1015 hPa
82 %
16 °C
Скопје - Чет, 11.06.2026 05:59

Капиталистичкиот реализам, најкратко кажано, може да се гледа како уверување и како став. Убеденоста дека капитализмот е единствениот одржлив политичко-економски систем е проста парафраза на старата максима на Маргарет Тачер: „Нема алтернатива“.
Луѓето како Пол Мејсон повторуваат дека, почнувајќи од 2011 година, милитантните ставови се во глобална офанзива (имаше и повеќе бунтови) и заклучуваат дека тоа е најава за крајот на капиталистичкиот реализам. Но, изгледа дека не се случува тоа. Вистина е дека големата криза на капитализмот во 2008 година создаде ситуација во која капиталот, барем идеолошки, никогаш не бил послаб, и дека од тоа произлезе широко распространето незадоволство. Прашањето е зошто, и покрај тоа, капиталистичкиот реализам продолжува да доминира.
Верувам дека нашиот проблем не е идејата дека капитализмот како таков е особено добар: проблемот е во успешното уверување на населението дека тоj е единствен одржлив систем и дека градење алтернатива не е можно. Тоа што незадоволството е сеприсутно нема влијание врз уверувањето дека функционална алтернатива на капитализмот практично не постои. Ниту ја менува претставата за капитализмот кој и понатаму ги држи сите карти во рацете, како ни чувството дека ние тука ништо не можеме да сториме. Капитализмот се прикажува како повисока природна сила на која никој не може да ѝ се спротивстави. Бидејќи по 2008 година не се случи ништо што би ги довело во прашање таквите уверувања, капиталистичкиот реализам опстана.
Значи, капиталистичкиот реализам е уверување, но и став поврзан со таквото уверување – став на резигнација, дефетизам и депресија. И покрај тоа што го наметнува неолибералната десница, многу успешно, капиталистичкиот реализам е пред сè болест на левицата или барем на некои елементи на таканаречената левица. Тоа е ставот што го промовираа „Новите лабуристи“. Што беше новиот лабуризам ако не прифаќање на вредностите на капиталистичкиот реализам? Со други зборови, се помиривме со фактот дека капиталот е незаобиколен: на крајот тој ќе управува со сите работи, а најмногу што можеме да направиме е да издејствуваме по некој гест на добра волја во духот на социјалната правда. Но, во суштина, со идеологијата е завршено, со политиката е завршено: живееме во ера на таканаречена постидеологија, ера на постполитика, во доба на голем триумф на капиталот. Таканаречената „постполитичка“ инкарнација на новите лабуристи покажува како капиталистичкиот реализам е наметнат во британскиот контекст.
Сепак, постои проблем во набљудувањето на капиталистичкиот реализам само како уверување и како став. И едното и другото се втемелени на индивидуалната психологија. Потребна ни е дискусија во која ќе испитаме од каде потекнуваат таквите уверувања и ставови. Нашата вистинска тема е распадот на општеството кое ги создава. Потребен ни е наратив за згаснувањето на солидарноста и исчезнувањето на сигурноста – бидејќи неолибералниот проект успешно ги поткопа двете. Оттука, капиталистичкиот реализам е одраз на рекомпонирањето на односите меѓу различните општествени сили. Не се работи само за тоа дека на луѓето им е наметнат одреден збир уверувања. Самите уверувања се производ на посебниот однос на општествените сили во современиот капитализам.
.jpg)
„Модернизација“
Пропаѓањето на синдикатите веројатно е најважниот поединечен фактор кој придонесе за подемот и ширењето на капиталистичкиот реализам кај обичните луѓе. Живееме во време кога сите ги презираат банкарите и финансиските капиталисти и се згрозени од нивото на контрола што тие луѓе сè уште го имаат врз нашите животи. Згрозени сме од грабежот, избегнувањето плаќање даноци и така натаму, но повторно насекаде преовладува чувството дека по тој повод ништо не може да се стори. Зошто чувството на беспомошност е толку силно? Причината е што не постои активен актер кој би посредувал меѓу луѓето и би ги организирал. Како резултат на тоа, имаме широко распространето незадоволство, но без поврзувачки фактор тоа незадоволство останува наш личен проблем.
Тоа состојба лесно преминува во депресија, што е една од приказните кои се обидов да ги раскажам во книгата Капиталистички реализам. Се обидов да ги истражам врските меѓу постполитиката, постидеологијата, подемот на неолиберализмот и поврзаната епидемија на депресија, особено кај младите. Тоа е процес што го нареков „приватизација на стресот“.
Не се обидувам сè да објаснам со исчезнувањето на синдикатите – тие се само илустрација за многуте нешта елиминирани од психичката и политичката инфраструктура на човечкиот живот изминатите 30 или 40 години. Во минатото, ако наемнината или условите за работа се влошеа, можевте да се обратите до синдикатот и да се организирате. Денес, ако нивото на стрес на работа се зголеми, упатени сте тоа да го толкувате како личен проблем, проблем со кој секој мора да се соочува, како поединец.
Можете да се обидете сами да се лекувате, да побарате антидепресиви кои сè повеќе се препишуваат или, ако имате среќа, да добиете термин кај терапевт. Но, сите тие проблеми – сега врамени како елементи на индивидуална психопатологија – всушност немаат корени во неврофизиологијата: тие се производ на поширокото општествено поле. А бидејќи веќе нема активен посредник кој би овозможил класата да настапи како колектив, нема ни начин да влијаеме на тоа пошироко општествено поле.
Како алтернативна точка на пристап кон истата приказна, можеме да ја употребиме историјата на реструктуирање на капиталот кон крајот на 70-тите и почетокот на 80-тите години, кога настапи ерата на постфордизмот. Тоа е време на сè понеизвесни услови за работа, производни процеси „точно-на-време“, застрашувачкиот збор „флексибилност“: принудени сме да ги прифатиме барањата на капиталот, што и да побара од нас; се очекува да му се прилагодуваме и тоа да го правиме секогаш. Од една страна секако е стапот, но на почетокот на 80-тите години постоеше барем привид на морков: неолиберализмот не ги удираше работниците само со стап; тој исто така ги поттикнуваше повеќе да не се идентификуваат како работници. Тајната е во тоа што успеа да ги заведе да се откажат од таквата идентификација и од сопствената класна свест.
.jpg)
Генијалноста на тачеризмот најмногу се согледуваше преку распродажбата на социјалните станови. Со директниот поттик за поседување сопствен дом беше сервиран и наратив за времето и историјата, за луѓето како Маргарет Тачер кои сакаат да нè ослободат. Им се спротивставија на бескорисните, во калта заглавени бирократи кои сè централизираат и сакаат да ви го контролираат животот. За тоа успешно беа искористени личните желби и амбиции кои значајно пораснаа во периодот по 60-тите години.
Дел од проблемот е изостанувањето на соодветен одговор на левицата на ситуацијата што ја донесе постфордизмот. Наместо одговор, едноставно беа зацврстени удобните стари антагонизми. Ја интернализиравме приказната за силното работничко движење кое зависи од нашето единство. Какви беа условите за тоа? Па, некогаш имавме фордистички труд, концентрација на работниците во затворени простори, доминација на машките работници во редовите на индустриската работна сила и така натаму. Крахот на таквата констелација се закани со крах на работничкото движење. Во меѓувреме отпочнаа и многу други борби, што доведе до поткопување на заедничката цел која работничкото движење некогаш ја имаше. Носталгијата за фордизмот беше погубна – неуспехот не е во тоа што фордизмот исчезна, туку во тоа што не успеавме да развиеме алтернативна визија за модерноста која би се натпреварувала со онаа што ја понуди неолиберализмот.
Неолиберализмот денес практично е сопственик на зборот „модернизација“. Ако слушнете дека се споменува во вестите, најверојатно се користи како синоним за неолиберализација. Кога ќе дојде до спор – на пример во британската пошта – вообичаени се фразите: „Поштата сака да се модернизира, но работниците ја попречуваат“. Кога велат „модернизира“, всушност мислат „приватизира“ и „неолиберализира“. Тоа го видовме во времето на Блер: оние кои бараа „модернизација“ всушност бараа неолиберализација на Лабуристичката партија. А ако се изјасните против модернизацијата, тоа значи дека сте го изгубиле контактот со реалноста и дека местото ви е на крајот од колоната.
Се чинеше дека и левицата поверува во тоа, дека единствениот пат на „модернизацијата“ е прифаќањето да се прилагодиме на потребите на капиталот. Спротивната грешка, вербата дека нештата можат да останат онакви какви што беа некогаш, исто така е опасна. Предизвикот беше во осмислување левица за постфордистичкото доба. Тој проект беше започнат во 80-тите години, но набрзо залута, бидејќи секој напор во таа насока беше отпишуван како приклонување кон блеризмот, иако тоа не беше случај.
.jpg)
Образование
Постојат повеќе сфери во кои се манифестира капиталистичкиот реализам, а повеќето анегдоти и клучни поими кои влегоа во книгата произлегоа од моето искуство во подучувањето ученици на возраст од 16 до 19 години. Затоа сега ќе се свртиме кон клучното прашање за капиталистичкиот реализам во образованието.
Едно од неговите главни обележја во овој контекст е „деловната онтологија“, како што ја нарекувам јас, што едноставно е идеја дека сите навистина важни нешта и единствените важни критериуми доаѓаат од деловниот свет. Во рамки на образованието можевме да го следиме постепеното ширење на практиките, јазикот и реториката од светот на бизнисот. Тоа се прошири и на наставата, како и на процедурите за самоконтрола и самонадзор кои наставниците мораа да ги спроведуваат.
Едно од нештата на кои се обидувам да укажам во Капиталистичкиот реализам е таа необична аномалија: неолиберализмот нè уверува дека нè ослободил од бирократијата и дека само сталинистите од стар ков и најцрните социјалдемократи сè уште се опседнати со бирократија. Ослободувањето од бирократијата беше дел од ветувањето. Зошто тогаш денес од наставниците се бара да извршуваат повеќе бирократски процедури отколку во времето на врвот на социјалдемократијата?
Едноставно зашто главната задача на неолиберализмот, всушност, не е да ги ослободува пазарите, туку да ја утврди класната моќ. Тоа се огледа во воведувањето лични методи и стратегии во оценувањето на наставниците и училиштата кои се оправдуваат со наводно зголемување на ефикасноста. Секој што учествувал во таков вид – да сковаме нов израз – пазарен сталинизам, одлично знае дека денес е најважно она што пишува во формуларите, одговарало тоа на реалноста или не.
Новите лабуристи го забрзаа тој процес во сферата на образованието со воведување квоти. Зарем не е интересно тоа што новите лабуристи, кои се претставуваа како антитеза на сталинизмот, на крајот практично ги реконструираа сите најлоши аспекти на сталинизмот. Јазикот на планирањето се врати на голема врата, како враќање на потиснатото.
Бидејќи тој механизам очигледно не ја подобрува ефикасноста, мораме да го толкуваме како механизам на дисциплинирање, како идеолошки систем на ритуализација. Ако наставникот ја поминал вечерта дома пополнувајќи мноштво формулари полни со квази-деловни фрази, тоа не значи дека следниот ден ќе одржи подобар час. Всушност, да гледал телевизија и да се релаксирал, веројатно би бил подобро подготвен. Но, луѓето на власт не се идиоти: тие многу добро го знаат тоа, дека формуларите не го подобруваат учинокот.
.jpg)
Каква е тогаш функцијата на тие практики? Па, очигледно, дисциплинирање и контрола: контрола преку генерирање анксиозност, контрола преку дестабилизација на професионалната самодоверба. Тоа денес се опишува како „континуиран професионален развој“. Звучи добро? Секогаш сакате уште да учите, нели? Сега пристапот до учењето ви е обезбеден за цел живот. Што всушност значи дека никогаш нема да добиете потврда за својот статус – доживотно ќе полагате испити. И тоа испити од бизарен, кафкијански тип, бидејќи сите критериуми за оценување се пресметано нејасно дефинирани. Можеби ќе ви се чини дека е можно да ги положите, но тоа во реалноста може да се одложува во недоглед. Резултатот е тоа што наставниците постојано живеат во состојба на тегобност – што од перспектива на оние кои сакаат да ве контролираат е многу корисно.
На едно друго ниво, тоа е само идеолошки ритуал, од оној вид што го опиша Алтисер. Алтисер вели дека добар дел од идеологијата ја сочинуваат ритуалите: само повторувајте ги фразите и, како што вели пренесувајќи го Паскал, „клекнете и ќе верувате“. Тоа е многу двосмислена изјава. Дали тоа значи „клекни сега и ќе поверуваш подоцна“? Или значи дека самото клечење е верување? Мислам дека значи и едното и другото и дека потврдува дека верата е клучен елемент на капитализмот. Еден од изворите на таа вера е контаминацијата на јавниот простор и поранешните јавни служби со нов вид деловни мантри и баења. Не е мал бројот на луѓе кои мислат дека она што се бара од нив на работа е смешно и прашуваат зошто мораат тоа да го прават. Кога ќе се соочат со капиталистичкиот реализам, одговорот што им се враќа гласи: „Па, сега тоа едноставно е така, знаете. Секако, ни ние не веруваме во тоа, но мораме да се прилагодиме“.
И тоа е сè што ѝ е потребно на идеологијата. Не мора да верувате во длабочината на срцето: само треба да се однесувате како да верувате. Во образованието тоа беше клучно како елемент на нашето разбирање за неговата функција. Денес образованието се прилагодува на потребите на деловниот свет. Секако, таквата тенденција отсекогаш била присутна, но денес речиси никој веќе и не ја забележува.
.jpg)
Долг
Постојат многу различни димензии на капиталистичкиот реализам кои влијаат врз образованието, а вториот клучен фактор е, секако, долгот. Она што е интересно е дека по лажното смирување – можеме така да го наречеме – по 2008 година, во период кога во јавното искажување на бесот не се случуваше ништо значајно, првата вистинска манифестација на незадоволство беше студентското движење во 2010 година.
Непосредно пред да започне сè, му реков на еден пријател дека бесот по повод буџетските кратења за високото образование ќе најде начин да се искаже. Тој одговори дека тоа не може да се случи и дека тоа е само моја „револуционерна носталгија“. Не го кажувам ова за да се пофалам со некаква пророчка визија, туку за да го илустрирам фактот дека неговото гледиште во тој момент изгледаше крајно реалистично – знаци дека ќе избие таков бес навистина немаше.
Но, кон крајот на 2010 година дојде до ерупција. Зошто? Околу што всушност се водеше расправата за школарините? Јасно е дека реториката за отплата на долгот беше смешна, барем во мера во која нешто може дефинитивно да се заклучи во контекстот на некромантската економија со која е опкружено прашањето за школарините. Секако изгледаше дека државата повеќе ќе ја чини воведувањето на новиот систем и дека дефицитот така само ќе се зголеми. Што всушност сакаа да постигнат со зголемувањето на школарините? Би рекол дека тоа беше уште еден обид да се создаде одреден вид анксиозност – студентската популација да се конституира како популација на должници.
Марк Болтон објави одличен напис во списанието New Left Project со наслов „Work isn’t working“ во кој тврди дека долгот е клучна општествена категорија во современиот капитализам: капиталот веќе не мора да функционира онака како што функционирал некогаш, но за тоа му е потребно ние да бидеме задолжени – долгот да биде главен извор на нашата субјективност. Што е долгот? Тоа е, меѓу другото, заробено време, време на нашата иднина. Судирот со студентите во Обединетото Кралство беше драматичен пример на истото преуредување што веќе го видовме – борба околу тоа како ќе се троши времето.
Како изгледаше студирањето кога јас бев студент? Прво, не платив ниту пени школарина, второ, добив стипендија за да се издржувам додека студирам, стипендија од која можеше да се живее, ако човек е штедлив. Со други зборови, постоеше платено време надвор од френетичната активност на работата. Го велам ова зашто работата денес се сведе на инструмент за отплата на долгот.
Написот во New Left Project беше одговор на смешната десничарска ториевска книга, Britannia Unchained, чии автори тврдеа дека Британија била окована, а сега тие синџири се раскинати. И каква слобода добивме со раскинувањето на синџирите? Добивме слобода да работиме уште повеќе и уште подолго – повеќе дури и од Кинезите, бидејќи сега сме должни уште повеќе да се експлоатираме себеси. А реалноста на работата е тоа што не е доволно платена и затоа сме задолжени.
.jpg)
Државата се обиде долгот да го прикаже како морално прашање. Тоа е аналогно на бесмисленото тврдење, кое постојано одново се повторува (дека државата ја злоупотребува невролингвистиката, верувајќи дека ако нешто се повтори доволен број пати, тоа мора да стане вистина), дека кризата е последица на прекумерната потрошувачка на „Новите лабуристи“ – како кога обичен граѓанин ќе влезе во минус на сите кредитни картички. Секако, тоа што луѓето толку ги користеле кредитните картички не е прашање на морален недостаток: тоа беше неизбежно. Што е уште поважно, задолжувањето ѝ е потребно на целата економија – така ја исполнуваме должноста кон капиталот! Обврските кон капиталот од минатите времиња се користат како изговор за понатамошна експлоатација на населението, за укинување на јавните услуги и за намалување на животниниот стандард. Би било смешно да не беше гротескно. Но, таа смешна персонализација на долгот, како да е во прашање некаков морален недостаток, е крвта и месото на капиталистичкиот реализам.
Со тоа е блиску поврзано намалувањето на количината време кое би можело да се вложи во нешто друго наместо во производство на френетичната тегобност во светот на работата. Споменатата ториевска книга всушност беше дел од поширок проект за наметнување таква тегобност – што ако сепак не работиме доволно? Коалиционата влада систематски ги затвораше просторите во кои времето можеше да се користи на други начини. Тоа има огромно влијание врз културата, бидејќи тоа се просторите во кои се создаваше алтернативната култура. Многу од клучните настани во популарната култура почнувајќи од 60-тите години беа овозможени од постоењето на просторите што ги обезбеди социјалната држава, социјалните станови и така натаму. Тоа беше особен вид посредно финансирање на културното производство. По затворањето на тие простори, голем дел од културата на доцнокапиталистичка Британија се најде на издишување, осиромашена, репетитивна и еднообразна.
Уште еден од парадоксите на капиталистичкиот реализам беше хиперрегулацијата на работата во училницата, така што секоја можност за отстапување од службената програма е практично укината. Ако излезете надвор од тесните параметри на контролната задача, учениците ќе се побунат. Ќе прашаат: „Дали ова ќе биде на испитот?“. Суперинструментализацијата му наметна на образованието многу тесно омеѓена телеолошка насока.
Секако, една од целите што високиот менаџмент сака да ги оствари со воведувањето школарини е предизвикување раскол меѓу студентите и предавачите. Ако студентите мораат да плаќаат поголеми школарини, веројатно ќе бараат повеќе од наставниците. Менаџментот цинично ги упатува студентите да се однесуваат како „незадоволни потрошувачи“ кои за своите пари бараат повеќе. Но, проблемот е што ништо од тие дополнителни пари не оди кај предавачите. Видов порака од менаџментот на една високообразовна установа во која се вели дека по зголемувањето на школарините „мораме подобро да се подготвиме за студентите кои бараат повеќе“. Што само значи дека предавачите ќе работат повеќе за иста плата.
.jpg)
Заеднички проблем?
Како беше можно да им се наметне сето тоа на луѓето? Па, благодарение на општата идеолошка атмосфера на капиталистичкиот реализам. Не се согласувам сосема со Пол Мејсон, но мислам дека капиталистичкиот реализам секако ја промени формата во однос на периодот пред 2008 година. Тогаш имаше оптимистичка нота која велеше: „Приклучи ни се ако не сакаш да завршиш како тажен губитник и да завршиш во некој ендек поради евтин алкохол – ако имаш среќа“. По 2008 година, оптимистичката нота исчезнува, како што покажува наводно инклузивната реторика: „Ова е проблем на сите нас“. Со други зборови, ако не се здружиме, сите ќе пропаднеме – што значително се разликува од претходната импликација дека секој што нема да се приклучи ќе биде згазен од тркалата на капиталот.
Значи, тонот на капиталистичкиот реализам се промени, а поради непостоењето каква било алтернатива, прифатени се строги мерки на штедење. За работата да биде полоша, онаа претходна форма на капиталистичкиот систем, онаа за која ни велеа дека нема алтернатива, сега ни е недостижна. Нема враќање на констелацијата на капиталот од периодот пред 2008 година. И капиталот нема никаква идеја како да ја разреши кризата што ја донесе 2008. Нема никакви гаранции дека тековната криза воопшто ќе заврши, бидејќи за да ја одржи високата потрошувачка и покрај ниските плати, капиталот мораше да се сврти кон задолжувањето. Ако задолжувањето навистина се намали, како ќе се подмири разликата потребна за висока потрошувачка? На тоа немаме одговор, а апологетите на капиталот на таа тема главно тресат глупости.
Единствениот понуден одговор е стратегијата на штедење, што во голем дел се темели на историскиот заборав на причините кои изворно доведоа до настанување на социјалната држава. Социјалната држава не е создадена благодарение на добрината и великодушноста на капиталистите, туку како еден вид „осигурување од револуција“, за широко распространетото незадоволство да не се претвори во бунт. На тоа сосема заборавија, а последица е уверувањето дека можат да продолжат да ја кинат мрежата на социјална сигурност без проблеми. Минатогодишните немири даваат увид во некои од можните резултати.
Што можеме да сториме? Прво, мораме да ги поразиме анархистите – се шегувам, но само делумно. Важно е да се запрашаме зошто неоанархистичките идеи денес се толку распространети меѓу младите, особено студентите. Најдиректен одговор би бил дека капиталот – бидејќи анархистичките тактики се покажаа како најмалку ефикасни – се погрижи да ги елиминира сите оние тактики кои беа поефикасни и го остави овој скапан заб да се шири во движењето. Забележлива е непријатна синергија меѓу реториката на „големото општество“и многу неоанархистички идеи и концепти. На пример, една од особено погубните доминантни идеи на анархизмот е оддалечувањето од мејнстримот.
Во оптек е, на пример, идејата дека мејнстрим медиумите инхерентно претставуваат корумпиран монолит. Поентата е во тоа што тие се корумпирани, но не се монолит. Тоа е терен кој во моментов ефикасно го контролираат неолибералите, кои борбата за мејнстрим медиумите ја сфатија многу сериозно и така однесоа победа.
.jpg)
Една од работите за кои се залагам е медиумско освестување на младите – на пример, Channel 4 некогаш имаше едночасовни програми со дебати на гости-филозофи. Сега нивното место го зазема Големиот брат. Во терминот што некогаш беше резервиран за европски авторски филм, сега се емитува ријалити за купување недвижности, Локација, локација, локација. Ако сакате да се информирате за промените во британското општество во последните 30 години, политички и културни, Channel 4 е сосема доволен.
Зошто? Зашто Channel 4 изворно беше резултат на многу борби во медиумите за контрола над нештата како што е филмот. Луѓето тоа го сфаќаа многу сериозно. Паралелно со работничките борби во 80-тите години, се водеа борби на теренот на културата. На двата фронта доживеавме пораз, но во тоа време не изгледаше очигледно дека ќе биде така. Ако имате доволно години, веројатно ги помните 80-тите како време на морална паника по повод „полудените левичари“ во локалните органи на управата, а имаше морална паника и по повод програмите на каналот Channel 4 и политички коректните левичари кои наводно го презеле уредувањето.
Тоа е дел од она што го имам на ум кога зборувам за алтернативна модерност – за алтернатива на неолибералната „модерност“ која на повеќе начини е само враќање во 19 век. Но, идејата дека мејнстрим културата е веќе окупирана и дека сè што можеме да направиме е да се откажеме од неа, во суштина е погрешна. Истото важи и за парламентарната политика. Секако, не треба сите надежи да се полагаат во парламентарните политичари. Тоа би било тажно и смешно. Но, во исто време мораме да се запрашаме, ако сето тоа е навистина бесмислено, зошто тогаш деловната класа троши толку ресурси за да го потчини парламентот на своите интереси.
Исто така, неоанархистичката идеја дека со државата е завршено, дека во неа не треба ни да се учествува, е длабоко погубна. Не мислам дека парламентарната политика може да постигне многу сама по себе – ако верувате во тоа, најдобра лекција е историјата на „Новите лабуристи“. Власт без хегемонија – тоа практично беа новите лабуристи. А тоа нема смисла. Не можете да се надевате дека ќе постигнете нешто користејќи ја само изборната машинерија. Но, тешко е да се види како борбата може да успее ако не сте дел од поширока заедница. Мораме да ја повратиме идејата дека целта е победа во хегемониската борба на различни општествени фронтови во исто време.
Бидејќи антикапиталистичките движења кои се јавуваа од 90-тите години до денес ништо не постигнаа, капиталот не се ни загрижи – лесно ги заобиколи. Причината е делумно и што тие движења главно се одвиваа на улиците, занемарувајќи ја политиката на работното место и на секојдневниот живот. На обичните работни луѓе тоа им изгледаше како нешто далечно и апстрактно. Некогаш со помош на синдикатите, и покрај сите нивни недостатоци, барем јасно ја гледаа директната врска меѓу секојдневниот живот и политиката. Таа врска сега изостанува, а антикапиталистичките движења не ја понудија.
.jpg)
Координација
Би рекол дека сега клучното прашање е координацијата и дека мноштвото расправи за централизација и децентрализација, за хиерархиска и хоризонтална организација, само го замаглуваат суштинското прашање – прашањето за најефикасниот начин на координација во борбата против капиталот. За координација не е потребна централизација: за да ѝ служиме на заедничката цел не моране да бидеме централизирани. Мораме да им се спротивставиме на лажните опозиции кои произлегуваат од начинот на кој се прераскажуваат неоанархистичките идеи.
Јасно е дека сите антикапиталистички движења – сè до движењето Occupy – успешно го мобилизираа незадоволството, но не успеаја да извршат координација на начин што на капиталот би му создале какви било долгорочни проблеми. Што би можело да го координира постојното незадоволство? И што би можело тоа амбиентално незадоволство да го претвори во одржлив антагонизам? Недоволната одржливост на таквите антагонизми е дел од проблемот. Друг проблем е недостатокот на институционална меморија. Ако немате нешто слично на партиска структура, тогаш немате ни институционална меморија, па постојано одново ќе ги повторувате истите грешки.
Имаше премногу толеранција за нашите неуспеси. Ако уште еднаш го слушнам она на Бекет, Try again, fail again, fail better, ќе полудам. Зошто воопшто размислуваме на тој начин? Во неуспехот нема чест, но тој не е срамен ако барем сте се обиделе да успеете. Наместо повторување на тој глупав слоган, треба да извлечеме поуки од направените грешки, за следниот пат да успееме. Можеби картите се наместени така што постојано одново губиме, но целта треба да биде зголемување на нашата колективна интелигенција. За тоа можеби не ни треба партиско устројство од стар тип, ама ни треба систем на координација и систем на паметење. Капиталот тоа веќе го има. За да можеме да му возвратиме, истото ни е потребно и нам.
.jpg)
Слики: Vladimir Kazanevsky
Избор и превод: Тим Дисензус
Извор: https://weeklyworker.co.uk/worker/936/mark-fisher-not-failing-better-but-fighting-to-win/
Белешка за авторот
Марк Фишер (Mark Fisher, 11 јули 1968 – 13 јануари 2017), познат и под неговиот блогерски псевдоним k-punk, беше англиски писател, музички критичар, политички и културен теоретичар, филозоф, марксист и професор во Одделот за визуелни култури на Голдсмитс универзитетот во Лондон.
Објавил неколку книги, вклучувајќи ја и неочекувано успешната „Капиталистичкиот реализам: немаме алтернатива?“ (2009). Пишувал за списанијата „The Wire“, „Fact“, „New Statesman“ и „Sight & Sound“. Ко-основач е на „Zero Books“, а подоцна и на „Repeater Books“.
После низа години поминати во борба со депресија, Фишер се самоуби во јануари 2017 година, кратко пред објавувањето на „The Weird and the Eerie“ (2017).
.jpg)
Проектот „Дисензус“ е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.
Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд.