Списанието „(е)Лит” со збогатени содржини во новиот дванаесетти број

18.05.2026 00:39
Списанието „(е)Лит” со збогатени содржини во новиот дванаесетти број

Здружението за поттикнување на развојот на книжевноста и другите уметности „Креативна верига“ го објави новиот, дванаесетти број на електронското списание „(е)Лит“, кое и овојпат носи богата литературна и уметничка содржина.

Како што информираат од здружението, покрај редовните рубрики, новиот број е збогатен и со нови содржини кои ќе продолжат да се развиваат како серијали и во следните изданија. Акцентот, меѓу другото, е ставен на промовирањето на читањето како значајна општествено-културна навика, но и на отворање поголем простор за книжевни рецензии и критички осврти.

Во списанието е посветен дел и на сеќавањето на заслужните автори. Редакцијата издвојува текст во чест на прерано починатиот писател, есеист и публицист Мишо Јузмески, по повод пет години од неговата смрт. Воедно, почит му се оддава и на поетот Тоде Илиевски, во чија чест Здружението „Креативна верига“ секоја година го организира конкурсот за најдобра песна за деца „Тоде“. Годинава конкурсот бил реализиран по четврти пат со поддршка од Општина Охрид, а песните на наградените автори се објавени во новиот број на „(е)Лит“.

Читателите ќе можат да прочитаат поезија од Владимир Мартиновски, Милена Силјаноска, Светла Јакшиќ, Габриела Стојаноска – Станоеска, Весна Ацевска, Снежана Стојчевска и Адем Абдулаху, додека во прозниот дел се застапени авторите Виолета Танчева-Златева, Оливера Ќорвезироска, Хана Корнети и Анде Јанков. Од регионалната сцена, објавена е и поезија од грчкиот поет Сотирис Минас.

Во делот на рубриката за сликарство и применета уметност, „Четка, четка, четкичка“, претставено е дел од творештвото на концептуалната уметница Ана Калајџиева, а во една од омилените уметнички дисциплини за читателите, стрип-уметноста, овојпат се запознаваме со работата и со творештвото на Здружението „Макстрипови“.

ОкоБоли главаВицФото