Последната песна на птиците на Медитеранот

18.05.2026 13:10
Последната песна на птиците на Медитеранот

 

На пазарот за птици во медитеранското туристичко место Марса Матрух, во Египет, додека гледам во кафезите преполни со диви грлици и препелици, еден од продавачите, гледајќи го негодувањето на моето лице, саркастично ми дофрла на арапски: „Вас Американците ви е жал за птиците, а не ви е жал да фрлате бомби врз нечија земја“.

Можам да му одговорам дека ми е жал и за птиците и за бомбите, т.е. дека едно зло не го оправдува другото. Но, сфаќам дека продавачот кажа нешто вистинито за проблемот со заштитата на природата во свет во кој владеjат меѓучовечки судири. Нешто што не е лесно да се негира. Потоа ц'цка, принесувајќи ги прстите кон устата за да покаже колку се овие птици вкусни за јадење, а јас и понатаму намуртено зјапам во кафезите.

За еден посетител од Северна Америка, каде што ловот на птици е регулиран со строги прописи и каде што само дебели селски деца пукаат во птици песнопојки, ситуацијата на Медитеранот е ужаснувачка. Во медитеранските земји секоја година, поради храна, заработка, спорт или забава, се убиваат стотици милиони птици песнопојки и други, поголеми птици преселници. Се убива сè без исклучок, што може да има катастрофални последици по видовите кои и онака се загрозени поради тоа што нивните гнездилишта се веќе разорени или нарушени од човечките населби. На Медитеранот пукаат и во жерави, штркови и големи птици грабливки, за чија заштита во некои европски земји се издвојуваат милиони и милиони евра. Популациите птици во цела Европа се во драстично опаѓање, а една од причините е и колежот на птиците на Медитеранот.

Најлоши од сите се италијанските ловци и ловокрадци. Во текот на речиси целата година, низ шумите и мочуриштата во внатрешноста на Италија се слуша тресок од пушки и штракање на стапици за птици песнопојки. Големите гурмани Французите и понатаму илегално јадат градински стрнарки, а на долгиот список птици на кои е дозволен лов во Франција се наоѓаат и многу загрозени видови крајбрежни птици. Фаќањето птици песнопојки во стапици и понатаму е распространето во некои делови на Шпанија, а ловците на Малта, фрустрирани што немаат сопствен птичји свет, соборуваат грабливки кои ги прелетуваат за време на преселбата. Кипраните ловат грмушарчиња на големо и ги јадат во огромни количини, и покрај законот кој го забранува тоа.



Во Европската Унија, барем на хартија, постојат ограничувања за ловот на птици преселници. Јавното мислење во ЕУ се залага за заштита на птиците, а разни организации за заштита на природата им помагаат на локалните власти во спроведувањето на законите. (На Сицилија, на пример, која претходно беше озлогласена по ловот на птици грабливки, криволовот е речиси искоренет, а некои од поранешните ловокрадци дури станаа набљудувачи на птици.) За жал, во медитеранските земји кои не се членки на ЕУ, ситуацијата не е подобрена. Напротив, кога минатата година ги посетив Албанија и Египет, открив дека таа драматично се влошила.

Февруари 2022 година беше најстуден во источна Европа во последните 50 години. Дивите гуски, кои обично презимуваат во долината на Дунав, одлетаа подалеку на југ за да избегаат од зимата, а околу 50.000 од нив слетаа во Албанија, каде што гладни и исцрпени сакаа да здивнат. Убиени се сите до последна. Мажите ги покосија со сачмарки и стари руски калашникови, а жените и децата ги товараа и носеа во градовите за да ги продадат во рестораните. Многу гуски имаа прстени кои им ги ставиле истражувачите далеку на север; еден ловец ми раскажуваше дека видел прстен од Гренланд. Иако во Албанија никој не гладува, оваа земја има еден од најниските приходи по глава на жител во Европа. Ненадејната наезда на профитабилни гуски беше буквално дар од небото за локалните селани.

Најисточните миграциски патишта на птиците во Европа водат преку Балканот, а јадранскиот брег, кој инаку е изразено ридски, во Албанија преминува во исклучително богат систем на мочуришта, езера и крајбрежни низини. Птиците кои од Африка патуваат на север веќе со милениуми застануваат овде за да се одморат и закрепнат пред да го продолжат својот макотрпен лет преку Динарските Планини до своите гнездилишта. Исто така, овде се одмораат и на есен, пред да тргнат подалеку на југ преку Средоземното Море.

Под 40-годишната марксистичка диктатура на Енвер Хоџа, тоталитаризмот ги уништи албанското општество и традицијата, но кога се во прашање птиците, тоа не беа толку лоши времиња. Хоџа ја задржа привилегијата за лов и приватно поседување оружје единствено за себе и за своите најлојални соработници. (Дури и денес, во Природонаучниот музеј стојат изложени трофејни примероци на птици кои ги уловиле Хоџа и другите членови на Политбирото.) Но, еден грст ловци не можеше многу да им наштети на милионите птици преселници кои поминуваа оттука, а благодарение на заостанатата државна економија и недостигот на странски туристи, кои избегнуваа да летуваат во Албанија, богатството на крајбрежните живеалишта на птиците остана недопрено.

По смртта на Хоџа во 1985 година, земјата минуваше низ мачна транзиција кон пазарна економија, а во еден период владееше речиси анархија. Тогаш обичните граѓани провалија во воените магацини и се дограбаа до оружје. Дури и кога редот и законот беа повторно воспоставени, Албанците го задржаа своето оружје, игнорирајќи ги државните прописи. Кога економијата зајакна, новата генерација млади луѓе во Тирана ја искажуваше својата нова слобода и просперитет преку купување скапи ловечки пушки, и тоа илјадници, за да можат да го прават она што некогаш го можела само елитата – да убиваат птици.

Неколку недели по големата февруарска зима, во Тирана запознав една млада жена на која воопшто не ѝ се допаѓаше новото хоби на нејзиниот маж – ловот. Ми раскажуваше дека се скарале поради неговата пушка, за чие купување морал да позајмува пари. Пушката постојано ја носел во нивниот „мерцедес“ од 1986 година. Ми опишуваше како еднаш нагло сопрел покрај патот, излетал од колата и почнал да пука во птиците што стоеле на далноводот.

„Би сакал да го разберам тоа“, велам јас.

„Нема да можеш!“, одговара таа. „Јас разговарав со него и пак не разбирам.“ Но, сепак му се јави на мажот ѝ по мобилен телефон за да ни се придружи.

„Тоа стана мода и моите пријатели ме наговорија“, ми објаснува ловецот со малку покајнички тон. „Јас не сум вистински ловец. Не се станува ловец на 40 години. Но, како почетник, чувствував задоволство што имам оружје со дозвола, и тоа многу добро, моќно оружје, а бидејќи претходно никогаш не бев убил птица, на почетокот ми беше забавно. Тоа е како кога ќе дојде лето и ќе посакаш да скокнеш во море. Обично одев сам и по цел час возев по ридовите. Ние немаме прецизно обележани заштитени подрачја и пукав во сè што можев. Беше спонтано. Но, не е баш весело кога ќе помислиш на животните што ги убиваш.“

„Да, што со тоа?“, го прашувам јас.

Ловецот се мурти. „Се чувствувам многу непријатно поради тоа. И моите пријатели исто така сега велат: ’Нема веќе птици. Одиме со часови, а никаде да здогледаме ниту една.‘ Навистина е морничаво. Би било добро властите да го забранат секој лов на околу две години – не, пет години – за птиците да се опорават.“

Една таква наредба би била преседан. Пред седум години, кога криумчарењето дрога и луѓе во крајбрежната зона стана проблем, властите едноставно ги забранија повеќето приватни чамци и јахти. Но, политичката власт во Албанија со мака одржува рамнотежа помеѓу двете главни партии, а ниту една од нив не е подготвена да донесе потенцијално непопуларна уредба за нешто што не е приоритет за мнозинството гласачи.


Всушност, во Албанија постои само еден сериозен заштитник на птиците – Таулант Бино, кој воедно е и единствениот вистински набљудувач на птици во целата земја. Бино е заменик министер за екологија и едно утро ме води во Националниот парк Дивјака-Караваста, кој претставува вистински скапоцен камен меѓу резерватите на албанскиот брег – огромно пространство од морски брег и мочуришта. Средина на март е, време кога ловот е забранет во целата земја и кога Паркот (каде ловот е инаку забранет преку целата година) би требало да биде полн со птици од водните живеалишта кои се селат или тука презимуваат. Но, со исклучок на едно езерце до кое рибарите не дозволуваат пристап, во Паркот нема никаков птичји свет, дури ни диви патки.

Возејќи се покрај брегот, набрзо откриваме зошто нема птици. Група ловци поставиле мамки и пукаат во корморани и во барски птици. Управникот на Паркот, кој е со нас, луто им вика на ловците да си одат, на што еден од нив вади телефон со намера да му се јави на својот пријател во владата. „Ти луд ли си?“, му вика управникот. „Зарем не гледаш дека сум со заменик министерот за екологија?“

Министерството на Бино, барем на хартија, обезбедило доволно живеалишта за одржување здрави популации птици преселници и станарки. „Кога заштитниците сфатија дека економскиот развој би можел да го загрози биодиверзитетот“, ми раскажува Бино, „мислеа дека е подобро да ја прошират мрежата на заштитени подрачја пред тие да бидат загрозени од развојот. Но, не е лесно да се контролираат вооружени луѓе – потребна ви е и полиција. Така, кога во 2007 година затворивме едно подрачје, се појавија 400 ловци кои пукаа во сè живо. Дојде полицијата и одзеде дел од оружјето, но по два дена ни рекоа: ’Тоа е ваш проблем, не е наш.‘“

За жал, за шумарите и ловочуварите кои се одговорни за заштитените подрачја, сè уште важи старата хумористична изрека од комунистичко време: „Државата се преправа дека ги плаќа, а тие се преправаат дека работат“. Последица на тоа е неспроведувањето на законот, што италијанските ловци, ограничени со ЕУ прописите во својата земја, многу брзо почнаа да го злоупотребуваат по смртта на Хоџа. Во текот на седумте дена колку што поминав во Албанија, немаше ниту едно заштитено подрачје што го посетив, а во него да не затекнав италијански ловци, без оглед на тоа што ловната сезона беше завршена дури и во незаштитените подрачја. Како и да е, Италијанците користат нелегална опрема со висококвалитетни снимки од птичји гласови и ловат колку што сакаат и што сакаат.


При мојата втора посета на Караваста, без Бино, гледам двајца луѓе во камуфлажна облека како со пушки влегуваат во чамец, очигледно брзајќи да се оддалечат пред да им се обратам. Нивниот помагач, Албанец, кој остана на брегот, ми соопштува дека и тие двајца се Албанци, но кога ги довикувам, нешто ми дофрлаат на италијански.

„Па добро, да, Италијанци се“, признава помагачот додека тие се оддалечуваат со моторниот чамец. „Тоа се кардиолози од Бари, имаат одлична опрема. Вчера беа овде од зори до полноќ.“

„Знаат ли дека ловната сезона е завршена?“, прашувам.

„Па, не се глупави.“

„А како влегоа во Националниот парк?“

„Па, капијата е отворена.“

„И кој ги зема парите за тоа? Чуварите?“

„Не чуварите. Некој на повисока позиција.“

„Управникот на Паркот?“

Помагачот само ги крева рамениците.

Албанија порано била под власт на Италија и за многу Албанци Италијанците сè уште претставуваат поим за култура и модерен свет. Покрај тоа што прават значителна директна штета, италијанските ловци со себе донесоа и нов обичај да се тамани сè по ред, како и нови методи со кои се служат – особено репродукцијата на птичји довикувања, што е катастрофално ефикасно во привлекувањето на птиците. Сега дури и во најзафрлените села албанските ловци на своите мобилни телефони и ајподи имаат MP3 снимки со гласови на диви патки. Со оваа нова софистицирана опрема, како и со бројката од околу 100.000 ловечки пушки (во земја со три милиони жители) и многу друго оружје кое исто така може да се употреби во лов, Албанија се претвори во огромна црна дупка, која како одвод ја вшмукува биомасата на птиците преселници од источна Европа. Милиони птици слетуваат во неа, но многу малку преживуваат.


Оние попаметните или посреќните ја избегнуваат оваа земја. На плажата во Велипоја набљудувам големи јата патки (пупчарки) како испаничено летаат ваму-таму, дури и далеку од брегот, што дополнително ги исцрпува по преминувањето на Јадранот. А сето тоа затоа што локалните ловци, добро распоредени во засолништа, не им дозволуваат да стигнат до мочуриштата во заднината каде што би се нахраниле. Мартин Шнајдер-Јакоби, кој до својата смрт минатото лето беше експерт за птици во германската организација „EuroNatur“, ми раскажуваше како јатата жерави, кога ѝ приоѓаат на Албанија од море, се делат во две старосни групи. Додека возрасните го продолжуваат летот на поголема висина, неискусните едногодишни птици, здогледувајќи го атрактивното живеалиште под себе, почнуваат да се спуштаат. Но, само додека не одекнат првите истрели од пушките (а секогаш се наоѓа некој да пука прерано), а тогаш се креваат високо и продолжуваат по возрасните. „Тие доаѓаат од Сахара“, ми рече Шнајдер-Јакоби, „а ги чека прелетување преку планини високи по 2.000 метри. Затоа им треба одмор. Можеби и би имале уште сила да прелетаат преку планините, но веројатно не и за успешно гнездење“.

Од другата страна на албанската граница, во Црна Гора, Шнајдер-Јакоби ми ги покажа големите солани кај Улцињ. И црногорските ловци овде ги таманеа птиците исто како и Албанците во своите „заштитени“ подрачја, на само десетина километри оттука. Но, непрофитниот Центар за заштита и проучување на птиците на Црна Гора ангажираше еден чувар со задача да ги пријавува ловокрадците во полиција и резултатот е неверојатен: птици до каде што ви сепнува погледот. Илјадници барски птици и илјадници патки кои забрзано се хранат. Пролетната преселба, која секогаш е импресивна, никогаш не ми изгледала поимпозантно. „Евроазија не може себеси да си дозволи еден таков одвод како што е Албанија“, ми рече Шнајдер-Јакоби. „Убивањето птици е толку усовршено, а сè уште не сме смислиле систем кој би им помогнал на птиците да опстанат. Единственото што моментално изгледа дека има ефект е забраната за лов. Кога Албанците би престанале да ловат, би го имале најдоброто живеалиште за птици во Европа. Луѓето би доаѓале во Караваста за да ги видат жеравите кога се одмораат.“

Ситуацијата во Албанија не е безнадежна. Многу нови ловци изгледа се свесни дека нешто мора да се менува. Со подобра еколошка едукација и пораст на странскиот туризам би можело да дојде до поголема побарувачка на подрачја со недопрена природа. И уште ако државата почне да го спроведува законот во заштитените подрачја, популациите птици брзо би се опоравиле. Кога го однесов оној ловец аматер и неговата жена во Караваста и им ги покажав патките и барските птици на единственото чувано езерце, жената заплака од гордост и среќа: „Не ни знаевме дека имаме вакви птици!“ (Набрзо по мојата посета, нејзиниот маж ја продаде пушката.)


Понатаму кон југот надежта е сè помала. Исто како и во Албанија, историјата и политиката ни во Египет не ѝ одат во прилог на заштитата на природата. Земјата е официјален потписник на неколку меѓународни конвенции со кои се регулира ловот на птици, но старата нетрпеливост кон европскиот колонијализам, засилена со судирот меѓу традиционалната муслиманска култура и човековите слободи кои ги прокламира Западот, влијаат врз властите да не се придржуваат до нив. Згора на тоа, египетската револуција од 2011 година доведе до отворено отстапување од претходната државна политика. Новиот претседател Мохамед Морси не се осмелува да ги спроведува прописите премногу ревносно. Впрочем, тој има многу поитна работа отколку да се грижи за птиците.

За разлика од Балканот, во североисточна Африка постои стара, богата традиција на лов на птици преселници од сите големини. (Месото кое, според Библијата, паднало од небото и заедно со маната ги спасило Евреите на Синај, веројатно биле препелици кои мигрирале.) Сè додека оваа пракса се спроведувала со традиционални методи (рачно правени мрежи и гранчиња премачкани со лепак, мали стапици направени од трска и камили за превоз), штетата по евроазиските птичји популации била сè уште поднослива. Но, денес проблемот е во тоа што традицијата остана иста, а за лов се користат нови технологии со кои се таманат многу повеќе птици.

Она што најмногу ја убива надежта е културолошката разлика, односно различниот став во врска со птиците. Египќаните не прават разлика помеѓу риболов и лов на птици (дури и во делтата на Нил ги користат истите мрежи и за едното и за другото), додека според мислењето на луѓето од Западот, птиците имаат харизма, па со самото тоа и емоционален, па дури и етички статус, кој рибите го немаат. Во пустината западно од Каиро, додека седам под шатор во друштво на шест млади бедуини, ловци на птици, гледам една жолта тресиопашка како потскокнува надвор по песокот. Мојата реакција е емотивна: јас во неа гледам ситно, безопасно, топлокрвно суштество со прекрасно перје кое штотуку прелетало стотици километри преку пустината. А ловецот до мене реагира така што ја зграпчува воздушната пушка и го повлекува орозот. А откако тресиопашката ќе одлета неповредена, тој се чувствува како да му избегала риба од јадицата. Јас пак, чувствувам невидено олеснување.


Овие шестмина бедуини, момци од одвај дваесетина години, подигнале логор во закржлавена шумичка од акации, од сите страни опкружена со песок што се пржи на септемвриското сонце. Патролираат низ шумичката со сачмарки и воздушни пушки, застанувајќи да ги заплашат и избркаат птиците од крошните на акациите со плескање и шутирање на песокот. Оваа шумичка е вистински магнет за сите птици кои мигрираат на југ, а секоја птица што ќе слета таму, без оглед на големината, видот и статусот по прашањето на заштита, бидува убиена и изедена. За овие момци ловот на птици песнопојки е бегство од досадата и изговор за собирање и дружење. Имаат и генератор, компјутер полн со второкласни филмови, дигитален SLR фотоапарат, инфрацрвени очила за ноќно набљудување и еден калашников за пукање од забава. Сите се од добростоечки семејства.

Нивниот утрински улов, закачен на жица како голем куп уловени риби, се состои од грлици, златни вуги и малечки свиркачи. На свиркачите, па дури ни на вугите, нема многу месо, но пред своето долго есенско патување птиците таложат резерви од масти кои можат да се видат како жолти испакнатини на стомакот кога ловците ќе ги оскубат. Послужени со зачинет ориз, птиците се богат ручек. Вугите на Блискиот Исток важат за добри за машката потенција („природна вијагра“, како што ми рекоа), но бидејќи немам потреба од вијагра, се послужувам само со грлица.

По ручекот, еден од ловците влегува во шаторот со жолтата тресиопашка која ја видов како потскокнува по песокот. Вака мртва изгледа уште поситно отколку додека беше жива. „Кутричката“, вели еден од ловците, што предизвикува општа смеа. Тоа беше шега на моја сметка како западњак.

Бидејќи низ египетската пустина веќе не се патува со камили туку со камиони, ловците во екот на есенската сезона можат да го прочешлаат практично секое малку поголемо дрво или грмушка, без оглед на тоа колку се зафрлени. Во некои области луѓето заработуваат од вугите. Ги продаваат на прекупци кои ги замрзнуваат, а потоа ги препродаваат низ земјите на Персискиот Залив. Меѓутоа, Бедуините главно ги јадат птиците што ќе ги уловат или ги подаруваат на пријателите и соседите. На добрите локации, како што е оазата Ал Магра, на пример, каде што се собираат по повеќе десетици ловци, еден ловец може да улови и по 50 вуги на ден.

Иако ја посетувам Ал Магра на самиот крај на сезоната, мамките за вуги (обично мртов мажјак на гранче) сè уште привлекуваат голем број птици, а ловците ретко промашуваат со своите сачмарки. Судејќи според бројот на присутните ловци, изгледа сосема можно само на таа една локација секоја година да се уловат и по 5.000 вуги. Вугите сè уште имаат релативно голема гнездечка евроазиска популација — повеќе од милион парови — но загубите во Ал Магра сами по себе претставуваат значаен дел од еден процент од популацијата: таму има уште многу други пустински ловишта, а птиците се ценети како улов долж египетскиот брег. Така, во суштина, мал број сити и ловци безделници во потрага по природна вијагра држат монопол над овој живописен вид со многу оддалечени летни и зимски живеалишта. И додека дел од нив можеби и користат нерегистрирано оружје за лов на вуги, останатите со апсолутно ништо не го кршат египетскиот закон.


Во оваа оаза запознавам и еден пастир кој е премногу сиромашен за да купи пушка. Наместо тоа, тој и неговиот 10-годишен син користат четири мрежи кои ги фрлаат преку дрвјата. На овој начин тие главно фаќаат помали птици како што се муварки, сврачки и свиркачи. Поради тоа момчето е воодушевено откако успеало да фати во мрежа и еден мажјак вуга со прекрасно златно и црно перје. Трча кон својот татко гордо викајќи: „Вуга!“, а потоа ја коле со нож. Момент подоцна покрај нас прелетува и една женка вуга и се прашувам дали е тоа можеби избезумената женка на оној мртов мажјак. Синот на пастирот ја тера кон една палма со мрежата, но птицата во последната секунда го избегнува дрвото и одлетува во отворената пустина кон југ.

Повеќето Бедуини со кои разговарав ми рекоа дека тие не ги ловат птиците станарки, како што се пупунците и сенегалските грлици. Како и останатите ловци на Медитеранот, и тие сметаат дека можат слободно да ги ловат сите видови што мигрираат; како што Албанците милуваат да кажат: „Тоа не се наши птици.“ Но, и покрај тоа што сите египетски ловци ми признаа дека во последните години има сè помалку преселници, само неколкумина од нив ја прифаќаат можноста дека причината лежи во прекумерниот лов. Некои ловци сметаат дека се виновни климатските промени, а особено е популарна теоријата дека сè поголемиот број електрични светилки на брегот ги плаши и ги брка птиците. (А всушност, светлата попрво би требало да ги привлекуваат.)

Еколошката заштита и едукацијата во Египет се сведени главно на мал број невладини организации, како што е „Заштита на природата на Египет“ (која ни помогна околу оваа репортажа). Европските групи за заштита на птиците трошат значителни парични и човечки ресурси на Малта и во другите земји каде што најмногу се ловат преселниците, додека проблемот во Египет, кој е поголем отколку каде било во Европа, главно се превидува. Како наместо „Тоа не се наши птици“, да мислат: „Тоа не се наши ловци.“

Голема пречка секако е и политичкиот и културолошкиот јаз помеѓу Западот и Блискиот Исток. Основната порака на еколошката „едукација“ би била дека Египќаните треба да престанат да го прават она што отсекогаш го правеле. А проповедањето на нации вљубени во птици како што се, на пример, Англичаните, кои се сè уште омразени поради некогашната колонизација на Египет, би делувало подеднакво апсурдно како што на некој во Мисисипи би му делувале прописите на англиското Кралско друштво за заштита на сомовите.


Во повеќето египетски приморски градови постојат пазари за птици каде што препелица може да се купи за два долари, грлица за пет, а вуга за три, додека малите птици се продаваат за ситнеж. Во близина на еден од овие градови, Ел Даба, ја посетувам фармата на еден човек со бела брада, кој лови толку многу птици што, дури и откако семејствата на неговите шест сина добро ќе се најадат, сè уште му останува вишок за продажба на пазарот. Преку осум високи тамариски и други помали грмушки се распнати огромни мрежи, кои целосно ја опкружуваат шумичката со смокви и маслинки. Тоа се евтини, модерни мрежи, кои во Ел Даба можат да се набават дури во последните седум години. Сонцето е многу силно и птиците песнопојки кои мигрираат пристигнуваат од брегот и бараат засолниште. Бегајќи од мрежата на едно дрво, одлетуваат до следното и така сè додека на крајот не се уловат. Внуците на фармерот се вовлекуваат во мрежите и ги грабаат птиците, а еден од неговите синови најпрво им го кине перјето на крилјата и потоа ги фрла во една пластична вреќа. За само 20 минути видов еден руса сврачка, белогушеста муварка, сива муварка, мажјак на златна вуга, свиркач, црноглава грмуша, два шумски свиркачи, две шаварчиња и многу неидентификувани птици како исчезнуваат во вреќата. Кога седнуваме во ладовина да здивнеме, среде откинатите глави и перјето од кукавици, пупунци и еден јастреб, вреќата е веќе преполна со птици, а од неа допира жалниот глас на вугата.

Според проценките на фармерот за дневниот улов, пресметав дека секоја година помеѓу 25 август и 25 септември тој тамани 600 вуги, 250 грлици, 200 пупунци и 4.500 помали птици. Дополнителната заработка е, секако, секогаш добредојдена, но на фармата очигледно добро би живееле и без тоа. Мебелот во пространата гостинска соба, каде што ме пречекаа со големо бедуинско гостопримство, е сосема нов и со многу висок квалитет.

Насекаде каде што поминав покрај брегот, од Марса Матрух до Рас ел Бар, видов мрежи како оние на овој фармер. Уште поимпресивни се таканаречените невидливи мрежи кои се користат за лов на препелици. Изработени од најтенкиот најлон, овие мрежи се практично невидливи за птиците, а се распнуваат меѓу високи столбови и до повеќе од три метри над земјата. И невидливите мрежи се исто така новост, донесена на Синај пред 15 години, а сега веќе го покриваат целиот египетски брег на Медитеранот. Само во северен Синај, невидливите мрежи се протегаат 80 километри. А долж крајбрежната магистрала западно од Синај, мрежите се простираат по целиот хоризонт и минуваат директно низ туристичките места, пред хотелите и станбените згради.

Поголемиот дел од египетскиот брег е заштитен, но само на хартија. Таа божемна заштита на птиците се сведува само на тоа дека е потребно да се добие дозвола за поставување мрежи. Дозволите се евтини и се добиваат многу лесно, а прописите за висината и ширината на мрежите не се почитуваат. Сопствениците на мрежите излегуваат пред зори и ги чекаат препелиците кои доаѓаат преку морето и се заплеткуваат во мрежите додека ја прелетуваат плажата. Кога денот е добар, во половина километар мрежа може да се фатат по 50 и повеќе препелици. Мојата најниска проценка, заснована на бројки од лоша година, е дека само во крајбрежните невидливи мрежи во Египет годишно се ловат по 100.000 препелици.

И додека во поголемиот дел од Европа препелиците сè потешко се среќаваат, уловот во Египет е сè поголем поради сè пошироката употреба на технологијата која ги репродуцира птичјите гласови. Најдобриот систем – Bird Sound, чиј дигитален чип содржи квалитетни снимки од неколку стотици птичји гласови, во ЕУ е забранет за користење во лов, но и покрај тоа слободно се продава без никакви проблеми. Во Александрија разговарам со спортскиот ловец Ваел Каравија, кој тврди дека тој прв го донел Bird Sound во Египет во 2009 година. Каравија вели дека сега му е жал и дека се кае поради тоа. Обично околу три четвртини од препелиците прелетуваат над невидливите мрежи, но ловците кои користат Bird Sound можат да ги привлечат и оние што летаат високо. Сега речиси сите сопственици на невидливи мрежи во северен Синај користат звук на огласување на птиците, а некои од нив и во пролетната и во есенската сезона. И ловците на големите египетски езера исто така почнаа да го користат Bird Sound, со чија помош во текот на ноќта ловат цели јата патки.


„Тоа штетно ќе се одрази врз птиците. Мора да се одрази“, вели Каравија. „Проблемот е во менталитетот – луѓето сакаат да ловат сè, без никакви прописи и ограничувања. Имаше многу оружје и пред револуцијата, но по неа количината порасна за дури 40 отсто. Луѓето кои немаат пари прават сопствено оружје, кое е многу опасно. Поради тоа би можеле да одат три години на робија, но не им е грижа. Тоа го прават дури и деца. Училиштето започнува во септември, но децата не одат на настава сè додека не заврши ловната сезона.“

На плажата во туристичкото место Балтим се среќавам со некои од тие деца. Со орнитолошките мрежи дозволен е единствено лов на препелици, но попатно секогаш се фаќаат и други помали птици, па дури и соколи кои се хранат со нив. Во предвечерието, додека шетам по Балтим со водич од „Заштита на природата на Египет“ и еден службеник од локалното заштитено подрачје, гледам една преубава барска птица, ситен мал пескар, фатен во мрежа во сенката на станбените згради. Мојот водич Ваел Шохди внимателно се обидува да го ослободи, но во тој момент дотрчува едно момче со мрежеста вреќа во раката во придружба на уште двајца негови другари тинејџери. „Не ја допирај таа птица“, бесно вика. „Тоа се наши мрежи!“

„Не грижи се“, му вели Шохди. „Не ми е првпат да вадам птица од мрежа.“

Ситуацијата и понатаму е тензична бидејќи момчето сака да му покаже на Шохди како да ја извади птицата без да ја оштети мрежата. Шохди, кому најважно му е да ја спаси птицата, успева некако да го малиот пескар жив и здрав. Но, тогаш момчето бара од Шохди да му го предаде.

Државниот службеник Хани Мансур Бишара му вели на момчето дека покрај двете живи препелици во вреќата има и една жива птица песнопојка. „Тоа е препелица“, одговара момчето. „Богами, не е.“ „Добро, не е препелица, туку белоопашка. Но, јас имам 20 години и ние живееме од овие мрежи.“

Бидејќи не знам арапски, дури подоцна дознавам што зборувале. Гледам како Шохди и понатаму ја држи жалицата во рака додека момчето луто посегнува со раката, обидувајќи се да му ја одземе. Иако се наоѓам во земја каде што се таманат милиони птици, несвесно почнувам да се плашам за судбината токму на оваа птица. Му велам на Шохди да го потсети момчето дека е недозволено да се задржи која било друга уловена птица освен препелиците. Шохди му го кажува тоа, но очигледно дека законските прописи не се баш најдобар аргумент за едно разбеснето 20-годишно момче. За некако да го убедат, Шохди и Бишара му објаснуваат дека пескарот е важен вид кој може да се сретне само на калливите спрудови и дека, згора на тоа, може да биде преносител на некоја заразна болест. („Малку лажевме“, ми вели подоцна Шохди.)

„И што е на крајот, заразена птица или важен вид?“, прашува момчето. „И едното и другото“, одговараат во глас Шохди и Бишара. „Ако тоа за болеста е вистина“, вели еден од тинејџерите, „тогаш сите ние одамна би изумреле. Ние јадеме сè што ќе се фати во мрежите. Ништо не пуштаме.“ „Можете да се заразите дури и од зготвени птици“, измислува Бишара.

Мојот страв за пескарот се засилува кога Шохди му ја предава на момчето кое (тоа го сфатив подоцна) се заколнува во Алах дека ќе ја пушти и неа и белоопашката, само нема да го стори тоа додека ние гледаме. „Но, National Geographic мора да се увери дека навистина се пуштени“, вели Шохди.

Видно бесно, момчето најпрво ја вади белоопашката и ја пушта да одлета, а потоа го прави истото и со жалицата. Двете птици како куршум летаат кон своите другарки понатаму долж плажата, без да се свртат. „Го направив тоа само зашто сум човек од збор“, пркосно вели момчето. Иако двете птици одвај претставуваат еден чесен залак месо, гледам по лутиот израз на ова момче колку му беше тешко да ги пушти. Неговата желба да ги задржи беше дури и посилна од мојата тие да бидат ослободени.


Пред да заминам од Египет, поминувам неколку дена со бедуините кои со стапици ловат соколи во пустината. Дури и според бедуинските мерила, за фаќање соколи ви треба навистина многу трпение и слободно време. Некои се занимаваат со тоа веќе 20 години, а сè уште немаат фатено ниту еден од двата најценети вида — степскиот сокол и сивиот сокол, за кои прекупците што ги снабдуваат богатите арапски соколари плаќаат најмногу. Степскиот сокол е толку редок што годишно не се фаќаат повеќе од десет-дваесет парчиња, но добрата заработка (за добар степски сокол може да се добијат и над 35.000, а за сив над 15.000 долари) привлекува стотици ловци кои со недели престојуваат во пустината.

Фаќањето сокол бара сурова употреба на многу помали птици како мамки. Гулабите се врзуваат за колци забиени во песокот и се оставаат на сонце за да ги привлечат грабливците. Грлиците и препелиците се обвиткуваат со фина мрежа со многу мали најлонски јамки за соколите да се заплеткаат со своите канџи кога ќе ги зграпчат. На помалите соколи, како што се степскиот сокол (ластовичар) и ветрушката, им ги зашиваат очните капаци, а за едната нога им прикачуваат тежок мамец во облик на птица, исто така обвиткан со мрежа со јамки. Ловците се возат низ пустината во камионети „Тојота“ и ги обиколуваат врзаните гулаби. Тука и таму запираат за да ги фрлат во воздух онеспособените ветрушки, надевајќи се дека така ќе привлечат некој степски или сив сокол. Слепата и со мамец оптоварена ветрушка не може да одлета далеку. Ловците исто така често врзуваат неослепен сокол за хаубата на камионетот и ги следат неговите реакции додека итаат низ пустината. Ако соколот погледне кон небото, тоа значи дека над нив има некоја поголема грабливка и ловците веднаш скокаат од камионетот за да постават разни мамки. Истата рутина се применува секое попладне, од недела во недела.

Она што ми влеваше најмногу надеж во Египет беше живиот интерес што ловците на соколи го покажаа за мојот прирачник „Птиците на Европа“. Редовно се собираа околу него и полека го прелистуваа наназад, проучувајќи ги илустрациите на птиците што ги виделе и оние што никогаш не ги виделе. Едно попладне, додека набљудувам како еден од нив го прави тоа во шаторот каде што ме послужуваат со јак чај и многу доцен ручек, ми се раѓа луда надеж дека бедуините, иако сè уште не се свесни за тоа, всушност се страсни набљудувачи на птици.

Пред да ни биде послужен ручекот, еден од ловците најпрво се обидува да ги нахрани слепата ветрушка и слепиот јастреб кои се со нас во шаторот, така што им дава ситни птици песнопојки со откинати глави. И додека ветрушката лакомо јаде, јастребот одбива, колку и да му ја турка храната под клунот. Наместо тоа, тој е зафатен со клукање на врвката со која му е врзана ногата. Залудно, мислам јас. Но, кога по ручекот надвор од шаторот им давам на ловците да го испробаат мојот двоглед, одеднаш се слуша викање. Се вртам и го гледам јастребот како излетува од шаторот и исчезнува во пустината.

Ловците веднаш тргнуваат во потера со своите камионети, делумно зашто таа птица им е вредна, а делумно и поради тоа (тоа беше другата работа што ми влеваше надеж) што слепата птица не може сама да преживее, па поради тоа ги гризе совеста. (На крајот на ловната сезона ловците им ги отшиваат очните капаци на своите соколи и ги пуштаат на слобода, ако не за друго тогаш за да не мораат да ги хранат преку целата година.) Ловците возат сè подалеку и подалеку низ пустината со надеж дека ќе го здогледаат јастребот. Загрижени се за него, додека јас имам измешани чувства. Знам дека соколот, ако им побегне и ако не налета на некоја друга група ловци, набрзо ќе угине. Но, во неговата решеност да побегне од заробеништво, макар и слеп, дури и по цена на сигурна смрт, го гледам олицетворението на самото битие на дивите птици и причината поради која треба да се штитат. Дваесет минути подоцна, кога и последниот ловец се враќа во шаторот со празни раце, помислувам: „Оваа птица барем доби прилика да умре слободна“.


 

Џонатан Френцен (Jonathan Franzen,1959) е американски романописец и есеист. Неговиот роман од 2001 година „Корекции“ доби широко критичко признание, му ја донесе на Националната награда за книга, беше финалист за Пулицеровата награда за фикција, ја освои наградата „Џејмс Тејт Блек во спомен“ и беше номиниран за Даблинската меѓународна награда за книга. Неговиот роман „Слобода“ (2010) доби слични пофалби и доведе до тоа да се појави на насловната страница на списанието „Тајм“ под наслов „Големиот американски романописец“. Најновиот роман на Франзен „Крстопат“ беше објавен во 2021 година и е првиот од проектирана трилогија. Последниве петнаесетина години доста се занимава со птиците, со нивната загрозеност во екосферата.

Колажи: Laura Makabresku

Превод: Тим Дисензус

Извор за текстот: Jonathan Franzen - Last Song for Migrating Birds; National Geographic, 2013

Слични содржини

Активизам / Европа / Балкан / Свет
Активизам / Свет / Екологија
Општество / Активизам / Европа / Свет
Активизам / Европа / Свет
Општество / Европа / Балкан / Свет
Активизам / Свет / Екологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото