Грешница (осум песни)

15.05.2026 18:45
Грешница (осум песни)

Во сабота (16.05.26.) во 18 часот во Прилеп, во „Долапче“ ‒ „Одрадек“ за Евгенија Шуплинова.

 

БЕЛИ ПАТИШТА

Во мене лудо чука срцето на земјата.
Од тоа големо клопче се одвиткува животов.
Неговите конци ги позлатив со сребрена смеа,
ги исковав со солзи радосници.
Од нив девојките плетат љубов,
жените дом.
Од нив татковината везе бели патишта.

 

ГРЕШНИЦА

Ако не се заборавев во една игра
немаше да бидам толкава Грешница.
Ако се крстев пред спиење
и клечев пред богородица
ќе знаев да се молам.
Но, јас не клечам!
Мојата молитва е мојата песна
со очи, грло и солзи;
со снага од земја, вода и небо
изникната од овој живот што го љубам
откорната од овој камен што го носам.
Јас не знам да се крстам и да клечам
Јас не сум света девојка
и нема да раѓам божество.
Моето дете ќе го задојам со лудо млеко
во градите што се насобрало
од невиноста на тревите, цвеќињата и камењата.

 

 

ГРАНКА ОД НЕЧИЕ СТЕБЛО НИКНАТА

Обесена околу вратот на палавиот ветар
ѕвоно сум што низ долината плаче;
нездржлив сум лет што се врти околу осовината на животот.

Гранка сум од нечие стебло никната
со разгранет живот во рака.
Затоа на пролет во мене небото тивко трепери,
потокот разбуден пее —
Земја сум облечена во руба што се зеленее.

 

ЗЕЛЕНА ВРАТА

Сонце, научи ме да одам.
Со чекори посребрени од радост
научи ме да одам.

Водо,
птицо,
кукавице, осамена
научете ме да говорам.
Заспани сказни, разбудете се
и отклучете ја
зелената врата на моето детство.

 

 

ЖЕНА

Доилка сум на ова сонце
што протега раце.
Вода сум тивка и луда
разголена од љубов.
Земја сум низ чии вени
струи животот со сите пет сетила.
Тој како немирен црнец
ме гледа со гладни очи
оросени од правта на месецот.
Во тоа врело око блеска сјај на верност
и грев што во понор ме мами.
Модер зелен отров од нив пијам
и умирам секој ден
за утре повторно да се родам.

II

Сончева сум доилка,
песна,
насмев,
зора...
Мајка што цела ноќ бдее
над лулката од новороденчето;
жена што сама седи во мракот
и чека да се врати тоа, изгубено во сенки.
Старица сум што со нога ја ниша лулката
на спомените.

 

ПОД ЧЕЛОВО КАМЕН

Под челово камен,
земја во утробава.
Слезете ме долу на дождон да се исплачам
во себе ќе изникнам
градина од гороцвети.
Од солзиве таму ќе станам понор
со широко отворени очи.

 

 

ОД ТВОЈОТ ДАХ СЕ ЗАПАЛИВ

Од твојот дах се запалив
и сега горам како тага...
Налик на искра ребрата ми пукаат
во рацете ти од пламен.
Го осетив мирисот на твоето тело
до лудило што ме одведе.
И сега сум јаглен што во огниште догорува —
Љубов, убава и немилосна
болна сум од твоите рани.

 

ИМПРЕСИЈА

Во мене женка се буди
луда снага одвоена од глутницата светлосна.
Некој со прсти ветрови на прозорец чука.
Се крева раката ранета,
се одврзува јазелот на едно раѓање
насадено во мисла
развлечено во трепет
окоравено во немир.
По струните на сонот
месецот гол игра како поулавен маж.

 

 

Блаже Конески за „Грешница“

Песните на Шуплинова изразуваат едно вистинито чувство и потекнуваат од една потреба за исповед. Тоа, се разбира, нè предрасположува за нив, поготово што досега бил толку редок случајот да се разоткрива женската природа во нашата поезија. Жена што влегува во животот таков каков што е, тоа би била можеби најкарактерна определба на она што се кажува во овие песни. Има тука еден развој, една градација на чувства како што ги носел опитот. Жедта и мајчинскиот копнеж се најимпресивно изразени.

„Ќе ти раѓам сè убави синови, / Со очи изворски срните горски да ги пијат, / Со снага ветрова долините да лудуваат, / Со срце камено никогаш да не заљубуваат!“

Една од последните песни меѓутоа вели: „Облаче, со пеплосано од скржавост лице, / за неутешен починок не распнувај шатор од суви сенки.“

Тоа неминовно ја побудува и жалбата за неповратното:
„Заспани бајки разбудете се, и отклучете ја зелената врата на моето детство.“

Блаже Конески за стихозбирката „Грешница“ (1960), првата женска стихозбирка во македонската поезија

 

За Евгенија Шуплинова

Поетесата Евгенија Шуплинова има антологиско значење во нашата земја. Во историјата на овдешната книжевност влезе како прва жена со своја поетска збирка, „Грешница“ (1960, книгоиздателство „Кочо Рацин“), и како прва жена членка на „Друштвото на писателите на Македонија“ (1962).

Евгенија Шуплинова (според матичниот извод и личната карта ‒ Шуплиновска), е родена на 9 јуни 1930 година во пелагониското село Тополчани, од татко Алексо и мајка Христина (Балабаноска). Основно образование завршила во родното село. Во Гимназијата во Прилеп продолжила со школувањето, па се префрлила во Учителската школа во Битола, па во Скопје. Во 1948 му се посветила на новинарството, каде останала целиот работен век, до предвременото пензионирање, поради нарушено здравје, во 1986 година.

Првата песна ја објавила во списанието „Народно здравје“, на распишан награден конкурс за ученици. Песната „Над болното дете“ на конкурсот во 1952 г. добила втора награда. Во тоа време ја објавила и песната „Пролет цветна дојде!“ („Титов Пионер“, подоцна „Развигор“) за која музика напишал нејзиниот учител по музика Илија Николовски ‒ Луј. Песната брзо станала популарна во детските градинки, а ја изведувале и училишните хорови. Охрабрена со првите литературни творби Шуплинова се вклучила на страниците на неколку списанија за деца:„Развигор“, „Другарче“, „Наш свет“, а исто така во дневниот „Задругар“, „Нова Македонија“ итн. Шуплинова е присутна и во букварот и читанките на основните училишта. Поезијата за возрасни најмногу ја објавувала во списанието „Современост“.

Прва новинарска куќа на Шуплинова ѝ бил „Млад Борец“, потоа „Стопански весник“, а во 1955 година преминала и останала во големото семејство на новински гласила, „Нова Македонија“. Како на афирмирана поетеса, особено откако се појавила и со поезијата за деца, ѝ го довериле уредувањето на „Детски репортер“ прилог во тогашниот весник „Вечерен репортер“. Во 1957 година била ангажирана во прилогот за деца во дневниот весник „Нова Македонија“, кој со нејзиното доаѓање прераснал во „Колибри“. Околу една деценија во „Колибри“ таа пишувала поезија и проза за деца. Треба да се истакне и нејзината уредничка работа и влијанието на низа современи писатели на детска литература, но и на литература за возрасни. Нивните први творби, во „Колибри“, поминале низ нејзините раце. Таа нив ги советувала и поттикнувала. Преку „Колибри“ Шуплинова остварила бројни пријателства со афирмирани писатели од Македонија и тогашна Југославија, кои преку нејзе на македонски ги огласувале своите дела за деца.

Евгенија Шуплинова е застапена во десетици антологии за деца, и во неколку за возрасни. Преведувана е на српски, хрватски, словенечки, турски, албански, чешки, украински, полски, италијански, англиски... Носителка е на Орден заслуги за народ со сребрени зраци. Добитничка е на плакети од „Нова Македонија“ и „Млад Борец“. Благодарница добила од „Советот за грижи и воспитување на децата на Македонија и на градот Скопје“.


Слики: Megan Aline

Извор за песните: Евгенија Шуплинова - Грешница („Кочо Рацин“, 1960)

Составил: П. Вулкански
 

ОкоБоли главаВицФото