Трамп во бункер

14.05.2026 01:57
Трамп во бункер

Самопрогласениот министер за војна врши воени злосторства, луѓе во Африка умираат поради кратењата на УСАИД од страна на Маск, фармерите ширум САД прогласуваат банкрот, ИЦЕ и понатаму апси неказнето, се шират мали сипаници, а ние се грижиме за сала за танцување? Но, таа е повеќе од бизарна опсесија на нашиот претседател. Таа е симбол на Трамп 2.0, мешавина од невидена корупција, укинување на принципот на поделба на власта (со игнорирање на Конгресот кој го контролира буџетот) и чист вандализам. Брзиот пресврт на Трамп и неговите следбеници од последниот обид за атентат кон пропагирање на салата за танцување во име на безбедноста додава уште два вознемирувачки елементи. Прво, салата-бункер е соодветна за лидер кој се плаши од своите сограѓани. Второ и помалку очигледно, таа го поврзува Трамп со моќниците од Силиконската долина кои го очекуваат крајот на светот (чие доаѓање го забрзуваат со сопственото однесување) и градат засолништа на приватни острови, во новоосновани градови и во таканаречени бункери на апокалипсата.

„Мора да се изгради што е можно поскоро“, изјави Трамп по инцидентот на вечерата на дописниците од Белата куќа, но неговата опсесија со салата за танцување е постара од тоа. Биографите на Трамп истакнаа дека кетерингот и салите за танцување спаѓаат во неговите ретки успешни деловни потфати. Салата за танцување, исто како и неговиот имот во Мар-а-Лаго, претставува сцена за неговите грандиозни влегувања и простор за обожување од страна на избрани гости. Како што покажаа други амбициозни автократи, овој вид огромни зданија е и одраз на моќта на сопственикот. Тука водачот триумфира над своите противници и ја обезбедува долговечноста на своето наследство.

Фокусот на безбедноста исто така му претходи на последниот обид за атентат. Откако судија на врховниот суд именуван уште од Џорџ В. Буш ја забрани изградбата на салата без одобрение од Конгресот, трампистите започнаа да викаат дека завршувањето на тоа здание е итно прашање на националната безбедност. Во своето правно мислење овој судија иронично забележува дека големата дупка покрај Белата куќа, дело на самиот претседател, претставува најголем безбедносен ризик. Републиканците кои му се додворуваат на Трамп сега се обидуваат да ја заобиколат оваа забрана и веќе поднесоа тужба против Националниот фонд за зачувување на историското наследство. Тужбата е напишана во стилот на Трамп („ова е многу лошо за нашата земја“, „тие се болно опседнати со Трамп“, итн.), што пред десет години ниту еден сериозен правник не би си го дозволил.

Претседателот тврди дека може да биде безбеден само внатре во „воено обезбедена строго доверлива сала за танцување“, со непробојно стакло и покрив отпорен на напади од дронови. Од друга страна, тој посетува УФЦ турнири и поминува многу време во својот голф клуб на Флорида кој е далеку од безбеден (тоа го покажа уште еден вооружен натрапник во февруари). Во секој случај, Здружението на дописници од Белата куќа, доколку му останало малку самопочит пред извршната власт која ја гази слободата на медиумите, би требало да одбие доаѓање на каков било настан во Белата куќа и така да покаже критичка дистанца од таквата власт. Од своја страна Трамп непогрешливо ја намириса можноста за фаворизирање и корупција и наговести дека некои приватни здруженија би можеле да добијат пристап до неговата сала за танцување.

Безбедноста на јавните градби е подигната на повисоко ниво по 11 септември 2001 година. Одамна поминаа времињата кога луѓето можеа слободно да ѝ пристапат на Белата куќа. Но, инсистирањето на Трамп за комбинирање на сала за танцување со бункер сепак е необично. Големиот ренесансен архитект и теоретичар Леон Батиста Алберти забележа дека тираните сакаат тврдини надвор од центарот на градот на републиката, додека популарните владетели живеат во простори поврзани со секојдневниот живот на граѓаните. Многу членови на администрацијата на Трамп живеат во воени бази. Тврдењето дека тие се позагрозени од нивните претходници останува непотврдено, иако се вклопува во моделот на пропаганда во кој постојано се одржува чувството на непосредна закана (и трескавичните фантазии за семоќната Антифа).

Трамп, вечниот агент за недвижности со посебни поволности, се фалеше дека бункерот под балската сала е опремен со „најсовремена болница“. Како што укажа Герет Граф, оригиналниот бункер на Белата куќа е изграден за сценарио на напад од Германија за време на Втората светска војна, а подоцна и за нуклеарна војна. Користен е и на 11 септември 2001 година, но никогаш не бил замислен како добро опремено место за подолг престој. Американската стратегија за континуитет на извршната власт во случај на опасност, потсетува Граф, се заснова на евакуација на претседателот на тајна локација. Може да се замисли како Трамп, кој неволно ја напушти Белата куќа во 2021 година, таму се забарикадира и одбива да ја предаде власта. Оваа слика се граничи со политичка параноја, но последнава деценија се случуваа и полуди нешта.

Уште пострашен е согледувањето дека менталитетот на бункер кај Трамп се совпаѓа со менталитетот на неговите олигарси од Силиконската долина. Како што тврдат Астра Тејлор и Наоми Клајн, на едно ниво тие знаат колку се уништува климата и колку нивните постапки го забрзуваат политичкиот крах на светот што го познаваме. Трамп 2.0 се препушти на непромислено самоуништување чии последици можат да бараат самоизолација: неограничено загадување, неконтролирано ширење болести кои можат да се спречат, сè помала безбедност на храната и авионскиот превоз. Ако воопшто можеме да проникнеме во неговите нихилистички нагони, обидите она што Трамп го нарекува „една од најбезбедните градежни парцели во светот“ да се направи уште побезбедно за него самиот во очекување на катастрофите што тој самиот ги предизвикал – имаат некоја изопачена смисла.

Карикатури: Ramón Díaz Yanes

Извор: https://www.theguardian.com/