Две писма до амбасадори

06.05.2026 14:30
Две писма до амбасадори

Писма до амбасадорот на Германија и амбасадорката на Израел во Словенија.

 

Станува збор за две јавни писма кои двајца новинари од Словенија ги испратија како одговор до амбасадорот на Германија и амбасадорката на Израел. Двете писма се однесуваат на Палестина, на различни начини, и на односот меѓу новинарите, политиката и етиката, на речиси ист начин. Има смисла да се извести за овие писма околу Светскиот ден на слободата на медиумите. Првото писмо до германскиот амбасадор во Словенија го напиша Ерик Валенчич, независен новинар, кој штотуку ја објави книгата Poklon Ukrajini, каде го опишува военото секојдневие на земјата, од првите борбени линии до привидниот мир во западните краишта, судбините на луѓето и нивните сведоштва – врз основа на своите патувања последниве четири години. Само два дена подоцна второто писмо го напиша Грега Реповж, главен и одговорен уредник на списанието Mladina, како одговор на писмото на израелската амбасадорка. Двете писма се јавни, објавени на социјалните мрежи и во Mladina.

 


 

Одговор до Амбасадата на Сојузна Република Германија на поканата за соработка

Неодамна ме поканивте на разговор за соработка на Саемот на книгата во Љубљана, на кој годинава Германија ќе биде земја во фокусот. Вашата покана се однесува на делот од програмата што ја подготвувате, на тема „Украина“. Напишавте дека ќе бидете мошне задоволни од мојот одговор.

Нема да бидете задоволни, но сметам дека апсолутно го заслужувате.

Разбирам дека ме поканувате поради книгата Poklon Ukrajini. Во неа го опишувам моето учество во меѓународно-украинската хуманитарна мрежа, при што во прв план ги ставам човекољубието и човечноста. Меѓутоа, Сојузна Република Германија е активен застапник и покровител на израелскиот геноцид во Газа, како и на етничкото чистење на Западниот Брег. Покрај тоа, германската држава дома спроведува репресија врз противниците на геноцидот и поддржувачите на Палестина, која по својата бруталност потсетува на раните триесетти години од минатиот век, и спроведува цензура на палестинските и пропалестинските културни работнички и работници. Такви примери веќе има толку многу што имаат и сопствена страница на Википедија.

Да се каже дека вашите постапки се срамни за човештвото и човечноста би било премалку; затоа ќе посегнам по реторика која би требало да одговори на оловната тежина на денешното време и на тежината на оловниот дожд кој паѓа по жителите на Газа, од кои половината се деца.

Радо проповедате за антисемитизмот. Во ред. Да појдеме од тоа дека и Палестинците, како Арапи, се семитски народ; најпосле, арапскиот е семитски јазик. Сега да се запрашаме кој денес го спроведува најголемото зло против еден семитски народ? Тоа се израелските Евреи со вашата лојална поддршка. Израел ја претвори Газа во логор на смртта по примерот на нацистичките логори. Тој навидум несфатлив парадокс е логична последица на злосторничкото лудило кое сега владее со светот и за кое вие сте соучеснички одговорни. Вашиот сопствен антисемитизам, кој еволуира низ времето, е историска константа. Третиот рајх беше само еден од врвовите на тој антисемитизам. Сега повторно гледаме како рекордно се вооружувате, додека неонацистичката партија Алтернатива за Германија (AfD) бележи рекордна популарност и во мигов е најпопуларна партија во земјата. Вие како да заборавате, но ние знаеме каде води тоа.

Уште сакате да дискутирате за антисемитизмот? Пред неколку дена мораше да поднесе оставка културната управничка на берлинската власт, Сара Ведл-Вилсон, бидејќи се покажа дека јавните средства наменети за борба против антисемитизмот им ги доделувала на расисти и лажговци.

Да се вратиме на Саемот на книгата и на вашата покана. Што точно би сакале да правите со мојата книга? Да ги избришете вашите крвави раце од нејзините страници? Нема. Не давам, не дозволувам.

Во Илирска Бистрица, на Денот на отпорот против окупаторот, 2026. Ерик Валенчич

 

Писмо до израелската амбасадорка

Почитуван уреднику,

ви пишувам за да изразам длабока загриженост поради карикатурата објавена на насловната страница на Mladina, која го прикажува израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху како кукла која го контролира Јанез Јанша, со наслов „Заложници на Израел“.

Иако политичката сатира е легитимен и важен дел од демократскиот дискурс, сликите употребени во овој случај загрижувачки ја преминуваат границата. Ваквиот приказ ги оживува долготрајните антисемитски претстави за еврејската контрола и манипулација со политичките лидери и светските настани – мотиви кои низ историјата поттикнувале омраза, дискриминација и насилство врз Евреите.

Како поранешна израелска амбасадорка задолжена за борба против антисемитизмот и поттикнување на сеќавањето на Холокаустот, морам да нагласам дека е утврдено оти токму ваквите слики придонесуваат за ширење на антисемитизмот. Одлуката Израел и премиерот Нетанјаху да се споменуваат во контекст на внатрешен политички спор предизвикува загриженост, бидејќи носи ризик од поттикнување непријателство кон Евреите и Израелците. Такви чувства, за жал, веќе кружат по социјалните мрежи.

Прикажувањето на Израел или на еврејски лидер како некој кој тајно ги контролира другите не е само критика на политиката; тоа го црпи од длабоко вкоренетите заговорнички наративи кои со векови се користат за делегитимизација и демонизација на Евреите. Таквите претстави ризикуваат зацврстување на штетните стереотипи, наместо да придонесат за конструктивна и информирана дебата.

Критиката на владите, вклучувајќи ја и израелската, е сосема легитимна и потребна. Меѓутоа, мора да се спроведува одговорно, без прибегнување кон слики кои репродуцираат антисемитски теми или колективна демонизација.

Како угледна публикација, Mladina поседува влијание, но и одговорност. Ве повикувам внимателно да ги разгледате последиците од овој приказ и да се осигурате дека идните содржини ќе ја зачуваат јасната разлика помеѓу легитимната политичка критика и штетните стереотипи.

Срдечен поздрав,

Рут Коен-Дар, нерезидентна амбасадорка на Израел на Малта и во Словенија

Ерусалим, 24 април 2026.

 

Одговор на Mladina

Почитувана госпоѓо Рут Коен-Дар,

не е вообичаено во Mladina да одговараме на писма од читателите уште при самото објавување. Меѓутоа, бидејќи писмото го објавивте јавно, не можам да го сметам за обично писмо, туку за ваш јавен одговор на нашата насловна страница и притисок врз уредништвото на Mladina. Станува збор, исто така, за прв одговор на официјална претставничка на израелската влада за аферата со мешањето на израелските разузнавачи и високи политички актери во словенечките избори.

Дозволете одговорот да го започнам со централната точка на вашето писмо. Што точно прикажува карикатурата на насловната страница? Во право сте: го прикажува израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху како со кукла управува со претседателот на СДС, Јанез Јанша. Да, свесно ја употребивме (станува збор за графит на една од љубљанските згради), целосно свесни за историскиот и политичкиот контекст. Бидејќи тоа е, за жал, вистинска, нималку фиктивна ситуација во која се најде Словенија. Ситуација која изгледа како лоша теорија на заговор, за какви што Евреите биле неправедно обвинувани во текот на илјадагодишната историја ширум светот, особено во европските држави, од јасни расистички и антисемитски причини. Но, историјата, за жал, често се повторува како фарса. Затоа е насловната страница.

Секако, Mladina може да си дозволи таква насловна страница. Зашто секогаш сме на страната на истите луѓе – само што тие понекогаш се Палестинци, другпат Евреи, Украинци, верници, жени, Роми... Секогаш сме на страната на оние врз кои се вршат злосторства, насилство, на кои им се ускратуваат човековите права и слободи. Не ги избираме по верска или национална припадност.

Но, тоа не е единствената причина поради која Mladina може да си дозволи ваква насловна страница. Неделникот Mladina е чувар на сеќавањето на Холокаустот во Словенија, гласник на антифашизмот и еден од ретките медиуми кој пораката „Никогаш повеќе“ ја сфаќа со сета сериозност и посветеност. Не постои ниту медиум, ниту институција во Словенија која поактивно ги чува и предупредува на настаните што доведоа до Холокаустот; не постои медиум ниту институција која со таква прецизност потсетува на вековите антисемитизам, без воздржување и калкулации, туку од чиста и јасна посветеност кон човечноста. Тоа не го правиме површно ниту попатно, туку систематски, преку статии и посебни изданија какви што тешко ќе најдете и на друго место во Европа и светот.

Затоа, немојте да ја обвинувате Mladina за антисемитизам. Разбираме дека политика на вашата влада е своите дела – вклучувајќи ги и геноцидните дејствија во Газа и злосторствата на Западниот Брег – да ги оправдува со минатиот, но и со сè уште жив антисемитизам, но тоа претставува злоупотреба. Можеби тоа ви изгледа политички опортуно вам и на вашата влада, но всушност со своите постапки им штетите на Евреите во Израел, како и на друго место во светот; како да не е доволно што веќе се обележани со вековни прогони и сè уште присутен антисемитизам. Без оглед на сите историски неправди и злосторства кои несомнено им се нанесени на Евреите и кои се и мора да останат опомена за целиот свет, денес Израел е тој што се најде на спротивната страна на историјата, бидејќи сегашната израелска влада и војска спроведуваат злосторства кои не можат да се наречат поинаку освен геноцид.

Антисемитизмот денес во Европа е особено присутен во крајно десничарските политички партии. Токму со тие партии вашата влада најчесто соработува. Како е тоа можно? Како се случи тоа – и покрај јасното сеќавање каде водат политиките на таквите партии? Кој во последните децении најмногу ширеше антисемитизам во Европа? Унгарскиот автократ Виктор Орбан. Истовремено најголемиот сојузник на Израел во Европа. А кој го шири во Словенија? Кој во својот премиерски кабинет вработуваше докажан негирач на Холокаустот? Кој и денес во кабинетите на своите пратеници вработува неонацисти? И кој се обидува однесувањето на квислиншките групи во Словенија за време на Втората светска војна, кои под команда на нацистите учествуваа во депортациите на Евреите во концентрациони логори, да го претстави како национално освестено делување? Да, токму човекот и партијата со кои вашата влада и вашиот премиер постојано соработуваат. Тоа се Јанез Јанша и партијата СДС.

Што е, всушност, антисемитизам? Дали е тоа само погодно средство од фиока со кое постојано се обидувате да ги дискредитирате своите критичари? Сеќавањето и опомената на човештвото се премногу важни за такво нешто.

И за што зборува насловната страница? За односот на зависност кој настана откако израелската разузнавачка агенција Black Cube, со незаконско прислушување и објавување монтирани снимки, во соработка со Јанез Јанша интервенираше во словенечките избори. За што, всушност, зборуваме? За тоа дека разузнавачи на трета држава интервенирале во изборите на суверена држава. Можете ли да замислите словенечки разузнавачи на таков начин да интервенираат во израелските избори? Кому во тој случај би му напишале писмо? Во таа операција како еден од водачите учествуваше и толку значаен човек на израелската политика како Гиора Еиланд. Да, еден од најблиските луѓе на вашиот премиер, како и автор и промотор на планот за изгладнување на Газа. Вашата јавност го нарекува „Планот на Еиланд“. Што рече Гиора Еиланд во октомври 2023 година? „За опсадата да биде ефикасна, мораме да ги спречиме другите да ѝ помагаат на Газа... На тие луѓе треба да им се каже дека имаат две можности: да останат и да гладуваат или да си заминат. Ако Египет и другите држави претпочитаат да ги видат тие луѓе како умираат во Газа, тоа е нивен избор.“

Зошто воопшто го напишавте ова писмо? Сеќавањето на Холокаустот денес се искажува преку спротивставување на секое злосторничко постапување против човечноста. Само така сеќавањето на Холокаустот може да опстане.

Грега Реповж, главен и одговорен уредник на Mladina

Љубљана, 28 април 2026.


Слики: Tjeerd Royaards

Извор за текстот: https://pescanik.net/

Превод: А. К.

ОкоБоли главаВицФото