1002 hPa
55 %
14 °C
Скопје - Саб, 16.05.2026 20:59

Во пресрет на големиот концерт Yordan Kostov Resonant Earth: Collective Ritual (Skopje I), овој настан претставува негова прва звучна најава – интимен и разигран вовед во музичката естетика и концептот што стои зад проектот.
Наместо класична промоција, овој концерт ќе функционира како пролог: простор во кој музиката ќе се развива низ непосредна интеракција, внимателно слушање и отворена форма. Мал состав, но со силен фокус врз деталот, текстурата и односот помеѓу звукот и просторот.
Shingo Masuda – канун
Андреа Мирческа – контрабас
Дарио Циевски – тапани
Во центарот на оваа средба е јапонскиот музичар Shingo Masuda (канун) – изведувач и композитор, роден во Јапонија и активен на берлинската сцена. Неговата музичка практика се движи помеѓу традиционалните модални системи и современата импровизација, обликувана низ студии и престои во Египет, Турција, Тунис и Грција. Покрај канун, Масуда свири и кавал, дарбука и други инструменти, градејќи звучен јазик што ги поврзува медитеранските, ориенталните и експерименталните музички традиции.
Неговиот пристап не се темели на фиксирани форми, туку на отворен процес на создавање, каде композицијата и импровизацијата постојано се преплетуваат, а звукот се развива како жива, променлива структура.
Во дијалог со него ќе настапат Андреа Мирческа и Дарио Циевски – музичари од новата генерација на македонската џез и експериментална сцена, чија работа се карактеризира со истражување на звукот како отворена форма, истенчен сензибилитет за колективна импровизација и отвореност кон различни музички контексти.
Она што ќе се слушне овде, во концентрирана и камерна форма, ќе се разотвори и прошири во рамките на Resonant Earth: Collective Ritual (Skopje I) – како поголем, колективен звучен ритуал.
Буква
8 мај | 21:00
Препорачана донација: 200 денари