Кир-Андонис од уличката „Киутахѝас“

11.05.2026 00:30
Кир-Андонис од уличката „Киутахѝас“

 

Повест за животот и за противречните приклученија

 

Ова е приказна од таканаречената археологија на сеќавањето, а во некоја рака и од археологијата на електронското паметење; од една страна колективно, поради појавата на сосем неочекувани меморабилии од слики и текстови по социјалните мрежи, потем и такви што те засегаат и сосем индивидуално, а ги пронаоѓаш посеани на различни, често и најнеочекувани места ширум огромната електронска мрежа во која ти сепак се ограничуваш на оној интимен простор вратен во мислите, сликите и повестите - бликнати од сопствените сеќавања... Впрочем, како и до сега - и денес сѐ се сведува на различите извори и форми не само на твоите сопствени искуства, туку на туѓите животи и сеќавањата за нив.

Приказнава можеби и не би била вредна за бележење до колку во неа не се состоеше оној парадокс на неизвесната генетска наследност, според кој, ништо во односите меѓу генерациите не е сигурно; дека имено сѐ се сведува на една неопределивост на личноста, но и на самиот тек на животот, што ја доодредуваат и самата таа личноста, но и нејзината подоцнежна судбина, а со неа и судбината на ближните... И дека тука, покрај сите напори, топли чувствувања, севозможни сентименти и грижни вложувања на предците во потомците – на нив ништо со сигурност не влијае... ни воспитувањето, ни вниманието, ни родителските саможртви, ни разгоруваните надежи, севозможните очекувањата, ни должината на времето ниту количествата на вложите љубови, семејни влијанија, грижности и вниманија, освен ... освен, мислам - хировитиот тек на настаните во животот. Во еден мал дел нужни, во најголемиот случајни; како што впрочем се и парадоксите на личните поведенија, но и драмите или трагизмите на севозможните животни судири...

И ете така, сосем неочекувано, возбудено и речиси потресно, летово пред мене, на компјутерскиот екран се појави непознатата, црно-белата фотографија со неколку женски и еден машки лик, под која, на електронскиот статус на грчки, пишуваше само - „Κυρ-Αντώνης“.

И порано летото сум го доживувал како благослов, но и како носталгичко ропство од сеќавањата.

О, да знаеш само колку ме трогна оваа фотографија и кои сеќавања предизвика; на времињата на моето детство и рана младост, останати таму некаде во илјададеветстотиниишеесеттите и седумдесеттите...на минатиот век! Низ спомените на спокојниот, сериозен, честит кир-Андонис. Еден од обичните, мали луѓе што најмногу ги чинат топлите спомени не само на скопскиот, во мојот случај и на воденскиот дел од моето, инаку, прекугранично детство.

Господинот Андонис Јоанидис, потомок на бегалско семејство од еден друг континент, дојдено некаде од Мала Азија, е една од неколкуте највпечатливи личности на тој дел од моето минато; и тој, и неговата сопруга Елени, и нивните две деца, постариот син и помалата ќерка, моја веројатно и нешто постара врсничка. Живееја во Воден, Едеса (Έδεσσα) во Грција, на прикрајокот од кусата улицата „Киутахѝас“ (Κιουταχείας) - последното од инаку двата претходни, опожарени градски домицила на мојата баба - инаку дел од двете бегалски маала од илјада деветстотинидваесеттите години, коешто и денес, еве дури цел век подоцна, го носи името „Протос синикизмос“ (Πρώτος συνοικισμός), „Прва населба“. Како и оние околните, и самата тесна уличка „Киутахѝас“ беше начичкана со два низа бегалски куќарчиња со мали дворови, понапред окуќници, градени набрзина за да ги вдомат непрегледните реки бегалци од Мала Азија, што се спасуваа од репресалиите на залудната, повеќегодишна грчко-турска војна. Куќата што ја доби тој или понапред неговата тешта, кира-Дјамандо, уште тогаш ми се чинеше како да била отсекогаш вдовица, исто како и баба ми; и двете со коси, побелени уште кога не им било време, собирани на тиловите и прикрепени со игли во кок, и потонати во вечните црнини што и во алиштата за делниците и одамна чуваните пресвлеки за празници, им паѓаа врз витите, исправени тела; и кои, и покрај одминатите возрасти, не се штедеа во исполнувањето на бескрајните домашни работи... Во нив, и во соочувањето со најтешките животни искушенија на долгите времиња на воени неспокои и на кратките времиња на мир и на какοв-таков спокој.

Куќата на кира-Дјамандо, на ќерка ѝ кира-Елени и на нејзиниот тивок сопруг кир-Андонис, се наоѓаше токму спроти куќата на мојата баба, и тоа е барем сигурно - за разлика од нашата куќа означена со бројот „62“ - носеше непарен, секако само двоцифрен број. Впрочем, целата уличка „Киутахѝас“ никогаш и не успеа да досегне троцифрени броеви. Таму, во предниот двор на неговата неголема куќа, кир-Андони беше приправил една мал простор во кој со часови се затвораше и - со очила подискривено спуштени среде издолжениот месест нос - деноноќно се занимаваше со својот особен занает, подврзувањето стари службени списи, нови деловни документи и книги од секој можен вид.

Кога ќе допатувавме на одмор во куќата на улицата „Кјутахѝас“, татко ми задолжително ги продолжуваше дружењата со тој благороден, стивнат човек. Беа различни по карактер, дури и по убедувањата, но во кир-Андони наоѓаше еден искрен, високо морален соговорник, човек на книгите не само според занаетот заробен во малоградската средина и изложен на нејзините општествени предубедувања, делумно конзервативни, заглибени во догмите на минатото, а делумно на малограѓанските вредности карактеристични за секое мало место, во случајов - на едно градче потонато во замолкот на тие ранливи, скорешни повоени години, на место потопено во тишината наметната над драматично поделената политичка нација; во присилниот пораз на една идеологија и желбите за променето државно устројство, во повоената сиромаштија, во традиционализмот, во наметнатата, беспоговорна вера на религијата и на етносот, со некои едвај придвижувани посвежи идеи, сето тоа како споредни речиси невоможни излези од лавиринтите на тој стушен свет... од којшто и тој, и неговата сопруга, учесници во прогресивни движења, идеи и па и заблуди, се штитеа со изолацијата во нивниот семеен дом. Тие, ми се чини, едвај и да имаа семејни пријатели.

Тивкиот комшија отспротива, пак, во татко ми наоѓаше човек од доверба, дојден - од еден друг свет, устроен според неговите неостварени идеали - во маѓепсаниот круг на малоградскиот живот и преживувања, кому, дружба по дружба, приказна по приказна, години со ред, најнапред внимателно, потоа сѐ поотворено но и сѐ потивко, можеше да му ги исповеда страдањата од животите, негови и на неговата сопруга. Се мачеше со враќањето на историите во времето, наоѓајќи ги грешките за поразите, како да сакаше да го поправи судбински завршениот тек на времето.

Се сеќавам на тоа време во кое квечерините на нашата тераса ширеа мирис на босилек и пријатно комшиско расположение. Долгата тераса баба ми ја беше украсила со неколку саксии буен босилек поставени во обрачи на оградата и надвиснати над малото дворче со разнобојни крупни цветови на далии и неколку стебла начичкани со пупки и млади цветови од тукушто расцутените, мајски рози. Тие румени цветови траеја ширејќи мирис речиси преку целото лето. Гранките им беа преплетени меѓу орнаментите од ковано железо на надворешната ограда од која се издолжуваа, а потоа и ја наткрилуваа малата метална арка над влезна врата на неголемиот двор. Тоа се боите и мирисите меѓу кои го поминував грчкиот дел од моето детство, младост, делумно и прво зрело доба; моите носталии и благодати од најтоплите сеќавања...

Во раните квечерини, на нашата теараса татко ми и кир-Андонис пивнуваа оладено узо во високи чашки, боцкаа од мезињата што ги принесуваше мајка ми и што со свои прилози ќе ги дополнеше и пргавата кира-Елени која на кратко ќе се придружеше на тие комшиски дружења. И додека узото полека избелуваше од коцките мраз клапнати во високите стаклени чашки, двајцата пријатели, сосем различни по сѐ, далеку помлади од мојава возраст сега, луѓе од две различни земји, со различни искуства, уверувања, па и карактери, мезеа, пивкаа од оладениот пијалак и, кој би рекол, години со ред беспрекорно се дружеа. Најнапред низ смеа. Потоа, збор по збор, почнуваа да се расплетуваат длабоко притаените приказни на кир-Андони, левичар, поранешен борец во барем во едната од двете најголеми војни водени во Грција. Времињата не беа лесни ни тогаш, па на нашата тераса стивнато разговараа за минатото, па дури и така, зборовите внимателно се одмеруваа. И неизречените нешта, проследени со навестени изрази и дискретни гестови, ги дополнуваа исказите... за секој случај, зашто и улицата „Кјутахѝас“ можеше да има непожелни уши. Никогаш всушност и не дознавме како разговорот им продолжуваше зашто најнапред, речиси само што и ќе беше дошла и приседнала во тоа мало друштво на две соседски семејства, брзо ќе станеше кира-Елени, постојано неспокојна, правдајќи се со своите бескрајни домашни обврски, потоа ќе се повлечеше мајка ми, најнакрај и јас, на почеток, барајќи забава во радосни игри со децата во топлиот самрак на живнатата улица, а подоцна со врсници во младешките квечерините што почнуваа на малоградското корзо...

Како дете, често знаев да престојувам во работилницата на кир-Андони. Ќе седев на мало дрвено столче, додека тој чудесен, замолкнат човек, со стиснати усни, поткрената глава и поглед насочен низ дебелите стакла на подискривените очила, внимателно ги потшиваше туѓите книги и документи. Во работилницата на кир-Андони мирисаше на врел туткал и повремено на испарувањето од печатите со наредените инверзни метални букви во неколку големини, што ги вадеше од метерските кутии и добро загреани, ги притискаше врз тенките златни ливчиња, втиснувајќи го тоа 24-каратно злато врз тврдите кориците и грбовите на тукушто подврзаните службени документи од педантно зашиените и залепени, документи или од претходно распарталените, приватни книги...

„Гледаш, ова е чисто злато...“, ми ги покажуваше тенките растреперени ливчиња што со пинцета ги поземаше и внимателно ги положуваше на соодветното место врз новите корици од уредно подврзуваните списи „...ама, вистинското злато е внатре, во книгите, во тоа што го пишуваат, во знаењето што го имаат, но не мораат да ти го дадат... Тоа му го кажувам и на син ми. Треба внимателно, многу внимателно да се чита“, ќе додадеше штом ќе забележеше неразбирање во мојот детски поглед; и одново ќе потонеше во пипавата работа.

Беше на добар глас како педантен подврзувач и неговите раце создаваа перфектен ред во подредените, прецизно обрежувани, потоа и вкоричувани листови. Автомобил немаше, како и повеќето негови сограѓани од истиот социјален слој. И додека кај нас веќе и работниците по семејните годишни одмори, до Охрид, до Јадран или до тесалскиот Егеј се возеа со своите италијански потоа и со домашни „фиќовци“ и „илјадатристотки“, во тоа исто време, во Грција автомобилите беа дополнително оптоварувани со една висока давачка во народот наречена „Фредерикин данок“, според името на кралицата од времето на војната и на повоениото доба; накусо, автомобилите беа луксуз што само побогатите можеа да си го дозволат. Кир-Андони работите низ градот најнапред ги вршеше возејќи се на стар велосипед, а потоа, кога работата, потребите и приходите му нараснаа, успеа да купи сив, џуџест, товарен јапонски трицикл со мали тркала. Беше тоа еден, мислам половен „Daihatsu Мidget“ со гидан сместен во малечката, од двете страни отворена кабина и со мал, откриен товарен простор одзади, со кој ги развезуваше книгите и актите од веќе прилично зголемените порачки за подврзување. Со таа макотрпна работа кир-Андонис го хранеше петчленото семејство, постариот син, ќерката, одамна замолкнатата тешта и сопругата, пргавата, неспокојна кира-Елени, непрекинато посветувана на своите бескрајни домашни работи.

Таа вредна жена стануваше во мугрите. Сѐ уште ги слушам нејзините гласни, несвесни водишки што преку нашите отворени прозорци допираа заедно со шуштењето на силниот млаз вода што го пушташе до крај, како во некоја потреба силно да одмие сѐ што ќе ѝ дојдеше под рака; додека во камениот садопер од изѕиданата дворна чешма поствена до самата улична ограда, таа од ранини миеше садови, алишта, домашни предмети или алати од работилницата на мажот... Беше тоа една честита, замолчана и невротично развреднета, страдна жена, ми се чини уште поизмачена и од нејзиниот сопруг. Таа е исто така на оваа фотографија од јануари 1943-та, и покрај тоа што за време на нацистичката окупацијата, дознав од баба ми и од мајка ми, дека била приведена и испратена во „трудовачко“ ропство во работен логор во Германија каде, со сосем неизвесна судбина, макотрпно работела во тамошните фабрики на нацистичката воена индустрија. Потоа успеала да се врати од таму, со трауми и со стигми што никогаш не ги искажувала освен можеби со оние нејзини несвесно откинати длабоки воздишки, подоцна, заедно со останатите заточеници, водејќи, бескрајни мислам и залудни правни битки, за каква-таква финансиска отплата на нивната истоштувачка робовска работа... Враќајќи се одново дома од тој пат свој во страдањето и неизвесноста, таа продолжила да го обновува својот млад, грубо прекинат, брачен и семеен живот.

За време на нејзиното заточеништво, нејзината мајка, кира-Дјамандо, во бегалската куќичка на улицата „Киутахѝас“, со својот зет го делеа замолкот и стравувањата. Старицата, инаку, слично на нашите „Егејци“ во Скопје и низ Македонија, сѐ уште говореше на дијалектот понесен од дамнешно напуштениот, длабоко вкоренет бегалски роднокрај. Н тој дијалект неа ја именуваа „амиа“, нешто како „тетка“ или „баба“. Господин Андонис му раскажуваше на татко ми, како таа старица во време на најголемата глад, кога се добивало рационирано дребно парченце леб по човек, и кога едвај се наоѓало малку масло за прехрана, одвојувала по прст масленце, за да не секне домашното кандило пред кое се молела за животот и здравјето пред сѐ на ќерката. „Кој знае“, велеше убедениот левичар, со здржана насмевка на лицето, „можеби токму тие жртви на кира-Дијамандо и ни ја вратија Елени дома“. Така, одново споени, го пресоставиле и го подврзале расцепениот живот што ќудите на времето го беа распарчале како книга на ветрометина, сепак среќни што во таа нова семејна книга ги собраа сите важни листови и продолжија, сите заедно во животот. Ги добија двете деца, им дадоа имиња во спомен на родителите на кир-Андонис, загубени во беспаќата на бегалските кризи и низ бурите на едни и претходно неизвесни времиња: постариот кого сите го викавме Макис и за кој дури од интернет дознав дека се викал Јоаким; и Еленица, која за да ја разликуваат од мајка им, ја именуваа на тој начин, во деминутив.

Макис беше сјајно момче, одличен ученик и пред сѐ извонреден математичар. Имаше став на стармал и зборуваше полека, умно, со длабок глас, фрчкаво изговарајќи ги согласките низ густите мустаќи спушени над устата, според авангардната мода од времето на Шеесеттите. Се изразуваше промислено, со извесна импостација на филозоф. Замолкот што владеше дома, го упати на читање, но и го затвори во кругот на книгите и во самотните простори на знаењето. Беше многу близок со татка си од кого ги примаше првите уки за животот и ја чувствуваше гордоста на кир-Андони кој, грижен секако и за ќерката, сепак, во успесите на својот машки наследник гледаше конечно остварена смисла и на сопствениот, и на заедничкиот семеен живот. Секогаш сериозен, пристоен и воспитан, иако доста затворен, со меланхолијата што од семејството и воопшо од домот, неизбежно преминуваше и на него, Макис имаше еден близок пријател. Од дете се дружеше со Христо, негов прв сосед, со когошто куќите, понапред им ги спојуваше, одошто им делеше заедничката ограда, впрочем како и нив двајцата - почнувајќи од детството, училишните и добар дел од младешките денови што заедно ги поминуваа во улицата „Кјутахѝас“. Христо беше едно скромно момче и самото посветено на книгите, на чиешто лице и во сивите, питоми очи, речиси не згаснуваше една дискретна насмевка.

Христо, пак, беше единец на кир-Томас и кира-Софѝа, двајцата прескромни луѓе, работниците во големите воденски фабрички ткајачници што и деднес стојат како неми споменици на едно изобилно време, некогаш продуктивни индустрии познати ширум Грција, што потоа, една по друга беа затворани, оставаа стотици работници и семејства на ветрометините на безработицата и на наплив на сиромаштијата што всушност го преплави и самото, порано престижно индустриско гратче. И додека сопругот веќе не ѝ работеше, Кира-Софѝа доработуваше на различни места, и така обезбедуваше приходи за тричленото семејство. Кога потпорасна, домашениот буџет сѐ повредно го дополнуваше и нивниот син. Беа тоа соседи добронамерни, љубезни, скромни; луѓе со испиени ликови, но со онаа тивка безповодна питома озареност што особено од мајка си ја наследи и непрекинато ја зрачеше и нивниот син. Семејството беше многу сиромашно. Во нивниот двор, долго време останат само со набиена земја што се кашавеше при дождовите се наоѓаа само предмети од домаќинството и понекоја саксија со цвеќе. Дури години потоа овие, бездруго најскромни луѓе од улицата „Киутахѝас“, успејаа да го исцементираат. Покрај едноставната чешма - на чија гола цевка се потпираше превртен ламаринен леѓен за перење алишта - и чии води истекуваа низ плиткиот дворки јаз, се одливаа во малите каналчиња (ги нарекуваа „авлаќа“, αυλάκια) најнапред ископани во земјеното тло од двата раба на сокакот, а потоа, кога улицата доби асфалт, и зацементирани на прикрајоците од уличката. Така, низ цементираните јазови на „Киутахѝас“ истекуваа водите од дворските чешми што непрекинато работеа, а ние, децата, пуштавме по нив да пливкаат бродчиња што научивме да ги правиме од превиткана хартија. Од тие јазови, уличката сѐ почесто замирисуваше на новиот, пенлив американски детергент „Tide“, чии големи чевртести кутии почнаа да ги полнат старите бакалници на градот, во таа скромна средина се доживуваа како знак на некое ново, помодерно време - на кој низ дворските чешми, маалските домаќинки одново со засуканите ракави, во распенетите води на оние исти лимени леѓени продолжуваа рачно да го перат, потоа по дворовите и да го спростираат својот „американски“ размирисан веш.

Сиромаштвото никогаш не успеа да го притисне со било кој од тројцата посебно, па така ни сите нив заедно; имаше еден чуден спокој во сечиј лик од семејството на Христо... И онаа питома озареност од смерниот, речиси богородичин лик на кира-Софѝа и смерниот израз на ситната речии светечка става на кир-Томас. Нивиот единец брилјираше и како гимназист, потоа и како студент по математика кој без поблем го положи тешкиот приемен испит на природно-математичкиот факултет. По дипломирањето, Христо се отсели во Солун, формира семејство, почна да гради успешна, меѓутоа деловна кариера и редовно, со семејството доаѓаше во посета на своите родители. На тие скромни луѓе, синот единец им беше и утеха, и благослов. Потоа, кога тие снеможеа, ги зема да живеат со него, во Солун. Ги догледа своите родители и оствари исполнет семеен живот, кој уверен сум, ненарушен, сѐ уште трае и кај него, и кај неговите следни генерации... Кај Христо, ете, никогаш не се појави непријатната ќуд на животот, парадоксите на личните поведенија и неразрешените судири, прекршувањата на личниот и на социјалниот живот којшто, но на уште поскромен начин, сеедно го делеше со својот сосед, Макис Јоанидис.

По дипломирањето, Макис исто така се отсели во Солун кадешто, за да не го оптоварува скромниот семеен буџет на кир-Андони, се издржуваше давајќи часови по математика, успешно развиваше педагошка кариера и во таа оптимистичка нагорница на животот, сѐ уште неопитен во животот и во љубовта, се ожени за девојка од Крит и со неа добија ќеркичка. Изборот се покажа сосем погоден, зашто неговата млада сопруга пленеше со смерноста и со една занесна убавина. Јоаким Јоанидис стана професор и напиша и објави повеќе учебници по математика, а потоа, неочекувано за сите нас, но пред сѐ за неговите родители, дознавме дека се развел од жената која, по сите напори да го одржи неочекувано нарушениот брак, конечно со ќерката се врати во родителскиот дом на Крит. Тие двете, за време на летните ферии доаѓаа кај кир-Андони и кира-Елени, години по разводот на бракот на нивниот син, со кого таткото сосем прекина да контактира. Синот се препуштил на животни задоволства, потоа на втор брак во кој доби уште две ќерки и кој, се чу, неславно завршил; а, оној преостанат, строг, одново осаменички, веќе и самоказнувачки дел од него, од науката го однесе во политиката, но токму на спротивната, од страната на која неотстапно, до крајот на животот опстојуваше неговиот татко. Кир-Андонис не доживеа да го посведочи и тоа поведение на својот син. Откако таткото почина, син му стана активен член на ултра-националистичка партија. Кој знае зошто... Можеби зашто за непризнаените лични пехови требаше да се казни сиот свет, требаше да се затре секоја трага од воспитанието, товарот од семејните очекувања и од надежите полагани во него; и за да се оправда животниот пех, таткото да се убие симболично, а очајот да се замаскира со општ радикалски гнев..?

Пред да почине, кир-Андонис веќе не го спомнуваше синот во кој имаше најголеми и така жестоко иневерени надежи. Болката од разијдувањето со синот ја носеше молкум и гордо. Некаде длабоко во себе, таа изневера ја прифаќаше, како цена на сопствената судбина. Тивко тажеше по синот кој се одмаздил кон моралниот интегритет на татка си, пребираше по можните причини за тоа одметнување на единецот, можеби и верувајќи дека син му станал сопствена жртва поради растењето во сиромаштијата на нивното скудно и страдно време; во семејните терети од минатото на двете претходни генерации, онаа на кира-Дјамандо и на родителите на кир-Андони кои тој не ги спомнуваше, на тегобниот свет на кира-Елени и неговите сопствени саможртви и политички прогони и ломови, конечно заклучувајќи дека крахот на неговиот син, покрај тешките времиња што заедно ги врвеа, најмногу го повлијае неговиот сопствен промашен живот... Мајката не можеше да го следи строгиот пример на својот сопруг и таа почна да патува кај Макис делниците, кога син ѝ одеше на работа, и најнапред со денови, потоа и со недели остануваше со него и со неговите две принови што нему му биле оставени на грижа. Кина-Елени и тоа го правеше саможртвено, секако и со молкумното одобрување од својот сопруг и ќерка, но бездруго и зашто тоа дете го имаа изнедрено во најтешките денови на нивните мачно подврзани животи...

Времињата се сменија и среќата почна да му се насмевнува на намаленото семејство на Кир-Андони. Тој успеа да го оствари својот сон и, на прикрајокот од главната улица на градот, да отвори своја книжарница, претрупана со книги и школски материјали. Несвикнат безделно да седи додека чекаше муштерии, главно гимназисти што кај него купуваа тетратки, учебници и други изданија, кир-Андони не ја напушти ни својата работа на подврзувањето книги. Работеше, свртен со грб кон нејзиниот влез, во едно длабоко делче на својата книжарницата. На пат кон дома, со моите родители навраќавме во неговата книжарница, да купиме книги или само да го поздравиме кир-Андони. Такви беа времињата, луѓето не можеа, а да не се видат и поздрават и во текот на денот...

И тука некаде завршуваат сеќавањата за средбите со кир-Андони и расплетот на сеќавањата, со тоа и крајот на детскиот дел од воденските спомени. Тие секнаа во времето на мојата прва младост и останаа во една од двете улици на моето минато, централната скопска улица „Тиранска“ и улицата „Киутахѝас“ од воденскиот „протос синикизмос“.

Меѓу нив, пак, се редеа и настаните на мојот живот.

Прво почина кир-Андони, а откако почина и мојата баба, нејзиниот помлад син, потоа и мојата мајка, подоцна и татко ми, па мојата сопруга... Кира-Елени беше жива. Јас и моите две деца престанавме да одиме во куќата на улицата „Киутахѝас“ од бегалската „прва населба“, исполнета само со спомени на најдрагите луѓе што заминаа од нашите животи. Куќата која ја изгуби својата човечка суштина, набрзина ја продадов на нашиот прв, новопридојден сосед. И при тие последни, крајно проретчени посети, свраќав во домот на кира-Елени која нѐ пречекуваше со кафе, со добрина и со милост и тивко приговараше на подароците што, како и моите родители пред тоа, сега јас ги носев за неа и за нејзината ќерка. И додека го испивав кафето, понекогаш ќе речевме „за душа“, кратко се потсетувавме на минатото, сакајќи да оживеам, макар со збор и со напрегнати потсетувања, нешто што – кира-Елени тоа подобро го знаеше - никогаш нема да може до крај да се оживее, па полека станував и се поздравував со пргавата жена и со нејзината ќерка која и покрај родителските надежи, за жал никогаш не се омажи, па излегувајќи од нивниот двор, фрлав поглед на нашата од неодамна продадена куќа и слушајќи ја веќе далечната воздишка на кира-Елени, заминував во хотелот во кој, бессоно, ја преспивав само уште таа една ноќ.

*

Толку е, драг мој, приказнава. Во неа е еден вреден честит човек, еден од оние ликови што се запечатија во книгата на моето детство и младост, неговото семејство, мојата баба, моите родители, целото мое семејство и добар дел од минатото, не само мое, впрочем и најмалку мое! ; сеќавањата на животи и воопшто едно стежнато паметење, но и една чудна, речиси благословена меланхолија призлезени од ќудта на самиот живот, нивен, но и мој, што го отвори оваа, неодамна сосем случајно пројавена фотографија, за која, впрочем, по некое време, никој повеќе нема да се интересира.

Но, ако... така ти е тоа со сеќавањата и со меморабилиите, пријатни се кога се свежи, стежнати кога се презреани!

А, гледаш, деновиве, јас сепак се обидов на интеренет да го преоткријам барем новиот изглед на улицата „Кјутахѝас“ во која со години не сум стапнал, и да ги пронајдам местата за кои тука, нешто погоре, ти напишав... Куќата на кир-Андони е средена, свежо бојадисана, чиста. До неа, куќата и дворот на кир-Томас и кира-Софѝа – иста како што ги паметам. Натаму, за чудо, останати се две куќи од истиот бегалски период на дваесеттите години од минатиот век, исто така со, цело едно столетие непроменет изглед. Ја нема само куќата на мојата баба, потоа на мојата мајка, конечно и мојата куќа со тремот и малиот двор со ранобојни, крупни далии и рози што ги негуваше баба ми. Ја замени една, веќе одамна израсната повеќекатница со бетонски двор и пополнето гаражно место... Сега на „Гугловата“ 3-Д фотографија, ја барав барем табличката со нумерацијата на старата куќа. Ја нема. Веројатно го смениле дури и нејзиниот стар број, „62“. Кој знае кој е новиот број на локацијата во која сега веќе само јас ја гледам старата куќа и ги оживувам сеќавањата на луѓето од уличката „Киутахѝас“, тие што веќе одамна веќе ги нема...

До неодамна подзаборавени, но и неизбришливи ликови, спомени, ете, покрена и врати оваа фотографија. Без неа и овој сказ ќе останеше затворен само во мене и во оние малкумина со кои и ретко, говорно го споделував, збележувајќи неми неразбирања на нивните лица. Со неа, пак, еве, записов го споделив со тебе. Знам дека расказов е патетичен, но кнечно требаше да биде напишан, а ете и објавен. Што знам, можеби ќе наиде на нечие разбирање за она што трајно останува, и кога луѓето одамна исчекориле од пролетта на самиот живот. Летото е, затоа, сѐ помалку благослов, сѐ повеќе ропство на презрелите спомени.

Мај, 2026

 

 

Забелешка на авторот:

Ликовите опишани овде, иако автентични во својот административен, граѓански идентитет, се состојци во алхемијата од субјективните чувствувања на авторот, а уште повеќе на неизвесноста на самиот литературен чин, па во суштина претставуваат само поводи за размислување, за претпоставки и субјективни заклучоци. Како и во животот, ништо во овој текст не претставува дефинитивна изјава или сигурно тврдење во врска со ликовите на оваа проза. Сите сличности со реалните ликови се, според тоа, во суштина - сосема произволни.

ОкоБоли главаВицФото