1015 hPa
88 %
15 °C
Скопје - Чет, 11.06.2026 04:59

Луиз Инасио Лула да Силва
Во Бразил во октомври ќе се одржат избори. Истражувањата на јавното мислење засега најавуваат само две опции. Во модернистичката палата Алворада (Зора), прекрасното здание проектирано од Оскар Нимаер, ќе остане да владее сегашниот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, или ќе го замени сенаторот Флавио Болсонаро, на кого анкетите му даваат најмногу шанси меѓу останатите противкандидати.
Поранешниот претседател Жаир Болсонаро не може повторно да се кандидира, бидејќи е осуден на долгогодишна казна за обид за државен удар. Затоа својот син Флавио го именуваше за кандидат и, како родоначалник на болсонаристичкиот жанр, му го пренесе сиот свој политички капитал, и покрај притисокот од останатите сектори на десницата кои би претпочитале заеднички кандидат да биде Тарсисио де Фреитас.
Гувернерот на државата Сао Паоло е помалку идеолошки оптоварен и ужива поконсензуална поддршка отколку синот на Болсонаро. Кога кон крајот на минатата година беше најавена кандидатурата на Флавио Болсонаро, тој заостануваше зад Лула во анкетите за десетина проценти. Таа разлика до денес во голема мера се намали.
Лидерите на болсонаризмот добро се организираа и успеаја да ги поттикнат своите поддржувачи на масовно учество на социјалните мрежи и останатите дигитални медиуми и успеаја да постигнат перманентна и силна мобилизација.
За тоа сведочат неизмерно бројните секојдневни објави и прилози кои вријат од критики кон Лула и неговата Работничка партија (PT, Partido dos Trabalhadores), втемелени првенствено на реални или измислени скандали.
Лула, кој се врати на власт како симбол на демократската обнова, денес делува во значително понеповолно институционално и политичко опкружување отколку на почетокот на мандатот. Во кампањата влегува ослабен. Неговата влада нема стабилно мнозинство во Конгресот, идеолошки поместен надесно, кој често делува како кочница на неговата власт.
Во Бразил изборниот систем создава изразено фрагментиран парламентарен состав. Моментално доминираат десните и центристичките блокови и таканаречениот Centrão, прагматичен политички сојуз без јасна идеологија. Тие формации поддржуваат мерки кои ја слабеат агендата на Лула, го одржуваат политичкиот простор за болсонаризмот и ги користат институционалните механизми за ограничување на претседателот. Неодамна тоа беше потврдено.

Флавио Болсонаро
Имено, Сенатот го одби кандидатот на Лула за судија на Врховниот суд (звучи познато, зарем не?), што се случи за првпат по 1894 година. Ниту ден подоцна, Конгресот го поништи ветото на Лула за законот за ублажување на кривично-правните санкции, што би можело да ја намали казната и на Жаир Болсонаро и на останатите осуденици. Значи, Лула реално владее во услови на политичка кохабитација.
Двата последователни институционални порази сигнализираат сериозно губење на политичкиот капитал. Во таков контекст, дополнителна тежина добиваат аферите кои го поткопуваат кредибилитетот на политичкиот естаблишмент. Скандалот околу банката Мастер, една од најголемите финансиски измами во историјата на земјата, тешка меѓу осум и девет милијарди евра, се заканува да ја прошири кризата на доверба надвор од вообичаените партиски ровови.
Иако нема докази кои би го товареле Лула, политичката штета произлегува од пошироката перцепција дека корупциските мрежи и понатаму се длабоко вкоренети во институциите – вклучувајќи ги и круговите блиски до власта. Перцепцијата за корупција често ги надминува правните факти, па и самото сомневање може да биде доволно силна алатка за мобилизација на опозицијата.
Слична функција има и обвинувањето на неговиот син за корупција. Фабио Луис Лула да Силва е претприемач, обвинувањата кои доаѓаат од болсонаристичкиот табор немаат потврден судски епилог, но нивната политичка ефикасност лежи во евоцирањето на поранешните корупциски скандали кои се поврзуваат со Работничката партија (PT).
Истовремено, потезите на Конгресот кои одат во прилог на болсонаристичкиот политички простор укажуваат на тоа дека радикалната десница не само што го преживеа поразот од 2022 година, туку и постепено се реинституционализираше. Така, изборите во 2026 година ќе прераснат во уште една тесна и длабоко поларизирана трка со неизвесен исход.
Лула и понатаму располага со силен политички капитал: лична харизма, цврста база меѓу социјално ранливите слоеви и меѓународен углед. Од друга страна, соочен е со ограничувањата кои произлегуваат од слабото упориште во Конгресот, заморот кај гласачите и трајната политичка поларизација, а и ќе наполни 81 година три дена по вториот круг од изборите.
Изборниот судир не се води само меѓу кандидатите, туку и меѓу институциите, наративите и визиите за политичкиот поредок. Значи, судбината на мандатот на Лула нема да зависи исклучиво од неговата популарност, туку и од способноста да го премости јазот меѓу формалната власт и вистинската политичка моќ. Доколку пак ги изгуби изборите, Бразил ќе се приклучи на оската на радикалната десница на власт во Аргентина и Чиле, како и на останатите десни влади во Јужна Америка. А Трамп тоа едвај го чека.
Извор: https://www.portalnovosti.com