Вештачка експлоатација

06.05.2026 02:29
Вештачка експлоатација

Приказната веќе добро ја знаете – примената на вештачката интелигенција е во пораст ширум светот. Како што глобалната економија сè повеќе се поместува кон производни процеси поттикнати од вештачката интелигенција, побогатите земји побрзо се адаптираат и профитираат, а данокот за тоа во голема мера го плаќаат, ќе погодите, посиромашните земји во светот.

Иако голем дел од економската вредност што ја генерира вештачката интелигенција и понатаму е концентриран во технолошките центри како Силиконската долина, многу еколошки и општествени трошоци се наоѓаат на други подрачја. Силиконската долина се потпира на ресурсите во земјите како Чиле, Кенија и Филипините за обука на моделите на ВИ и за изградба на податочни центри.

Работниците и локалните заедници во тие земји сè повеќе се противат на практиките на големите технолошки компании и дебатата за вештачката интелигенција ја водат фокусирани на ресурсите, инфраструктурата и работната сила што ја одржува таа технологија.

Од 2022 година, активистот за заштита на животната средина Родриго Валехос ги следи податочните центри во Сантијаго, вклучувајќи ги и оние со кои управуваат Амазон, Гугл и Мајкрософт. Инаку, Чиле има речиси 70 податочни центри, а голем дел се наоѓаат во близина на Сантијаго. Додека бил студент по право, Валехос прегледал стотици јавно достапни документи за податочните центри во Чиле.

Тој за порталот „Rest of World“ раскажа дека Мајрософт во 2023 година добил владино одобрение за податочен центар вреден 317 милиони долари во Киликура. Компанијата тврдела дека нивниот податочен центар ќе има систем за ладење кој по половина година ќе ја елиминира потребата од користење вода.

Меѓутоа, во документите доставени до властите, Валехос открил дека системот за ладење на Мајкрософт делумно ќе се потпира на подземните води во подрачје кое веќе е под притисок поради недостиг на вода. Валехос минатата година поднесе приговор и поради недостатокот на информации за потрошувачката на вода во податочниот центар на Гугл во Сериљос.

Додека ги чека одговорите од чилеанската влада, Валехос се поврзува со други активисти кои водат слични иницијативи во Чиле, барајќи прекин на отворањето нови податочни центри во Сантијаго и гаранција дека во активните центри компаниите ќе ги исполнат своите еколошки обврски и ќе придонесат за обнова на водните резерви.

Една од активистките против податочните центри во Чиле е и Танија Родригез, основачка на Социо-еколошкото движење за земја и вода (Mosacat). Гугл го изгради својот прв податочен центар во Сантијаго во 2015 година, кога сè уште малкумина беа свесни за нивното влијание врз животната средина.

Вториот податочен центар на Гугл во 2020 година доби одобрение за експлоатација на повеќе од седум милијарди литри вода годишно. Кога Mosacat ја откри фрапантната количина вода што би се пренасочувала во податочниот центар, организираа неколку демонстрации. Како одговор на тоа, Судот за заштита на животната средина во Сантијаго во 2024 година ја прекина изградбата додека Гугл не направи нова проценка на влијанието врз животната средина.

Активистите од Mosacat последниве години се обидоа да бидат вклучени во дијалогот за Националниот план за податочни центри, но се откажаа од тоа бидејќи сфатија, според зборовите на Родригез, „дека Владата во основа е на страната на технолошките компании и ги градеше тие проекти“.

На другата страна од светот, на Филипините, сè поактивна е „Коалицијата на дигитални работници – вештачка интелигенција“, или Code AI. Станува збор за иницијатива на Мрежата на работници во индустријата за аутсорсинг на деловни процеси, која претставува околу 1,8 милиони работници и работнички на Филипините.

Коалицијата беше основана откако еден работник во повикувачки центар доби отказ затоа што за порталот „Rest of World“ откри дека програма со вештачка интелигенција им работела како менаџер за осигурување на квалитетот на работата.

Code AI им помага на работниците да бараат отштета откако на работното место ги заменила вештачката интелигенција и бараат поголема заштита на трудот за агентите во повикувачките центри, анотаторите на податоци, модераторите на содржини и другите технолошки работници кои се сè поподложни на губење на работата поради вештачката интелигенција.

Тие беа вклучени и во изработката на нацрт-законот чија цел е да ги заштити правата на работниците во индустријата за аутсорсинг на деловни процеси, но за медиумите наведуваат дека одредбите со кои големите компании би можеле да се повикаат на одговорност во тој нацрт-закон останале недоволно конкретни.

Во меѓувреме, вештачката интелигенција ги жнее и луѓето и ресурсите, и кога на едно место ќе се дознае за одреден проблем, на друго место веќе зјаат неговите разорни последици.

Карикатури: Markus Grolik

Извор: https://www.portalnovosti.com/