Две по петсто

07.05.2026 03:00
Две по петсто

 

Ленка

Кај Менче и Коле, сестра му и зетот на маж ми Данчо, се најавивме да дојдеме околу шест часот. Среде декември надвор стемнува малку пред четири. Нервозно и брзо чекорам од една во друга соба да ги спремам сите, и Влатко и Филип, и Данчо, се разбира. Иако е возрасен, полош е од мало дете за вакви работи. Панталони, џемпер, чорапи, гаќи. Ништо не знае каде стои, а и да знае, подобро да не пипка, само ќе ми растури. Ретко одиме на гости, освен понекогаш кај сестрите на Данчо, постарата и помалата. Не повеќе од три пати годишно, вкупно. Ние речиси и не возвраќаме на поканите, оти секој пречек на гости дома чини пари, а ние ги немаме.

Данчо го испуштија пред пет години како технолошки вишок од една од најголемите фабрики на периферијата на Скопје, каде помина добар дел од работниот век како инженер. Додека работеше, се знаеше, со автобусот во пет сабајле го снемуваше од дома. Секое второ попладне, некогаш и почесто, навраќаше во локалниот штаб на Сојузот на комунистите, да види што има ново, небаре нешто би можело да има. Завршуваше жолчно расправајќи се со нему сличните, таму затекнати.

Кога ќе дојде дома воздухот се згуснува од напнатост и нервоза. Двете извираат од мене. Мислев оти, со текот на годините, ќе се привикнам и на него и на ова домаќинство што се распаѓа, преносно и буквално. Куќава плаче за реновирање барем деценија. Еднаш дојдоа мајстори да видат што сè треба да се фати за реновирање. Кога ни кажаа колку ќе чини ми дојде да се фатам за глава. Данчо само опцу под мустаќ и ги испрати. Не го изустивме зборот реновирање никогаш веќе. А имам чувство како еден ден кровот ќе ни падне на глава и ќе нè отепа сите. Скришно се надевам оти само Данчо ќе биде тој ден дома, по игра на судбината, односно ако има Господ.


Влатко

Ја гледам мама како луто чекори и отровно мрмори додека влегува и излегува од собите. Не го тргам погледот од телевизорот, иако епизодава на „Тврдокорни“ на првиот канал ја имам гледано барем три пати. Подобро да ја гледам отколку да изгледа како да не правам ништо, па да ме види и да почне да ми зборува и да морам да ја слушам.

Не знам кога последно сум ја видел мама насмеана. Многу често е намуртена и како да му се лути на целиот свет. Понекогаш ми е тешко кога ќе се вратам од училиште порано од брат ми, оти ќе фати да ми зборува работи што не ги разбирам. Ми става супа направена само од вегета и два изрендани моркова. Ми раскажува дека баба ми Фанка е виновна што мајка ми Лена се омажила, таа притиснала - да било до мајка ми, неа ѝ било добро и така сама. Всушност, многу подобро од сега со оваа немаштија и толку многу работи низ куќава што се распаѓа и што треба да се завршат, и слични нешта што ми е мака кога ги слушам. Еднаш ѝ реков дека нè има мене и Филип, мојот постар брат, а зарем би биле на светов јас и тој, ако таа не се омажела со татко ми? Мама се сепна, но само за миг - па брзо продолжи: „Па се разбира, јас друго сакам да кажам, не е сега за тебе и брат ти ова…“


Ленка

Стоиме на автобуската до соборниот храм оти таа ни е најблизу. Веќе 15 минути чекаме автобус што не доаѓа. Данчо ја пуши втората цигара, а јас ги стискам наполитанките и шишето евтино вино оти во чантата не ми ги собира двете. Нервозно цупкам со едната нога. Почна да врне па брзаме да се засолниме под стреата на постојката. „Да ти се плукнам, уште да заврне фалеше!“ фркнува Данчо, откако крупна капка падна точно врз цигарата и за малку не му ја изгаси. Превртувам со очи и се вртам накај Филип и Влатко да видам дали добро ги облеков и испеглав, да не се извалкаа од куќата до автобуската. Заборавив да проверам да не им се скинати чорапите. Малку пред да фати да истура, доаѓа еден од оние стари автобуси со хармоника на средината и седнуваме двајца по двајца едни спроти други, па си молчиме цел пат до Карпош 4.


Влатко

Татко ми го притиска ѕвончето и после едно продорно „ѕрн“ ја слушаме тетка ни Менче со едно ѕвонливо „Еве ме!“ проследено со пригушени топотења по теписонот. Тетка ми секој пат е насмеана, за разлика од мајка ми, зборлеста и како да потскокнува на секој трет изговорен збор. Како да изведува мала театарска претстава вака отстрана гледано - мафта со рацете, секогаш силно насмеана и многу гласна. Лицето ѝ е меко како памукче, мириса на помада од оние сини метални кутивчиња, „Нивеа“ - така мириса тетка ми; и сега, кога се наведнува да ме бакне и да ми остави малку лига и малку од карминот во боја на цигла, го чувствувам истиот мирис и ми доаѓа убаво. Скришно го бришам образот со ракавот од блузонот дури го бакнува брат ми.

Тетка ми Менче е помладата сестра на татко ми. Со чичко ми Коле ги имаат Бојан и Андреј. Бојан и брат ми Филип се генерација, сега се осмо одделение, а јас и Андреј сме шесто. Андреј и Бојан имаат многу убава соба со нови кревети на спрат, многу поубави од нашите дома. Нашите се стари, изгребани и бојата одамна им ја снема на повеќе места, а и мирисаат на мувла како и поголемиот дел од куќата, особено на зима. Во собата на Андреј и Бојан е топло, како и во целиот стан, оти се греат на градско парно. Ние се грееме само во дневната, на една стара нафтена печка што лани се расипа, па татко ми откако три дена пцуеше и туфкаше како да ја однесе на поправка, оти кола немаме и никогаш не сме ни имале, се понуди еден сосед да дојде со негов пријател да ја ѕирнел и за среќа пријателот ја поправи, па на мрзнењето му дојде крајот.

Многу ми е убаво и топло кај братучедите и едвај чекам да го вклучат компјутерот и да играме игра што само Андреј како најстар знае да ја игра, но ние ќе гледаме и кога ќе ни дојде редот ќе играме и ние. Дома немаме компјутер, па едвај чекам да поиграм. Освен тоа, кај Андреј и Бојан секогаш има домашни сокчиња од вишни и дренки, а и разни грицки за кои мајка ми секогаш кога ќе ги побарам во продавница вели „што ќе ни се“ или „татко ти ми остави 300 денари, до грицки ли ти дојде“. Така и овој пат, Бојан тркнува до кујна и се враќа со послужавник со голема чинија чипс и 4 чаши сок. Тетка ми вреви од дневната да внимава да не се сопне, а ние раскикотени на долниот кревет со нетрпение чекаме да го спушти и да навалиме. Многу сакам кога одиме на гости, во убавите и топли домови на другите. А и повеќе сакам да сум каде било освен дома. Дома мириса на мувла, ладно е, а сепак во воздухот секогаш нешто врие. Склетот на мајка ми знае да се рашири побрзо од пожар кај другите во домот.

Вечерва Бојан и брат ми не сакаат многу да нè дружат, па ни велат да поиграме малку карти додека тие ја совладаат играта. Мора да ги послушаме ако сакаме да играме подоцна, па неволно одиме во спалната на тетка ми и тетин ми за да играме карти. Ќе си зборуваме за соучениците и за наставниците, можеби малку и за материјалот што сме го поминале. Со Бојан учиме во различни училишта, па имаме многу за раскажување.

Спалната на тетка ми и тетин ми е многу убава, топла и пространа соба каде има огромен плакар во крем боја и француски кревет. Мајка ми еднаш завидливо искоментира дека со нивните плати можат да си дозволат таков кревет. Од другата страна на креветот има голема фиокара со пет фиоки. Една од причините зашто сакам кога сме на гости некаде, покрај тоа што е обично топло, светло и убаво, е и што многу сакам да чепкам и разгледувам наоколу, по туѓи предмети и нешта. Љубопитството најмногу ми се разгорува кога ќе отидам во нечиј тоалет. Мајка ми многу ме прекоруваше од мал за оваа моја навика и често уште од дома бесно повторуваше да не одам во туѓи тоалети и да се стискам, ама јас итро пред крај на вечерта обично ќе ја замолев тетка ми, ќе ѝ кажев мочка или ќе ме видеше дека сум ги пресвиткал нозете и ќе ме однесеше до вратата од бањата.

Еднаш така, кај другите тетка и чичко пред неколку години ме оставија сам да мочкам. Штом ја затворија вратата од бањата, на раат можев да си ги испипкам работите што ми доаѓаа под рака; отворав парфеми, ги мирисав, ѕирнав да видам на што личат оние влошки што беа само за жени - така ми имаше кажано мајка ми еднаш, и ми рече да не прашувам глупости. Можев да го дофатам и елементот од бањата, а за тоа ми послужи малата хоклица што тетка ми ја оставила да стои до машината за алишта. Во елементот имаше разни помади, ноктарица, колонска вода на чичко ми, парфем со мирис на ружа. Загледан да не најдам нешто поинтересно ја чув мајка ми „Влатко, ајде побрзај, што направи внатре!“ За малку ќе паднав од хоклицата. Како што се задржав за вратичката, по глава ме плесна еден весник и падна наземи. Клекнав да го земам; беше полн со слики од разголени девојки со големи гради. Се загледав внимателно и за среќа го затворив точно кога мајка ми нервозно затропа на вратата да излезам конечно надвор. Набрзина го шутнав списанието под машината за перење и ме облеа силна возбуда, како да сокрив мала сочна тајна. Застанав стаписан пред мајка ми и можев да си го чујам срцето од што силно чукаше. На таа сочна тајна со убави гради копнежливо ѝ се навраќав во мислите долго после случкава.

Андреј ги става картите наземи и оди по нова тура сок и чипс. Ме заскокотка што може да крие фиокарата, па чекам да исчезне зад вратата и ја отворам првата фиока. Буричкам претпазливо, без сосема да ја отворам, но пипкам само внимателно здиплена облека, па малку ми е страв да не ги растурам убаво наредените маици и гаќи на чичко ми и тетка ми. Втората фиока е најздодевна оти има само куп бели пешкири наредени еден врз друг. Продолжувам во третата; допирам неколку кутивчиња и земам едно. Два прстена и приврзок со Богородица, сите од злато. До нив пасоши, четири на број. Со едната рака ги подбутнав за ја затворам фиоката и еден пасош се подлизна и од него испаднаа две банкноти од по петстотини денари. Очите ми заискрија. Видов неколку вакви лани кога мајка ми доби плик од тетка ѝ, заем за да го протуркаат месецот со татко ми, така ми рече кога ја прашав зошто баба ѝ дала пари во плик. Слушам чекори како наближуваат, тоа сигурно е Андреј со сокот, па набрзина несмасно ја затворам фиоката, а банкнотите ги туткам во предниот мал џеб од фармерките. Продолживме со картите, а јас со сила се кикотам дури Андреј раскажува за новата симпатија од класот. Но цело време паметот ми е во она што го направив и што ќе правам следно.

Се вративме дома со последниот автобус, измрзнати и малку накиснати, оти не престана да врне, а постојката кај тетка ми немаше стреа. Моите секогаш се уште поизнервирани кога се враќаме од некаде на гости; јас сум обично тажен, оти туѓите домови секогаш се поубави од мојот. Но сега уште ме држи возбудата од топлината и храната, но највеќе од она што го стуткав во џебот, па едвај чекам Филип да оди во тоалет за да измие заби а јас да ги скријам банкнотите. Уште додека се возевме во автобус знаев каде ќе ги скријам: под мојот кревет, кој се наоѓа долу; брат ми спие, за среќа, на горниот. Има едно расклацкано парче паркет кое го разнишав уште пред некоја година, додека се досадував наместо да читам лектири преку летото. Филип излезе, а јас брзо ги слекувам фармерките и ги вадам двете банкноти по 500 денари, ја бутам главата зад креветот и го напипувам расклатеното парче паркет. Ги ставам во дупката и ги покривам со штицата, притискам за убаво да легне. Мајка ми секогаш пцуе кога поминува со правосмукалката зашто не може да достигне дотаму, така што мојата тајна ќе биде безбедна.

Следното утро дури сонливо мијам заби, ја гледам мама со едниот крај од окото, од бањата, ми прави сендвич од крајчето од лебот. Го мразам тој дел оти премногу е тегав за џвакање, а мастраф има многу малку, обично маргарин, сирење и ајвар, ако останало. Некогаш има и посебна салама, па во тие денови уживам и не ми пречи крајчето. Мама е замислена и уморна во лицето, мрмори дека нема ништо во фрижидерот за јадење. Од глетката некако ме фаќа жал и ми доаѓа да ѝ дадам една од петстотките за да испазари и барем еден ден да не се грижи што да стави на маса. Идејава веднаш ме напушта, зашто ќе ме праша од каде ми се и ќе ме притисне да признам. Се мушнав в соба, која утрово ми изгледа некако поголема од порано. Се извив до крајот на креветот, клекнав и извадив една банкнота од под штицата. Брзо го вратив парчето паркет назад и притиснав за да налегне.

Едвај чекам да завршат часовите оти сакам да одам во локалната сендвичара и да се почестам со голем хамбургер и кока-кола. Затоа сендвичот на големиот одмор го јадам само до половина, колку да не прегладнам, другата половина ја оставив во тревникот да касне некое куче. Додека гледав како го подготвуваат хамбургерот ми надоаѓаше плунка во уста и убава топлина ми го поткрена желудникот. Се стутулив во едно ќоше од сендвичарата и навалив на храната. После третиот залак осетив грутка во грлото; нешто како да ме стегаше и не можев убаво да голтнам. Се обидов повнимателно да ги џвакам следните залаци, но грутката како само да се зголеми.

Ноќта долго се превртував, а кога конечно заспав сонував чуден сон од кој и сега го паметам секој детаљ. Се најдов во кујната на баба ми Фанка, а мирисот на дуњите што ги чуваше над дотрајаните кујнски елементи и сега ми е во носот. Ѕирнав во шпајзот, во ќошот од кујната, не поголем од два квадрати. Од ова мистично катче се ширеа измешани мириси на зачини, од цимет и каранфилче до планински чај и мајчина душичка. Често беше во потполн мрак, оти баба не можеше да ја смени прегорената сијаличка, па со подотворена врата буричкаше да најде што ѝ треба. Во сонов вратата е речиси затворена, но пропушта сноп светлина, таман погледот да ми отиде долу. Забележав мал премин, клекнав и без да мислам се провлеков, одеднаш наоѓајќи се во спалната на баба ми и дедо ми. На работ од стариот темнокафен кревет седеше ситен, подгрбавен човек свртен со грб кон мене. Џуџе. Можев да си го чујам здивот и станав свесен за тишината околу мене од која како да ми стана мачно. Се приближив и забележав како мавта со ноџињата кои не му допираа до подот. Од некаде се слушна ѕвекот, но не можев да видам од каде иде. Џуџето се сврте кон мене и тогаш ги видов најсините очи што некогаш сум ги видел, кристални, топли, продорни. Гледам дека си игра со каишот од панталоните и сфаќам дека тој ѕвечел. Следниот миг лицето му се озари во насмевка. „Знам што направи“, прошепоти. „А наскоро ќе дознаат и останатите“, додаде и почна злобно да се кикоти триејќи ги рачињата. Подрипнав и ги отворив очите. Осетив ладни капки пот како ми се слеваат по ‘рбетот. Надвор, низ густата декемвриска магла, се наѕираа првите зраци утринска светлост. Тогаш конечно малку призаспав.

Се разбудив уморен и неколку минути лежев гледајќи во таванот; мислев на сонот и на сините очи на она злокобно џуџе, за кое имав чувство како уште да ме демне чучнато во аголот од собата. Неволно се облеков и го наместив ранецот со книги, слушајќи ги нервозните чекори на мама од дневна. Си вареше кафе и мачкаше сендвичи за мене и Филип.

Се вратив дома после седмиот час од втората смена и уште од врата сфатив дека и дома е речиси толку темно колку надвор. Како што влегов во дворот и ја затворив портата, ја видов мама во темница како пуши цигара. „Влези, татко ти те чека“, рече потиштено. Нешто ми стежи во стомакот, а чекорите ми станаа побавни и тромави, но стигнав до прагот и ги слеков чизмите. Во дневната татко ми седнал во полумрак. Единствената светлина е од печката и од мала распадната ламба во аголот на собата. „Влатко, се јави тетка ти, позборувавме малку“, ми вели со тивок, остар тон и ме гледа во очи без да трепне. Со рака ми покажа да одам во детската соба. Почна да ми бучи во главата и ме обзеде ужасен страв. „Ама тато…“ прошепотив. Ме прострела со крвнички поглед од кој нозете како сами да ми се придвижија. Слушнав пригушен ѕвекот зад мене. Се свртев и го видов татко ми како го вади каишот од пантолоните и полека ја затвора вратата.

Цртежи: Stefan Zsaitsits

Мимоза Наумовска дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на катедрата за англиски јазик и книжевност. Пишува кратка проза. „Две по Петсто“ е нејзин прв објавен расказ.

ОкоБоли главаВицФото