Планета на бубашвабите

01.04.2011 10:43
Планета на бубашвабите

Зошто јапонската катастрофа е голема? Зашто несреќата од епски размери се случи во една развиена земја во која, како што јавуваат сите светски медиуми, живеат „организирани“ луѓе кои не беа „обземени од паника“.

Се сеќавате ли на големите катастрофи во Африка, Индија, на Хаити, Индонезија, Њу Орлеанс... Кој се грижи денес што толку милиони црни или кафени луѓе исчезнаа поради глад, недостаток на вода, сида... Тие дивјаци се толку далеку од нас што и не знаеме дали постојат.

Хаити... Од Хаити агенциите ни праќаа фотографии од ѕверовите кои газеа едни преку други и се бореа за стотина грама нешто зрнесто кое „хуманитарецот“ ќе им го фрлеше од камионот.

Индија за поголемиот дел од нас претставува област низ која шетаат свети крави, а слепите, шугави и валкани бедници лежат на правливиот пат.

Њу Орлеанс? Прекрасен црн град кого валканата вода за неколку часа го претвори во полјанка прекриена со црни трупови. Буш само фрли еден поглед на него од хеликоптерот. Дознавме дека еден од најубавите американски градови исчезна од лицето на земјата бидејќи браните биле изградени од лош материјал. Сето тоа се знаело и пред потопот, ама никому не му било гајле.

Кога во еден дел од светот поради цунами, земјотрес или страшни болести ќе цркнат милиони „неорганизирани“, Цивилизираните на тоа гледаат како на решавање еколошки проблем. Сиромашните никогаш нема да бидат група човечки суштества вредни за љубов или сочувство. Тие се на светов да им служат на богатите за да станат уште побогати. Ако во таа работа ги прекине големиот бран, на нивното место ќе дојде нова група, до следниот бран.

Ни Чернобил, колку и да беше глобален, ништо не ги научи господарите на светот. Да беше Јапонија, денес поинаку ќе изгледаше. Зошто ова што сега го гледаме на сите телевизии е нешто што нè погоди во срце? Бидејќи развиената, блескава Јапонија ни изгледаше како ветената земја. Во неа живееја уредни, работливи луѓе кои не доцнат на работа, не се туркаат во подземната железница, децата, откако ќе се родат, ги учат дека мораат да бидат најдобри и само најдобри, нивните министри, кога ќе заебат нешто, веднаш поднесуваат оставка, а многумина од нив и се самоубиваат...

Токио... На Интернет страниците го гледаме Токио „пред“ и Токио „потоа“. Токио „пред“, благодарение на нуклеарната централа, беше град на светлината кој живееше 24 часа на ден. Токио „потоа“ се мрачни згради и празни улици. Како така?

Крајот на светот во земја во која живеат луѓе толку понакви од темнокожите дивјаци? Ни во овие тешки мигови не газат едни врз други за да дојдат до храна. Па сепак... Сепак до нас допира веста дека ни „организираноста“, ни „цивилизираноста“ ни „самоконтролата“ воопшто не им помогнале.

Стотици илјади Јапонци гладуваат, се тресат на студот и живеат без струја и вода. Во Токио нема ориз. Продавниците за храна зјаат празни. Каде е тука добрата организација? Нуклеарките, изградени во Јапонија, горат и зрачат радијација онака како што ќе прави нуклеарката Кршко која е изградена на дивиот Балкан.

Стручњаците сè уште не се договориле дали тоа се случило зашто цунамито било „превисоко“, земјотресот „пресилен“ или проблемот е во контролата која не била толку организирана како што се очекуваше од организираните Јапонци?

Никогаш нема да ја дознаеме вистината, ама сега ни светнува дека светот се однесува кон Јапонија онака како што се однесуваше кон Индонезија, Индија или некоја африканска пустелија, бидејќи и Јапонија преку ноќ стана пустелија.

Црвениот крст отвора сметки, се праќаат донации, ама прашање е каде ќе завршат парите, нашата влада ќе заработи убави пари на ДДВ од кој не се откажува ни на петте куни (парична единица во Хрватска, заб. на прев.) што им ги подаруваме на смрзнатите Јапопонци, а кои тешко дека ќе стигнат и до нив...

Нема разлика во цивилизираноста на смртта кога таа е последица на вишата сила. Смртта има илјадници лица, ама завршницата секогаш е иста. Жртвата умира во страдање и под телата на гладната црна толпа која се качува на расклатениот камион за да се изгребе за брашно, но и кога тивко чека во ред за грст ориз зачинет со радијација. Радијација? Во Европа се продадени сите Гајгерови бројачи, иако кај нас стигнува „сосем безопасен радиоактивен облак“.

Додека на Јапонците сè уште не им текнало дека земјата им е уништена, дека никој нема да купува озрачена стока произведена во Земјата на изгревот на сонцето, НАТО тргна на Либија за од Гадафи да ги спаси „бунтовниците“ кои претходно ги вооружи. Иако Американците рекоа дека ќе се исклучат од оваа хуманитарна акција, не го одржаа зборот. Тешко е да се воздржиш кога во игра е „одбраната на цивилите“. Кога Цивилизацијата ќе победи и во оваа праведна војна, главните градови на НАТО-државите ќе блескаат онака како што Токио блескаше порано. Нафтата прави чуда.

Сакам да кажам дека светот не се менува. Сиромашни има сè помалку, без разлика дали живеат во Индонезија, Јапонија, Хрватска, Америка, Франција или Либија, а на богатите никогаш не им е доста. Тие во браните вградуваат евтини материјали, градат нуклеарки на морскиот брег, а врска немаат, или имаат ама воопшто не им е грижа, колку може да биде разорен земјотресот, а колку високо цунамито, и убиваат за да дојдат до нафтата...

Сè е така банално, а господарите на нашите животи сè уште не знаат дека планетарната несреќа во која живее светската сиромаштија е идната несреќа и на сите светски богаташи. Можеби природата во моментов е малку лоша кон бедните кои живеат во вечен мрак, но случајот со Јапонија покажува дека исчезнуваат и земјите кои до вчера се капеа во светлина.

Зошто господарите на светот мислат дека е нормално што диносаурусите повеќе не чекорат по нашата планета, дека цунамијата и земјотресите ги убиваат сиромашните и дека на светов само богатите се неуништливи?

Колку само ќе ни се потсмеваат бубашвабите кога повеќе нема да нè има.

Извор: protest.ba

Преубава статија,апсолутно

Преубава статија,апсолутно вистинита и потресна,за жал.Особено последната реченица,браво!

ОкоБоли главаВицФото