1003 hPa
51 %
14 °C
Скопје - Саб, 16.05.2026 21:59

На 10 мај на локацијата Школка, со почеток во 11 часот, ќе се одржи инклузивен настан за подигање на свеста за лицата со атипичен развој, во организација на Здружение „Аутизам ААМК“.
Станува збор за седмо издание на настанот што се организира од 2018 година, кој и оваа година ќе понуди богата програма со спортски, забавни и едукативни активности, како и музички и ликовни работилници и сценски настапи. Настанот ќе трае до 14:30 часот и е отворен за сите граѓани.
Организаторите посочуваат дека целта е да се поттикне прифаќањето, почитувањето и инклузијата на децата со атипичен развој во општеството, нагласувајќи дека тие имаат исти потреби како и сите деца, да играат, да се дружат и да бидат прифатени.
Преку заеднички активности, се испраќа порака за надминување на предрасудите и стравовите кај семејствата, како и за создавање на поинклузивна средина. Организаторите апелираат граѓаните да се запознаат со предизвиците со кои се соочуваат овие лица и нивните семејства и да дадат поддршка.
Настанот има за цел да придонесе кон градење на здраво и солидарно општество, каде различностите се прифаќаат како вредност, а другарството како богатство.