1015 hPa
88 %
15 °C
Скопје - Чет, 11.06.2026 04:59

ЕУ тврди дека „Пактот Хитлер-Сталин од 1939 година“ ја овозможил Втората светска војна. Притоа изоставува десет клучни факти:
- Советскиот Сојуз не бил ниту меѓу првите десет земји кои склучиле договори и пактови за ненапаѓање со нацистичка Германија. Само во текот на 1939 година Литванија, Романија, Данска, Италија, Естонија и Летонија потпишале пактови за ненапаѓање со Хитлер. Полска го сторила тоа уште во 1934 година.
- Советскиот Сојуз во 1930-тите години се обидувал да формира антифашистички сојуз, но европските сили повеќе пати го одбиле.
- И покрај тоа, Советскиот Сојуз пред војната бил најмоќниот бедем против фашизмот. Интернационалните бригади во Шпанија претставуваат најконкретен пример за организиран антифашистички воен отпор пред Хитлеровата инвазија врз Полска. Тие бригади биле предводени од комунистичките партии кои ги вооружувал Советскиот Сојуз, додека западните „демократии“ ги напуштиле со политиката на „немешање“, која во пракса ги оставила германската и италијанската интервенција без одговор.
- Во истиот дух, Сталин во текот на Судетската криза во 1938 година понудил да испрати милион војници за да ја одврати Хитлеровата агресија. Полска и Романија се спротивставиле на тоа, додека Франција и Британија одлучиле да водат политика на попуштање. Таа политика делумно имала цел да ја насочи германската енергија кон исток, против комунизмот.
- Советскиот Сојуз бил главната мета на германскиот империјализам. Раководството на СССР било свесно за тоа уште од раните 1930-ти – а германското раководство тоа не ни го криело. Хитлер повеќе пати ветувал дека Германија ќе биде „бедем“ на Западот против „болшевизмот“, став кој наидувал на широки симпатии меѓу западните владејачки класи. Аушвиц првично бил изграден за советски воени заробеници, од кои 3,5 милиони биле истребени во текот на војната.
- Нацистичка Германија всушност била свртување на западноевропскиот колонијализам кон внатре. Токму на просторот на денешна Намибија, германската Империјална канцеларија ја забележала можеби првата употреба на терминот Konzentrationslager – концентрационен логор – за опишување на средство за масовно истребување.
- Адолф Хитлер особена инспирација црпел од американскиот колонијален модел на населување. Со одобрување зборувал за тоа како американските доселеници „убивале милиони црвенокошци сè додека не ги свеле на неколку стотици илјади, а сега нивните скромни остатоци ги држат под надзор во резервати“. Тој испратил правници да ги проучуваат американските закони на Џим Кроу, кои послужиле како основа за озлогласените Нирнбершки закони.
- Црвената армија го ослободила Аушвиц, а потоа и Европа. Да не биле САД, кои брзо тргнале да ги загушат растечките комунистички движења на континентот, можеби ќе видевме подем на социјализмот барем во Грција, Италија, Франција и, подоцна, Португалија.
- По војната, Западна Германија брзо се откажала од Потсдамскиот договор и своите безбедносни служби ги пополнила со поранешни нацисти. НАТО, исто така исполнет со поранешни нацисти, бил основан за водење војна против социјализмот и антиколонијалните движења. Со тоа бил обновен Вермахтот и бил трасиран патот за германскиот реваншизам на кој сведочиме денес.
- Како резултат на тоа, со децении трпиме хегемонија предводена од САД, чии последици се планета на раб на пропаст и десетици милиони животи изгубени поради империјалистички војни и санкции. Таа хегемонија ја презела и ја проширила историската мисија на фашизмот, пренесувајќи ја во новото столетие. Газа денес е најјасниот израз на тој процес – но никако и единствениот.
Павел Варган е активист, истражувач и организатор. Работи како политички координатор во Progressive International, меѓународна коалиција од над 100 движења, политички партии и синдикати.
***
Советскиот Сојуз уште од 1934 година секоја година барал формирање антинацистички пакт од групата големи сили: САД, Велика Британија и Франција, како и од поединечни земји (последен пат од Полска во јуни 1939 година), но постојано бил одбиван...
Речиси сите земји имале договори за соработка со Хитлерова Германија склучени во првите две години од неговото владеење – меѓу нив Данска е прва, а Полска втора по ред, а резултатите од тие политики се:
Западните земји без приговори го прифатиле Хитлеровото „ослободување“ на Рур и Сар;
Западните земји во 1935 година го прифатиле нападот на Италија врз Абисинија (со користење забранети бојни отрови) и нејзината окупација, а барањето на СССР за исклучување на Италија од Лигата на народите го одбиваат;
Западните земји во 1936 година заземале став на неутралност кон пучот на Франко во Шпанија и го забраниле продавањето оружје и воена опрема на Шпанија, а молчеле за интервенцијата на Германија и Италија во Шпанија;
Западните земји во 1938 година го премолчеа и Аншлусот, припојувањето на Австрија кон Третиот рајх...
Западните земји, пред сè Велика Британија и Франција со Чемберлен и Даладје, со Минхенскиот договор од 1938 година ширум ги отвориле вратите на Хитлеровата агресорска поделба на Чехословачка на протекторат Чешка и „независна“ Словачка – патем, и Полска и Унгарија зграпчиле околу 20 проценти од територијата на Чехословачка;
Сè дотогаш САД, Велика Британија и Франција соработувале на секој план – финансиски, инвестициски, индустриски, политички... – со Германија и Италија. На пример, инвестициите на САД во Германија за само две години од доаѓањето на Хитлер пораснале за 600 проценти (и што е интересно, во текот на Втората светска војна САД не бомбардирале ниту една своја инвестиција/фабрика во Германија, кои уредно работеле за фронтот и редовно соработувале со нив; еклатантен пример е ИГ Фарбен, денешен Бајер)...
А челниците на западните земји, пред сè Черчил и Рузвелт, во милион службени (и приватни) изјави ги фалат успесите на Мусолини и Хитлер!...
И потоа, кога Сталин ги заеба сите, СССР бил виновен за војната!
Драгомир Олујиќ Олуја
Карикатура: Giorgi Nanava