
Триаголната основа на стандардниот македонски јазик: Мисирков – Цепенков – Конески

Екскомунициран

 

Влијанието на Марко Цепенков и Крсте Петков Мисирков врз јазичните погледи на Блаже Конески

 

Јазикот е еден од стожерите на секоја култура, затоа што во јазикот е содржан кодот на таа култура, јазикот е светогледот на луѓето што живеат на тоа поднебје, начинот на кој ја опишуваат стварноста во која живеат или начинот на кој стварноста во нив создава јазик. Македонскиот јазик, на пример, е јазик со пребогат глаголски систем, за странците често прекомпликуван, иако многу јасен во искажувањето. Тоа што ние во јазикот можеме да кажеме дали некој настан сме го засведочиле или го пренесуваме од втора рака, или што нешто за нас може да биде иден момент во минатото, или што од еден глагол со префиксација и суфиксација можеме да изведеме многу други глаголи некогаш и со сосема различни значења, па и тоа што глаголите можат да ни траат долго, но можат и да означуваат само миг, само почеток или само крај на дејството значи, веројатно, дека имаме посебен однос кон времето како категорија, а тоа, пак, што имаме толку многу минати времиња, наспроти единственото сегашно, и малкуте идни, значи веројатно дека ни е важно прецизно да соопштиме што се случило во минатото, но можеби значи и дека сме повеќе фокусирани на минатото отколку на сегашноста и иднината. Или, сето ова накратко, а во однос на комуникацијата со стварноста, жива или нежива, можеме да го сведеме на еден цитат од Крсте Петков Мисирков: „Јазикот е средство со кое ние познаваме што мисли, што чувствува и што сака нашиот собеседник“.

Тој јазик создава приказни, во македонскиот случај поднебје со многу богата орална традиција, која е зачувана во книгите на Марко Цепенков, браќата Миладиновци, Кузман Шапкарев итн. Тие приказни се некогашните митови, некогашните сакрални приказни, дозволени само за иницираните, кои низ времето и со употребата се профанизирале и станале достапни секому, но во себе го носат кодот на колективното несвесно, дури и кога се авторски мистификации, како приказната за „Силјан Штркот“ од Марко Цепенков.

Третиот во оваа тријада, индиректен ученик на Мисирков и на Цепенков, далеку помлад од нив, е Блаже Конески, човекот што умее да ја препознае работата на своите претходници и да ги следи трагите што тие свесно (Мисирков) или несвесно (Цепенков) ги оставаат.

Во овој текст најмногу ќе се задржиме на Граматиката на македонскиот јазик од Блаже Конески и за влијанието што го имаат врз неа – но и воопшто врз погледите што Конески ги има за македонскиот јазик – приказните на Цепенков и јазичните погледи на Мисирков.

Обемната Граматика на македонскиот јазик, која Блаже Конески ја објавува во 1952 година (првиот дел: Увод. За гласовите. За акцентот.) и во 1954 г. (вториот дел: За формите и нивната употреба), кога има само 33 години, и денес важи за најрелевантната и најподатливата граматика на македонскиот јазик. Таа и денес е основа за студиите по македонски јазик на универзитетите во Македонија.

Придружете ни се за среќна епоха!

 

Граматиката на Конески е специфична и се разликува од другите граматики на македонскиот јазик по тоа што во себе содржи, покрај делот во кој се објаснува парадигмата, и дел за употребата на формите на зборовите. Во тој дел Конески обилно се користи со примери од македонската книжевност објавена до таа 1954 година, со цел што подобро да го објасни предметот за кој пишува. Покрај секој пример што го користи стои назнака за изворот, па така може да се види дека користел примери откај Миладиновци, од Кочо Рацин, Стале Попов, Коле Чашуле, Ристо Крле, Васил Иљоски итн., но сепак, во најголема мера користи примери од Марко Цепенков. Практично, може да се заклучи дека месото на таа Граматика се приказните на Цепенков.

Тоа не е чудно ако се знае дека Конески е родум од Небрегово и дека уште пред почетокот на Втората светска војна, додека е на студии во Белград, започнува да запишува белешки за некоја идна македонска граматика. Тој во тој свој прв концепт за граматиката се задржува, всушност, на својот роден прилепски говор и, практично, тој свој првичен материјал го користи за студијата за прилепскиот говор што ја објавува во 1948 г., значи четири години пред објавувањето на првиот дел од Граматиката. Во Белград тој првпат се среќава и со песните за Марко Крале собрани од Цепенков, што е за него големо откритие бидејќи и самиот во тоа време собира прилепски народни песни од својата баба.

Подоцна, во текот на војната, додека е на студии во Софија, во Народната библиотека ја открива „За македонцките работи“, забранетата книга на Мисирков и, според неговите кажувања во разговорите со Цане Андреевски, фаќа кратки белешки, кои подоцна, на крајот од војната, ќе му користат како аргумент при кодификувањето на македонската азбука и на македонскиот правопис.

Влијанието на „За македонцките работи“ врз македонската книжевност меѓу двете светски војни е јасно видливо, иако книгата веднаш по објавувањето е забранета, а тиражот во најголем дел е спален. Конески напоменува дека Кочо Рацин и Коле Неделковски сигурно биле свесни за текстовите на Мисирков од таа книга, кои практично претставуваат предавања одржани во Санкт Петербург, и дека ги применувале препораките на Мисирков околу формирањето на македонскиот литературен јазик во тоа што го пишувале. Идеите на Мисирков влијаат ѝ врз делата на драмските писатели од тој период: Васил Иљоски, Ристо Крле и Антон Панов.

Кога доаѓа редот конечно да се кодификува македонскиот јазик, да се официјализираат македонската азбука и македонскиот правопис, по крајот на Втората светска војна, теренот за тоа е веќе создаден. Препораките што ги дава Мисирков во последната статија од книгата, „Неколку зборои за македонцкиот литературен јазик“, веќе природно живеат во македонската средина, иако книгата сѐ уште не е стигната во Македонија. Таа во Македонија за првпат е објавена во 1946 година.

Во тоа време, вели Конески, природниот тек на нештата налагал стандардизацијата на јазикот да се сврти кон народната основа и кон централните македонски говори, наречени уште и А-говори поради реализацијата на назалот ѫ, кој во тие говори преминува во а (рѫка > рака, сѫбота > сабота, пѫть > пат итн.). Луѓето веќе биле навикнати на тој јазик и природно било јазикот да се стандардизира по тие норми.

Иако постои уште една друга струја, која се залага за архаизирање на јазикот и правописот и за барање помош од руската лингвистика, сепак на крајот победува струјата на која ѝ припаѓа и Конески, која се залага за модернизација на јазикот и на правописот, започната уште од времето на Јордан Хаџиконстантинов Џинот, кој исто така се залагал за исфрлање на непотребните графеми од азбуката, односно за приближување до фонетскиот правопис и принципот еден глас – една буква. Со ова се дава насоката што денес ја има македонскиот јазик, како јазик што се потпира цврсто на охридската книжевна традиција, но и како јазик што се развивал најдолго од сите словенски јазици, односно најдоцна ја стекнал својата стандардизација, па според тоа се здобил и со специфични карактеристики различни од другите словенски јазици.

Бар со салати од зборови

 

Зошто е сето ова важно?

Затоа што е важно да се растовари Блаже Конески од бремето што го носи како кодификатор на македонскиот јазик. Важно е за да се разводнат нападите што се упатуваат кон него и ден-денес како некој што извршил србизација на јазикот и го оддалечил македонскиот јазик од бугарскиот, небаре тој самиот го кодификувал јазикот, без притоа да има поткрепа за тоа во она што го пишувале неговите претходници, во литературата што е дотогаш напишана на македонски јазик, но и во говорите што се одбрани да бидат основа на стандардниот македонски јазик. Работите што се изложени во овој текст не се нови, ниту пак се првпат напишани, но важно е да се повторат, повторно да се фрли светлина врз нив, да се стават во фокус, затоа што нападите се повторуваат на ист начин, циклично. Конески ги одбива тие напади во неколку наврати, а особено во текстовите „По повод најновиот напад на нашиот јазик“, кој претставува опсежна студија напишана во 1948 година, „Професорот Мирчев против македонскиот правопис“, објавен 1952 година, и во „Нормирањето на македонскиот литературен јазик и Диктатот на Ѓилас“, со поднаслов „Немам илузија дека ќе ги поучам злонамерните“, објавен во 1990 година. Дојде време кога е должност овие работи да се повторат.

Овој текст има за цел да го претстави триаголникот Цепенков – Мисирков – Конески како основа на она што е денес стандардниот македонски јазик, бидејќи со некои поинакви политички одлуки тој можел да се развива и поинаку. Граматиката на Конески, со која го започнавме овој текст, во себе ги инкорпорира и двајцата негови претходници. Идејата на Мисирков е скелетот на таа Граматика, таа ја посочува дијалектната основа, а со тоа и парадигмите врз кои се надоврзува јазикот од приказните на Цепенков, како месо на тој скелет.

Приказните на Цепенков не се важни само како јазичен материјал, тие се можеби уште поважни како ДНК-код на македонскиот идентитет, тие се колективното несвесно на целото тоа поднебје, и многу е важно што јазикот е врзан токму за тие длабоко вкоренети приказни, кои во себе ги содржат и формата и содржината, затоа што на тој начин македонскиот јазик не е јазик ни на небо ни на земја, туку е дрво со длабоки корења што вишнее кон небото.

Препрочитувајќи го Мисирков токму по овој повод, ми паѓа во очи, или ми се нагласува неговата бескомпромисна индивидуалност. Кога зборува за сепаратизам, за одвојување, во контекст на македонската идеја наспроти бугарската од Берлинскиот конгрес, па сè до неговите последни текстови објавени во списанието Мир, во март 1925 година, низ Мисирков всушност зрачи еден личен сепаратизам на човек што стои сам наспроти сите, и наспроти своите, критикувајќи ја македонската револуционерна борба, на пример, и наспроти туѓите, критикувајќи сè со ред, од соседните држави, па до најважните политички сили во тоа време. Кај Мисирков најкристално јасно е покажана таа спротивставеност на реалната слика во македонското општество на преминот од 19 во 20 век наспроти официјалната, службена историографија. Мисирков, читан од оваа перспектива на 21 век, кога живееме во пропаганда како што рибите живеат во вода, звучи охрабрувачки, затоа што кон Мисирков може да се гледа како кон светилник кон кого секој што се занимава со контрадикторностите и комплексностите на стварноста би требало да се стреми. Иако и во неговите текстови може да се забележат нужни компромиси, кои претпоставувам биле потребни за тие текстови да бидат објавени, сепак Мирисков до крајот останува верен на тоа во што верува и на вистината онаква каква што тој ја гледа.

Во таа смисла, Конески е важен како препознавач на Мисирков, како некој што ја препознава идејата на Мисирков за континуитетот на македонскиот идентитет, преку јазикот и преку митските приказни раскажани на тој јазик.

Види некои од буквиве, дали се твои

 

Карикатури: Бил Вајтхед

ОкоБоли главаВицФото