1015 hPa
88 %
15 °C
Скопје - Чет, 11.06.2026 04:59

Зимата во Велс е влажна, ветровита, но и мошне блага. Така вели интернетот. Во родниот Кардиф накратко се врати поетесата Сара Мекриди, во чија официјална биографија долго време стоеше само една реченица: „Еднаш на американско радио ја рецитираше својата песна за чилеанскиот фудбалер Гери Медел“. Од Кардиф наскоро повторно ќе замине за Брикстон, во јужен Лондон, кој стана нејзиниот нов дом.
Минатото лето Мекриди го помина на необична поетска турнеја, документирајќи ги низ стихови напорите на велшката женска фудбалска репрезентација на Европското првенство во фудбал за жени што се одржа во Швајцарија. Патуваше прво во Луцерн, па во Сент Гален. Фудбалерките на Велс ги изгубија сите три натпревари и не поминаа понатаму од групната фаза на натпреварувањето. Нема врска, во животот е поважно да знаеш да губиш и да не се откажуваш.
Кога дознала дека е избрана за поетеса-патничка за првенството, Мекриди изјави дека за неа тоа е навистина остварување на сонот. „Фудбалот и поезијата се големи страсти во мојот живот и се испреплетени – особено во Велс. Како и сите навивачи, исклучително сум страстна за женската игра и сакам дополнително да ја унапредам. Едвај чекам да го направам тоа низ стихови. Историски момент е да ги видиме нашите жени на голем турнир и привилегирана сум што ми е врачен моливот за бележење на таа наша авантура“, коментираше пред патувањето. Првата песна „Rydyn ni yma / Ние сме овде“, ја напиша откако присуствуваше на објавувањето на составот на репрезентацијата пред првенството, а во неа се потсети и на првите жени кои во неугледни дресови се осмелиле да ја шутираат топката пред сто години.
За време на првенството напиша петнаесет песни, во соработка со поетесата Маргед Тудур, која некои од подолгите поеми ги преведуваше на велшки јазик, а песните потоа редовно беа објавувани на социјалните мрежи на репрезентацијата. Некои од песните Мекриди ги рецитира во видео формат – се гледа дека е навикната на тоа бидејќи има стаж на вечери за „слем“ поезија од Њупорт до Њујорк. Откако пишува и изведува поезија, една од главните теми ѝ е фудбалот, а фудбал игра уште од детството. Последните години игра за аматерската екипа „South London Laces“. Во интервјуата наведува дека го изгубиле секој натпревар, но и дека тоа воопшто не ја обесхрабрува и понатаму да се појавува на теренот.
Во 2019 година, Мекриди во Кардиф учествуваше во организацијата на Светското првенство во фудбал за бездомници, со кое преку уличниот фудбал се настојуваше да се сврти вниманието кон проблемот со бездомништвото. Со фудбал се занимаваше и преку повремена новинарска работа; пред неколку години ги интервјуираше велшките фудбалери Кифер Мур и Роберт Ерншо, со кои разговараше за неопходноста од општествен ангажман на фудбалерите.
Пред три години планираше да ја следи велшката фудбалска репрезентација на Светското првенство во Катар, но се откажа од тоа. Објасни дека како лезбејка не сака да учествува на првенство во земја во која хомосексуалноста е криминализирана. „Таму не можам да ја држам за рака“, напиша во поемата посветена на тоа првенство. Како подеднакво важна причина за бојкот на првенството го наведе и класното искористување, односно смртта на илјадници мигрантски работници кои ги градеа стадионите за тоа величествено првенство.
Критика низ стихови ѝ упати и на сопствената земја, а не само на оние навидум далечните и поинаквите. Во песната „Hireath“ пишуваше за загушливоста на идеализираниот дом, а познатите мотиви на велшката култура и идентитет, како зелените пејзажи и реки, нарцисите и харфите, ги претвори во симболи на страв и тероризирачки маскоти на минатото.
Извор: https://sdf.hr/