Зошто треба да се укине воената помош за Израел?

12.05.2026 00:28
Зошто треба да се укине воената помош за Израел?

За себеси можам да кажам дека сум горд Американец со еврејско потекло. Татко ми ја напуштил Полска во 1921 година бегајќи од сиромаштијата и антисемитизмот. Дел од семејството кој останал во Полска настрадал од нацистите. Од детството добро знам каде водат антисемитизмот, расизмот, фанатизмот и демагогијата.

Затоа дозволете да бидам сосема јасен. Истапувањата против ужасните и нечовечки постапки на Израел и израелскиот екстремистички лидер, Бенјамин Нетанјаху, не се антисемитизам. Укажувањето на опасната и деструктивна улога на Израел во обликувањето на американската надворешна и воена политика не е антисемитизам. За тоа би требало да размисли секој член на Конгресот и секој Американец.

На 7 октомври 2023, терористичката организација Хамас го нападна Израел. Убиени беа над 1.200 невини мажи, жени и деца, а беа одведени стотици заложници. Како и секоја друга земја, Израел имаше полно право да одговори на нападот. Но не и да го крши меѓународното право и да води тотална војна со незамисливо разорување против целиот палестински народ – што експертите оправдано го оквалификуваа како геноцид.

Израелските власти немаа право од 2,2 милиони Палестинци во Газа да убијат повеќе од 72.000 и да ранат преку 170.000 – главно жени, деца и старци. Немаа право да ја уништат комплетната физичка инфраструктура на Газа, вклучувајќи ги водоводните и канализационите системи и електродистрибутивната мрежа.

Немаа право да ги срушат сите 12 универзитети во Газа, како и стотици училишта, и така да го уништат целиот тамошен образовен систем. Немаа право да оштетат или срушат повеќе од 90 проценти од станбените единици во Газа, поради што огромно мнозинство од локалното население сега живее под шатори.

Немаа право да оштетат или уништат 94 проценти од болниците во Газа и да убијат 1.700 здравствени работници. Немаа право да воспостават блокада за дотур на храна, вода, гориво и лекови – поради што илјадници Палестинци се недохранети, а стотици од нив умреа од глад.

Тој колеж не запира. И покрај таканаречениот прекин на огнот, хуманитарната помош и понатаму е многу помала од потребната, а Израел продолжува да убива цивили.

Проблемот не е само Газа. Од октомври 2023 година израелските војници и доселениците на Западниот Брег убија 1.071 Палестинец, вклучувајќи 233 деца, отворено кршејќи го меѓународното право кое ги штити палестинските територии. Во исто време срушија над 6.000 палестински куќи и основаа повеќе од 200 нови нелегални населби и испостави на палестинска територија.

Тоа не се само испади на екстремистичките доселеници. Тоа е државна политика. Кабинетот за безбедност на Нетанјаху ги одобри најсеопфатните измени на законскиот статус на Западниот Брег по 1967 година и ги отстрани речиси сите пречки за понатамошно ширење на населбите. Самиот Нетанјаху изјави: „Никогаш нема да има палестинска држава.“ Неговиот министер за финансии, Безалел Смотрич, се фалеше дека изградбата на нови населби „засекогаш ќе ја закопа идејата за палестинска држава“.

Сега знаеме дека Нетанјаху го убеди Трамп да започне непотребна противуставна војна против Иран. Во конфликтот со кој се прекршени многу одредби на меѓународното право веќе загинаа илјадници цивили, вклучувајќи стотици деца во Иран и Либан, како и 26 израелски цивили и 13 американски војници. Милијарди невини луѓе ширум светот ги трпат економските последици од оваа нелегална војна преку раст на цените и недостиг на основни добра.

Но, Газа не беше доволна за Нетанјаху. Не беше доволен ниту Иран. Израел во меѓувреме започна војна со која се шири на територијата на Либан. Во новата војна веќе загинаа повеќе од 2.000 луѓе, а Израел окупираше 14 проценти од либанската територија.

Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, најави дека сите либански погранични села ќе бидат срушени по „моделот применет во Газа“ – со тие зборови. Безалел Смотрич, министерот за финансии, предупреди дека Дахије, предградие на јужен Бејрут, наскоро „ќе изгледа како Кан Јунис“ – град во Газа кој Израел го срамни со земја. Тоа не е закана. Тоа е ветување.

По ужасните и противзаконски постапки на владата на Нетанјаху во последните три години, на американскиот народ му е доста од сè. Поддршката за Израел во Америка нагло опаѓа. Според неодамнешната анкета на агенцијата Pew, 80 проценти од демократите имаат неповолно мислење за Израел, како и 41 процент од републиканците. Меѓу младите тие проценти се уште поголеми. Неодамнешната анкета на агенцијата Quinnipiac покажа дека 60 проценти од испитаниците – вклучувајќи три четвртини од демократите и две третини од независните – се противат на испраќањето американско оружје за Израел.

Затоа ги повикав членовите на Сенатот да гласаат за две заеднички резолуции за неодобрување на испраќање оружје – што е единствената формална постапка која ја имаме на располагање во обидот да ја блокираме продажбата на вооружување. Во првата резолуција баравме откажување на испораката на бомби од 1.000 килограми во вредност од 151,8 милиони долари.

Во втората баравме блокирање на испраќањето булдожери во вредност од 295 милиони долари, со кои се рушат куќи во Газа и на Западниот Брег и така физички се елиминира самата идеја за палестинска држава. Булдожерите таму не се дефанзивно оружје. Тие се средство за етничко чистење.

Одамна требаше членовите на Сенатот да го послушаат американскиот народ и да ја прекинат американската воена помош за екстремистичката влада на Нетанјаху. Се надевам дека колегите сенатори еден ден ќе ми се придружат во овие барања.

Карикатури: Nancy Ohanian

Извор: https://www.theguardian.com/

ОкоБоли главаВицФото