„Како вода за чоколада...“ - изложба на Валентина Поцеска во Чифте Амам

11.05.2026 12:36
„Како вода за чоколада...“ - изложба на Валентина Поцеска во Чифте Амам

На 12 мај, 2026 година (вторник), со почеток во 20 часот, во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, ќе се отвори самостојната изложба на Валентина Поцеска под наслов „Како вода за чоколада...“ На изложбата, отворена до 25 мај, 2026 година, ќе бидат претставени шеесетина дела, изработени во период од 2020-2026 година.

Насловот на изложбата е инспириран од романот „Како вода за чоколада“ (со поднаслов: Роман на месечни рати со рецепти, љубовни и народни лекови) од мексиканската писателка Лаура Ескивел. (Изразот е и идиом: во мексиканското говорно подрачје означува состојба пред експлозија или „состојба на работ на солзи, преполнетост со гнев или доживување интензивна сексуална возбуда/страст“.). Избирајќи го насловов Поцеска како веднаш да обрнува внимание на интензитетот на творечкиот процес на женското писмо, овојпат преточено во слики. Во основата на постапката на сликање е комбинираната техника или постапката на градење слоеви, која започнува со колажот, комбиниран и „зачинет“ со боја (масло и акрил), форми, линии, кафе, восок. Ниту еден од овие елементи не е случаен, туку, како линеарните симболи на четирите елементи, секој одделно и сите заедно се носачи на пошироки значења. Наслојувањето на составните елементи на сликата асоцира на слоевитоста на природните карпести талози од „почетокот на светот“. Нивната содржина, пак, рефлектира археолошки слоеви од цивилизираниот свет. Валентина Поцеска на извесен начин го апострофира автобиографскиот момент во сликите колажи, не само преку личните писма и меморабилии. Воедно, врз речиси монохромна основа, преку извесна постапка на интертекстуалност, таа ги имплементира сознанијата од личните професионални определби и усовршувања во областа на културологијата, културното наследство, специјализацијата по арапска калиграфија, конзервацијата на икони, реставрацијата на фрески и ѕидно сликарство...Не е за занемарување и фактот за временската одредница на создавањето на нарациите од циклусот „Како вода за чоколада“ во период од неколку години, која од своја страна, пак, симболично следи по „завршувањето“ на просторно-временските ограничувања наметнати во времето на короната, како метафора за обновеното ослободување, но и зовривање пред „крајот на светот“. Во изложбата „Како вода за чоколада“, опсегот на лични и семејни истории е надополнет со пишани и/илустрирани траги со мноштво симболи, претстави и текстови од различни цивилизации. Текстовите, било да се лични во ракопис или исечоци од весници, не се избрани случајно; тие ги одредуваат и насловите на секое дело, а самите маргини и текстовите кои се наѕираат во нив ја одразуваат позицијата на набљудувач на/од работ.Сликите-колажи на Поцеска се субјективен приказ за грчевитото доживување на тензичното време на лично, локално и, уште повеќе, на глобално ниво кога, по којзнае кој пат, светот се наоѓа пред целосно уништување иако повеќе децении наназад сведочиме за континуираната пресија и секојдневно бомбастично соочување со деструкцијата на човештвото. Како што романот ги поврзува различните културни слоеви, обичаи, традиција, лични желби и емоции и нивното влијание преку кујната на главната протагонистка Тита така и Валентина во своите дела од циклусот „Како вода за чоколада“ интегрира безброј детали кои суптилно нѐ навлекуваат на безбројни исчитувања на секој сегмент во, се чини, бесконечниот наратив во кој на алхемичарски начин секојпат одново ни се откриваат слоеви од субјективност, женско писмо, меморија, емотивни состојби, естетика.

(извадоци од текстот во каталогот, Маја Чанкуловска-Михајловска)


Биографија на уметницата

Валентина Поцеска (1965, Скопје) во 1987 година дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на отсекот Сликарство, во класата на проф. Димитар Кондовски. Во 2010 година, на Институтот за македонска литература (ИМЛ при УКИМ) завршила магистерски студии по културологија (во книжевноста) со наслов на магистерскиот труд: „Културната политика на Република Македонија за заштита на недвижното културно наследство“. Во 2014 година завршила докторски студии по културологија (ИМЛ при УКИМ) со наслов на докторскиот труд: „Современи филозофии на конзервација на културното наследство и нивното влијание во Македонија“. Има остварено неколку студиски престои: специјализација по арапска калиграфија на факултетот „Мимар Синан“, Истанбул, конзервација на икони во Византискиот музеј – Атина, управување со музејски збирки – Централен институт за конзервација, Белград, реставрација на фрески и ѕидно сликарство во Instituto per L`Arte e il Restauro Palazzo Spineli, Фиренца, Италија.Има остварено неколку самостојни изложби – 1991: КИЦ – Скопје, 1992: Музеј – Битола и Музеј – Прилеп, 2008: Безистен – Штип, Дом на културата – Куманово, 2024: Галерија „Метаноја“ – Скопје; 2025: Национална галерија на Македонија – Чифте-амам; 2026: КСП Центар – ЈАДРО. Од 2003 година до денес има објавено повеќе трудови од областа на заштитата на културното наследство, од кои најзначаен труд е книгата „Конзервација: теорија и практика“, 2019, Скопје : ЦККС. Од 1992 година работи во Националниот конзерваторски центар – Скопје во Ателјето за конзервација на икони.

ОкоБоли главаВицФото