1003 hPa
51 %
14 °C
Скопје - Саб, 16.05.2026 21:59

До неодамна, вештачката интелигенција (ВИ) беше само згодна играчка: четбот кој симулира интелигенција и составува цели реченици како одговор на корисничките барања, но не многу пософистициран од напреден пребарувач. Денес, вештачката интелигенција е неверојатна алатка која извршува задачи за кои мислев дека ќе бидат недостижни во текот на мојот живот.
Ја користам вештачката интелигенција за да лоцирам групи податоци на интернет, да работам со нив, да спроведувам статистички тестови и да правам средени табели и графикони, со разумни коментари за тоа што значат тие резултати, во каков однос се со постојните научни трудови и кои се предностите и слабите страни на мојата анализа. За помалку од половина час, вештачката интелигенција ја завршува работата која на мојот асистент би му одзела неколку дена.
Понекогаш се чини дека најновата генерација на вештачка интелигенција е во состојба да ви ги чита мислите. За разлика од програмирањето или пишувањето код, не мора точно да наведете што барате за вашите барања да бидат точно протолкувани. Моделот „интуитивно ќе почувствува“ што сте сакале и сам ќе ги пополни празнините (иако е подобро да се проверат ваквите резултати; некои адвокатски фирми доставуваа поднесоци до судот со измислени цитати). Или, пак, интерфејсот ќе ви поставува прашања додека не го разјасните вашето барање.
Мислата дека вештачката интелигенција би можела да биде алатка која ќе ни помогне на сите да станеме попродуктивни и подобри во она што го работиме е утешна. Мене ми помогна да бидам поефикасен истражувач. ВИ ги намалува трошоците на работењето со заштеда на маркетиншки и консултантски услуги. На помладите службеници во корисничката поддршка им отвора пристап до вештините и искуството на постарите вработени. Исто така, ги оспособува фриленсерите и занаетчиите да нудат технички посложени услуги.
.jpg)
За разлика од многу претходни технологии, вештачката интелигенција им помага на оние со помалку вештини и образование, на работниците на пониските нивоа во економијата. Пружајќи им на сите поголеми можности, таа нуди предност за актерите со најголеми почетни недостатоци. Тоа значи дека би можела да функционира сосема поинаку од автоматизацијата, чија главна цел е да ги замени работниците на производната лента, во продажбата и во административните работи.
Секако, сите сме загрижени дека вештачката интелигенција ќе направи и повеќе од тоа, со неизвесни последици. Засега, изборот и формулирањето на истражувачките прашања ги гледам како свој прерогатив и главен извор на мојата конкурентска предност. Но, можам да замислам дека во одреден момент ќе бидам во искушение да побарам од вештачката интелигенција сама да генерира прашања. На тоа веќе ме поттикнуваат алатките на вештачката интелигенција што ги користам. На крајот од постапката што ја опишав на почетокот на овој текст, алатките ненаметливо ми предлагаат понатамошен правец на истражување.
Вештачката интелигенција го заменува размислувањето и на други, посуптилни начини. Таа веќе го обликува начинот на кој размислувам за постојните истражувања. Не само што е во состојба да резимира сè што постои, туку ми кажува и како сродните истражувања се поврзани со мојата работа и како би требало да размислувам за нив. Воспоставува врски помеѓу различни сегменти од литературата кои претходно не ми паднале на ум.
Во тоа се крие голема опасност. Во моментов, јавната дискусија за влијанието на вештачката интелигенција врз општеството главно се води околу губењето работни места. Но, стеснувањето на обемот на човечкото размислување претставува уште поголем ризик. Кога дозволуваме вештачката интелигенција да размислува наместо нас, преминуваме важна граница. Тоа ја деградира нашата колективна способност за размислување, како и нашата мотивација да учиме како да размислуваме. А бидејќи разликата помеѓу примената на мислата врз проблем и самото размислување е веќе нејасна, таа граница лесно се преминува.
.jpg)
Во еден неодамна објавен труд, неколку професори од МИТ се занимаваа со интуитивната претпоставка за лошите последици од таквиот вид когнитивно растоварување. Авторите се прашуваат што се случува кога моделите на вештачката интелигенција ќе станат многу добри во обезбедувањето на оној вид контекстуално специфично знаење кое може да им помогне на луѓето да извршуваат какви било задачи со кои се занимаваат. Таквите услуги би им овозможиле на луѓето подобри резултати со помалку учење.
Но, токму во тоа е проблемот, бидејќи знаењето има една важна екстерналија. Додека размислувам за тоа како да го решам својот проблем, јас придонесувам и за општите залихи на знаење за тоа како другите можат да ги решат своите проблеми. Помалото вложување во учењето оди на штета на општите залихи на знаење. Во некој краен, дистописки случај, општото знаење сосема исчезнува.
Засега тоа е само теоретска можност и можни се подобри исходи, но опасноста е реална. Кога дозволуваме вештачката интелигенција да учи и да мисли наместо нас, ги деградираме своите човечки способности и ризикуваме на крајот да ја уништиме базата на знаење на која се потпира и самата вештачка интелигенција.
Решавањето на тие проблеми ќе бара развој на општествени и професионални норми за соодветна употреба на вештачката интелигенција. На пример, истражувачите можеби задолжително ќе ги наведуваат сите детали за тоа како ја користеле вештачката интелигенција — процес кој самите ВИ алатки би можеле да го автоматизираат — додека одлуките за тоа што се објавува и промовира во голема мера ќе ги фаворизираат производите на човечкиот ум. Организациите како „Партнерство за вештачка интелигенција“ можат да помогнат во развојот и усвојувањето на општите начела. Ќе ни бидат потребни и нови форми на државна регулатива, како и со секоја нова технологија.
Новиот начин на размислување за вештачката интелигенција е неопходен услов за таквите решенија. На јавниот дискурс му е потребна поинаква рамка. Главното прашање не е што ќе ни направи вештачката интелигенција нам, туку што сакаме ние таа да направи за нас.
.jpg)
Карикатури: Agus Widodo
Извор: https://www.project-syndicate.org/