Изложба „Меѓу нас“ на Горан Костовски ќе биде отворена на 3 јуни во Мобилната галерија

21.05.2026 02:19
Изложба „Меѓу нас“ на Горан Костовски ќе биде отворена на 3 јуни во Мобилната галерија

Проектот произлегува од долгогодишното истражување на темата „Славење на животот“, започнато во 2011 година, а во оваа фаза е насочен кон емпатијата, љубовта и колективната грижа како двигатели на подобра иднина.

Изложбата преку илустрации, платна и графики создадени во последните години ја истражува емоционалната состојба на човекот и неговата поврзаност со природата и заедницата. Цветот е поставен како централен мотив и симбол на раст, ранливост и трансформација, преку кој се пренесуваат состојби на љубов, тага, радост и надеж.

„Меѓу нас“ отвора и прашања поврзани со менталното здравје како заедничка одговорност, повикувајќи на дијалог, поврзување и солидарност. Изложбата е замислена како терапевтски и ангажиран простор што поттикнува чувство на припадност и можност за промена преку мали, но значајни гестови на грижа.

Горан Костовски – Индог е илустратор, дизајнер, уличен уметник, DJ и активист. Во својата практика ги спојува визуелната уметност, музиката и активизмот, соработувајќи со различни организации, компании и уметници.

Во 2011 година ја основа DIY (Doing Yourself In), како и унисекс етикетата Celebrate Life, преку која промовира позитивни пораки и урбана култура. Од 2020 година го води и подкаст посветен на менталното здравје, со повеќе од 100 реализирани епизоди. Активно изложува и настапува во земјата и странство.

Слични содржини

Активизам / Квир / Уметност / Настан

ОкоБоли главаВицФото