1004 hPa
47 %
14 °C
Скопје - Саб, 16.05.2026 23:00

Во Кафе и филм КОТУР на 7 мај со почеток во 20 часот ќе се одржи проекција на кратки анимирани филмови на македонскиот режисер Крсте Господиновски, проследена со разговор со авторот.
Настанот е дел од промотивната програма за осмото издание на фестивалот на филм и музика Ѕирни, кој ќе се одржи од 28 септември до 5 октомври на повеќе локации во Скопје. Организаторите информираат дека повикот за пријавување филмови е отворен до 31 август.
Публиката ќе има можност да погледне неколку остварувања на Господиновски, меѓу кои „Неми филмови“ од 2025 година, кој ја доби наградата од публика на претходното издание на фестивалот, потоа „Небиднина“ од 2023 година, како и „Готлиб“ од 2018 година. Филмовите се карактеризираат со експериментален пристап и силен авторски израз, при што анимацијата се користи како средство за критика и истражување на внатрешните состојби на човекот.
Господиновски важи за автор со препознатлив стил и значајно присуство на домашната и меѓународната фестивалска сцена, а неговите дела се оценуваат како инспирација за новите генерации филмски автори.
Осмото издание на фестивалот „Ѕирни“ се реализира во рамки на проектот „Култура за развој“, кој има за цел да го поддржи независниот културен сектор и да поттикне критичко размислување за општествените прашања.