1015 hPa
82 %
16 °C
Скопје - Чет, 11.06.2026 05:59

Предговор
На околу 112 километри од Скопје се наоѓа селото Галичник. Во минатото Галичник бил најголемо село во Реканскиот Регион, а своевремено бил прогласен и за гратче. Со близу 5000 жители во 1905 година тој имал големо економско значење за сите околни села, но и пошироко. Со историја од речиси цело илјадалетие, Галичник е значаен за Македонија од повеќе аспекти. Значајни се архитектурата, обичаите, фолклорот, песните, носијата и др. Затоа во 1975 година било донесено решение со кое Галичник бил прогласен за споменик на културата, заради неговите рурално-архитектонски, уметнички, научни и други вредности и заради значењето за историјата и културата на македонскиот народ.
Од Галичник потекнуваат повеќе значајни личности кои во различни сфери придонеле за Македонија. Од постарите генерации тука се Ѓорѓија Пулевски (1822–1893), Партенија Зографски (1818–1876) и Панајот Ѓиноски (1842–1886). Значајни од овој период се и галичките зографи, иконописци и копаничари, кои оставиле белег не само во црквите и манастирите во нашата држава туку на целиот Балкански Полуостров. Од помладите генерации од Галичник потекнуваат цела плејада научници, доктори, музичари, писатели, уметници, универзитетски професори и дипломати, кои дале и даваат свој придонес во различни сфери на нашата држава. Поради сето погоренаведено Галичник зазема значајно место во македонската култура и историја.
Досега се напишани повеќе книги и текстови за историјата на Галичник. Во тие публикации главно се опфаќа Галичник во периодот на XIX и XX век и неговиот настанок, што значи дека има празнина од 7–8 столетија во неговата историја.
Ристо Бужароски ја има напишано најобемната книга за Галичник досега. Во неа тој нуди богата граѓа за неговата историја, којашто е заоснована не само на публикувани извори, ами и на непосредни изворни материјали, кои ги добил по пат на анкетирање. Како што вели во предговорот на книгата, анкетирал повеќе од 450 лица од Галичник, Лазарополе, Дебар, Долна и Горна Река, Крушево, Гостивар, Софија, Солун, Дебар, Белград и Цариград, а повеќето анкетирани лица биле на возраст од над 70 години. Како книга со толку голем број соговорници во неа се запишани изворни сведоштва на луѓе родени во втората половина на XIX век и во почетокот на XX век и претставуваат значаен извор за тој период. Но авторот е субјективен кога објаснува некои настани, особено настаните во XX век на кои бил свидетел. Покрај ова, книгата на Бужароски е издадена пред речиси 50 години, а оттогаш до денес има многу нови информации и податоци со кои се надополнува, но и се менува, сликата за Галичник. Авторот во предговорот на книгата вели:
Отпрвин се обидов да поттикнам некои пописмени од мене да пишуваат за галичката историја. Кога во тоа не успеав, цврсто решив само да почнам со пишување, барем со тоа, а не како со свршена работа, да им дадам предизвик на младите историчари да се зафатат со попродлабочена и постручна обработка на материјата за Галичник. Ако барем во тоа успеам со оваа книга, за мене ќе биде животна награда.
Затоа одлучив да напишам една историја на Галичник од неговиот настанок до денес. Притоа треба да се направи дистинкција, ќе говориме само за Галичник, а не и за другите села во овој регион, зашто своевремено постоел Галички срез во кој влегувале и други села од Реканскиот предел. Оттука, кога на некои ќе им се спомене Галичник сметаат дека станува збор за целиот Рекански предел. Сакам да кажам и дека не ги опфатив обичаите, носијата, галичката свадба, фолклорот, галичката куќа итн., бидејќи целта ми беше да напишам заокружена историја на Галичник, додека за другите погореспоменати аспекти веќе се напишани многубројни трудови.
Во книгите досега напишани за Галичник се зборува накратко за неговиот настанок и потоа се преминува на периодот на XIX и XX век. Многу малку е пишувано за периодот кога Галичник бил под османлиска власт, за освојувањето на Реканската област (во која спаѓа и Галичник) од страна на Османлиите, а речиси не се користени османлиски документи.
Пишани извори за раната историја на Галичник има малку и нема точен период и година кога настанал Галичник како населба. Поради недостаток на извори за почетоците на Галичник, неговото настанување и населување, моравме да се служиме со некои преданија, песни и легенди. Истиот случај беше и со Мијаците кои, иако не се главен предмет на овој труд, ги опфативме накратко оти тие се жители и на Галичник. Сепак, при користењето на овој вид извори треба да се биде многу внимателен оти кога некој соговорник зборува за настани кои тој самиот не ги доживеал и ги знае преку раскажување од други, не можеме да бидеме сигурни колку е точна некоја информација и дали, можеби, не дошло до нејзино искривување. Затоа на овие извори им пристапивме со голема доза на претпазливост и критичност, но во недостиг од пишани и археолошки извори моравме да се служиме и со усната традиција.
Друг проблем што се појави е што речиси немаме археолошки извори за историјата на Галичник. Тоа е всушност главниот проблем поради кој со сигурност не можеме да ја утврдиме староста на Галичник и од кога датира континуираната населеност на тие простори. Археолошки ископувања се вршени само во близината на Лазарополе, во месноста Јаворска Вода во 1952 година. Кога станува збор за историјата на Галичник, овие наоди не ни се од голема корист. Единствено ископување во околината на Галичник вршел Ристо Бужароски, кој не е археолог, ни историчар. Подоцна, при копањето за реконструкција на црквата Св. Петка во Галичник градена во 1809 година, биле пронајдени парчиња од ѕидни фрески, со што се потврдува дека на тоа место имало црква и пред 1809 година, врз чии темели била изградена денешната црква. Потоа не се извршени археолошки истражувања за да се утврди староста. За подоцнежните столетија, почнувајќи од XVIII, XIX и XX век, располагаме со бројни пишани извори, документи, патописи, манастирски кодики, поменици и други ракописи врз кои можеме да ја реконструираме историјата на населбата.
Историјата на Галичник ја разработивме хронолошки од претпоставките за времето на неговиот настанок, до денес. Посебен акцент е ставен на основањето на Галичник, неговото прво споменување во некој пишан документ и периодот на XV и XVI век. Од овој период располагаме со османлиските пописни дефтери, преведени на македонски јазик, но во трудовите за Галичник слабо користени. Голем акцент ставивме на економската историја на Галичник и на неговата улога во поширокиот регион. Во трудов се опфатени и аспекти кои досега биле речиси неанализирани. На пример, покрај досегашните податоци за бројната состојба на жителите на Галичник, за одредени години најдовме податоци за наталитетот и морталитетот, па врз основа на нив го пресметавме и природниот прираст за тие години, односно виталниот индекс.
Се разбира, се обидовме да ги коригираме и погрешните податоци и заклучоци, посебно имајќи ги предвид новопронајдените документи. Не случајно османологот д-р Александар Стојановски, кој превел голем број турски документи и дефтери со кои се служевме, пишува: „Науката и не би била наука ако секогаш не остава место и не отвора простор за нови, побогати и потемелни сознанија, попрецизни и поцврсти заклучоци“.
За да се донесат некои заклучоци, на пример за степенот на образование во Галичник, местото на одење на печалба итн., се служевме и со статистички методи и техники кои досега не биле користени во книгите за Галичник. На овој начин сметаме дека се обликува една заокружена историја на Галичник, според досега најдените документи и податоци.
На крајот, сакам да изразам голема благодарност кон сите што на каков било начин ми помогнаа при истражувањето и пишувањето на оваа книга. Голема благодарност кон рецензентите на трудот за конструктивните забелешки, а особено кон чичко ми Димитрије Бужаровски за неговата посветеност и драгоцените совети. Благодарност и за моите родители Ана и Владо Бужаровски, како и кон мојата Мануела, за трпението и сесрдната поддршка при пишувањето на овој труд. Му изразувам голема благодарност и на Томо Черепналкоски, за сите податоци што ги сподели со мене за Галичник.
Скопје, 20.01.2026
.jpg)
Белешка за авторот
Дамјан Бужаровски работи во Библиотеката и архивот на Народна банка на РСМ. Магистрирал на Економскиот факултет (монетарна економија) и на Филозофскиот факултет (историја), каде во моментов е на докторски студии.