Зошто некој би шетал со 50.000 евра по подруми?

12.05.2026 10:29

Уште не е откриено како се нашле 50.000 евра кај поранешниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка Илија Стоилев, обвинет дека ги зел како поткуп, кого полицијата го фатила во гаража во скопски Аеродром сосе парите. Не се знае дали бил курир, или краен корисник.

Пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска го праша министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дали манипулира со истрагата, оти во зградата каде што е гаражата кај што беше фатен Стоилев, живее и министерот за земјоделие Цветан Трипуновски. А министерот Тошковски ѝ одговори дека во таа зграда живеат и други, поранешни функционери.

Што барал Стоилев во гаража под зграда каде што не живее? Може ги носел кај некој бивш функционер. Може Стоилев од ВМРО-ДПМНЕ му бил должен на некој од СДСМ, па одел да се раздолжи.

А може и сакал да купува паркинг место. Проблем е паркирањето во Скопје.

Нема друго. Само тоа е логично објаснување. Инаку, зошто некој би шетал со 50.000 евра по подруми. Освен ако и тој не барал креативни решенија за излез од гаражата. Од овој подрум со поглед кон ЕУ.

Горан Михајловски, СДК, 08.05.26.