1015 hPa
82 %
16 °C
Скопје - Чет, 11.06.2026 05:59

Најџел Фараж
„Сведоци сме на историски пресврт во британската политика“. Со овие зборови на новинарите им се обрати лидерот на британската популистичка десница Најџел Фараж, откако неговата партија „Реформ УК“ стана неприкосновен победник на локалните избори во Англија одржани на 7 мај, уривајќи го со тоа вековниот дуопол на британските Лабуристи и Конзервативци.
Нов конкурент се појави и на левицата преку Партијата на зелените, а истовремените избори за парламентите на Шкотска и Велс резултираа со победа на тамошните националистички партии. Британското статус кво веројатно е неповратно скршено, а зајакнувањето на партиите со дијаметрално спротивни идеи за иднината на заедничката држава потенцијално го доведува во прашање и самиот опстанок на Обединетото Кралство.
„Реформ“ на ниво на цела Англија ја доби довербата на околу 26 отсто од гласачите, освојувајќи 1.454 од 5.066 пратенички мандати во единиците на локалната самоуправа, за кои се гласаше. Владејачките лабуристи освоија 1.068 мандати, речиси илјада и пол помалку од она што го имаа досега. Конзервативците, кои и понатаму ја претставуваат главната парламентарна опозиција, добија 801 мандат, завршувајќи зад Либералните демократи.
Партијата на зелените го оствари својот најдобар изборен резултат досега со освоени 18 отсто од гласовите и 587 мандати. Англиските гласачи им свртеа грб на етаблираните партии. По изборниот потоп на конзервативците на парламентарните избори во 2024 година, дојде ред и на лабуристите предводени од центристичкиот премиер Кир Стармер.

Зак Полански
Неуспесите на Стармер во санирањето на штетата предизвикана од четиринаесетгодишното владеење на неолибералните конзервативци резултираа со брзо губење на поддршката меѓу широките слоеви на британското општество. Станбеното прашање и сè поочигледната дисфункционалност на системот за јавно здравство се невралгичните точки со кои лабуристите едноставно не можат да се фатат во костец.
Левицата им замерува на лабуристите и за континуираната државна репресија врз пропалестинските активисти кои бараат прекин на односите меѓу Обединетото Кралство и геноцидните власти во Израел. Нејасниот став кон европските интеграции е предмет на критики и од лево и од десно.
Според истражувањето на „Гардијан“, „Реформ“ на локалните избори помина најдобро во социоекономски осиромашените региони, и тоа најмногу во деиндустријализираните делови на северна и централна Англија кои економски не се опоравија уште од времето на неолибералните реформи на Маргарет Тачер.
Од друга страна, Партијата на зелените оствари забележително подобри резултати во краиштата со пораспространето изнајмување станови и поголем удел на исламското население. Зелените под водство на Зак Полански почнаа да ставаат сè поголем фокус на решавање на станбеното прашање во британските градови и се залагаат за изградба на социјални станови и построга регулација на кириите.
Зелените воедно се многу активни и во движењето за солидарност со Палестина, со што на лабуристите им презедоа добар дел од разочараните муслимански гласачи. Слична стратегија неодамна се обиде да спроведе и левичарскиот поранешен шеф на лабуристите Џереми Корбин, но неговата политичка платформа се распадна пред воопшто да заживее. Поделбата меѓу англиската левица и десница содржи и генерациска компонента: гласачите на „Реформ“ во просек се постари од гласачите на зелените и лабуристите.

Кир Стармер
Релативното мнозинство на изборите за шкотскиот парламент во Единбург го освои Шкотската национална партија (СНП). Лабуристите, кои на изборите за британскиот парламент во 2024 година освоија мнозинство од шкотските гласови, овојпат доживеаја дебакл – во голем дел поради негативната перцепција за лондонската влада на Стармер. Стармер минатата година ја отфрли можноста за распишување нов референдум за независност на Шкотска, што на СНП ѝ даде можност во предизборната кампања да се фокусира токму на распишувањето на тој референдум.
И додека шкотскиот премиер Џон Свини се надева дека изборниот пораз ќе го принуди Стармер на преговори за можно спроведување на референдумот, националистичката партија Партијата на Велс ја прекина вековната доминација на лабуристите, освојувајќи релативно мнозинство. Велшките гласачи ги казнија лабуристите поради недоследното спроведување на политиката на деволуција и неуспешното санирање на проблемите во здравството и школството.
Сепак, и во Шкотска и во Велс одличен резултат постигна и „Реформ“, кој не само што се противи на сепаратизмот, туку ги критикува и постојните автономни институции. Велшките и шкотските националисти сигурно се свесни за опасноста што ја претставува Фараж за нивните интереси и ќе ја искористат таа опасност за понатамошна политичка мобилизација.
Што се однесува до Стармер, во рамки на Лабуристичката партија сè погласни се повиците за негово повлекување. Оставка од Стармер побараа повеќе од осумдесет лабуристички пратеници во парламентот, а од функцијата се повлекоа четворица министри.
Извор: https://www.portalnovosti.com/